1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На бизнис „преживување“ во САД

М. Каспер-Клериџ/Б.Г.15 ноември 2014

Млади претприемачи од Германија, со поддршка од владата, се обидуваат да ги продадат своите бизнис-модели на најразвиениот светски пазар - САД. Задачата не им е воопшто лесна.

https://p.dw.com/p/1Db0p
Фотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images

Речиси 200 страници броеше неговото барање за добивање бизнис-виза за САД, а процесот траеше четири месеци. Конечно, Штефан Херлих сега има право да работи како претприемач во САД во следните пет години. „Јасно е дека не можете туку така да заминете во некоја земја и таму да си работите“, вели 38-годишникот. Херлих не остава впечаток на класичен млад почетник-претприемач, кој ноќе јаде пица и размислува за нови бизниси. Тоа се и онака предрасуди, вели Херлих за ДВ. Тој смета дека мнозинството млади претприемачи се на возраст меѓу 30 и 45 години, затоа што дури тогаш се во можност да конципираат успешни бизнис модели.

Фирмата чиј коосновач е Херлих се вика „Интраворлд“. На неговата бизнис-картичка гордо стои „претседател“. Интраворлд развива специјален софтвер за претприемачи, кој им помага да најдат адекватен персонал. Во Германија веќе имаат големи фирми за муштерии, а се надеваат дека тоа ќе им појде од рака и во САД. „Замислете си само едно нешто. Само Прајс Вотерхаус годишно вработува 15 илјади луѓе“, вели претприемачот, а очите му светкаат.

Да се освои американскиот пазар

Херлих работи во една голема канцеларија со 50-60 работни маси во њујоршката населба Сохо. Дел од овие работни места им припаѓаат на германските „старт-ап“ фирми. Освен Интраворлд, тука се сместени уште две слични германски фирми. Тука се од јули годинава, а дојдени се со финансиска поддршка на германското министерство за економија. Организациска помош добиваат од германско-американската трговска комора и од стратешки партнери. Надежите се дека тоа ќе им помогне на германските фирми да го освојат американскиот пазар.

Координатор на проектот наречен „Германски акцелератор“ е Теди Голдштајн, кој и самиот некогаш почнал со слична старт-ап фирма. „Фирмите ги бира жири. Тоа е интензивен процес. Откако ќе бидат избрани, можат три месеци да работат во ’Германскиот акцелератор’ и притоа добиваат и ментори кои ги поддржуваат“.

„Токму менторската мрежа е одлучувачка“, вели Тобиас Шмит од старт-ап фирмата „WyWy“. „Канцеларии е лесно да изнајмите, но контактите се многу поважни“, вели тој. Затоа Шмит работи веќе три месеци во Њујорк заедно со други млади претприемачи. Неговата фирма веќе собра почетен капитал во Германија и таму успешно работи.

Jahresrückblick 2008 International September USA Wirtschaft Lehman Brothers Hauptgebäude in New York
Фотографија: AP

Три месеци за успех

Шмит вели дека Њујорк е најтешкиот маркетиншки пазар воопшто. WyWy развива софтвер кој се концентрира на т.н. „двојни екрани“, на пример преку смарт телефоните. Во пракса, неговиот софтвер овозможува доколку на телевизија видите нешто што ви се допаѓа, на пример, облеката на некој актер, веднаш и да ја купите преку посебна апликација на вашиот телефон. Благодарение на неговиот ментор, Шмит за кусо време успеал да воспостави добри контакти во Њујорк.

Трите месеци во „Германскиот акцелератор“ мора добро да се искористат, и тоа го знаат сите. Веќе во јануари пристигнува новата група млади претприемачи. Изборниот процес веќе е во тек. На конкурсот се пријавиле повеќе од 80 млади бизнисмени.