На Галичица ќе се гради ски-центар
26 март 2012Владата во Скопје денеска објави дека го задолжила ресорното министерство за економија во најкус можен рок заедно со претставници на ХОТАМ да ја проверат можноста за изградба на зимски туристички центар на Галичица, односно идејниот проект што би се реализирал преку формирање јавно приватно партнерство.
Самиот проект за изградба на зимски туристички центар е покренат во 2006. година, а предвидува почетна инвестиција во висина од 2,86 милиони евра, за изградба на прифатен скијачки центар со сета потребна инфраструктура за зимски туризам и три локации за ресторани од монтажен карактер.
Поволна инфраструктура
Предвидено е в среда во Охрид да се одржи состанок на членовите на ХОТАМ, на кои ќе се разговара за нивната заинтересираност за реализација на тој проект.
Инаку, со својата местоположба како и поволните временско-метеоролошки услови Галичица пружа идеални услови за развој на туризмот, и тоа преку целата календарска година. Особеносе добри условите за развој на зимскиот туризам, за кој од ХОТАМ сметаат дека би придонел за поголем економски развој, би овозможил директна егзистенција на одреден број граѓани и би ја збогатил целокупната туристичка понуда во Охридско-преспанскиот регион, но и продолжување на туристичката сезона за 60 до 70 дена.
Во 70-те години на минатиот век на Галичица имаше еден стар сместувачки објект изграден во планинарски стил со 120 легла. Во тој период беше направена и ски-патеката, а од страна на туристичките агенции беа поставени и два монтажни ски-лифтови, со што во одредени викенди на Галичица имаше и до илјада посетители дневно, а се одржаа и неколку велеслаломски трки во рамки на тогашното републичко првенство. Иако со одлука на тогашните општински институции согласно одобрениот план на Дирекцијата за просторно планирање во 1977 година беше одобрен Основниот урбанистички план за изградба на Спортско-рекреативен центар на Галичица, иницијативата замре поради еден немил настан кога изгоре бараката на феријалниот сојуз.
Во прилог на иницијативата за изградба на ски-центар на Галичица оди и податокот што речиси постојат сите неопходни инфраструктурни предуслови за негово функционирање, уште повеќе што доколку проектот биде реализиран, Галичица би била скијачки центар со најмала оддалеченост од меѓународен аеродром на Балканот.