1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Германија и се потребни јасни корона-правила

Мануела Каспер-Клериџ
27 август 2020

Сојузната збрка, каде и што е дозволено, а што не, не смее да продолжи. Потребен ни е јасен план за заштита од коронавирусот за цела Германија, смета Мануела Каспер-Клериџ.

https://p.dw.com/p/3hb9t
Deutschland Coronavirus Wiedereröffnung der Kinos
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Michael

Ние сме дисциплинирани и совесни, се вели за нас Германците. Затоа досега донекаде добро минавме низ корона-кризата. Но, тоа е минато. Оној кој деновиве сведочи на случувањата во Германија, гледа недисциплина, несигурност и во еден дел- хаотично делување на носителите на одлуки.
Па така, во сојузната покраина Берлин се дозволени собири на повеќе од 500 лица во затворени простори; во соседниот Бранденбург смеат да се собират дури 1,000. Во Северна Рајна Вестфалија во сила е обврска за носење заштитни маски во сите училишта и тоа: на настава, во ходниците и во дворовите. Во Берлин се полежерни, па за време на наставата не мора да се носат маски. Се наметнува впечаток на самоволие.
Што е всушност темел за одлуката за мерките за заштита од корона? Има ли секој политичар свој експерт кој на различен начин ја проценува опасноста? За луѓето е тоа збунувачки. Бројот на заразени во Германија расте, многумина се заразија на годишните одмори. Но зошто тогаш обврската за тестирање на повратниците од ризичните подрачја беше воведена дури откако половина Германија повторно беше дома?
И зошто мора на аеродром да се држи дистанца од 1,5 метри, а потоа во преполн авион се туркаме со други луѓе на соседните седишта? Зошто во внатрешноста на рестораните е дозволен истовремен престој на мал број луѓе, а во големите трговски центри честопати воопшто не се контролира бројот на купувачите? Таа мешавина од различни правила доведува до тоа се повеќе луѓе да не се придржуваат до никакви правила. Се одржуваат забави како коронавирусот да беше само дух кој сега исчезна.
Тоа веќе не може така. Потребни ни се јасни и единствени правила во Германија, како и посветеност и дисциплина на политичарите кои корона-кризата нема да ја користат само за свое профилирање, туку ќе настапуваат единствено- за заштита на сите.

DW Kommentatorenbild Manuela Kasper-Claridge
Фотографија: DW/R. Oberhammer
DW Kommentatorenbild Manuela Kasper-Claridge
Мануела Каспер-Клериџ Главна уредничка на Дојче Веле@ManuelaKC