Муслимански спортисти тренираат и за Рамазан
4 август 2013Сулејман Бајсал дрибла топка за фудбал на Арминиа Хасел теренот во Гелзенкирхен, додека сонцето пече. Поминати се 15 часа откако нешто јадел или се напил вода, но тренингот за фудбал не запира за време на Рамазан. Како и повеќето муслимани, 21 годишниот студент на англиски и филозофија, го почитува исламскиот свет месец со постење од изгрејсонце до зајдисонце. „Секогаш ги слушам истите реченици како „Не ли сакаш нешто да пиеш“? или „Како успеваш да го правиш тоа“?, вели Бајсал. Но неговиот одговор е едноставен: „Не ми се пие ништо. Навистина немам потреба“.
Околу 4 милиони муслимани - или 5 проценти од населението- живеат во Германија и според Централниот совет на муслиманите, повеќе од 94 проценти од работоспособните муслимани во Германија, постат за време на Рамазан. Бајсал пости веќе десет години. За спортистите, ритуалот значи преземање на посебни мерки.
Угледување на професионалците
Бајсал го прекинува постот околу 21 часот и става аларам за 3 часот наутро за да испие уште еден литар вода пред зората. Половина од неговиот тим, „Јег Хасел“, пости. Бајсал тренира тим од 9 и 10 годишни деца, и тие ја почитуваат неговата посветеност. Бајсал вели дека младите спортисти ги кријат своите шишиња со вода за тој да не ги види како пијат: „Им велам дека нема потреба да го прават тоа - нека си пијат, но тие се многу внимателни“.
Во 2010 година, Германската фудбалска асоцијација (ДФБ), Германската фудбалска лига (ДФЛ) и Централниот совет на муслиманите објавија дека професионалните фудбалери се ослободени од постење за време на Рамазан. Но дел од нив се` уште постат. Бајсал бара инспирација во тие играчи, како фудбалерот на Бајерн Минхен, Франк Рибери, кој стана муслиман.
„Тоа се играчи кои се во врвните лиги, во најдобрите клубови, заработуваат многу пари, прават се` што еден професионален фудбалер прави, и постат и тренираат три пати во денот“, вели Бајсал. „Тие ми се идоли“.
Посебен план за тренирање
Во Винг Цун клубот за боречки вештини во Дуизбург-Валсум, Огузан Батар тренира со дрвена фигура. Неговиот татко е сопственик на студиото и 23 годишниот ги тренира членовите во клубот, самоодбрана. За Батар, Рамазан е поинаков. Тој тренира за да се натпреварува во професионален бодибилдинг и не може да ризикува да изгуби мускулна маса пред тоа.
„Бидејќи тој натпревар ми е сон од детството, решив да не постам една година“, вели Батар. „Секогаш постев последниве години и ги следам датумите, така што ќе надополнам со постење после натпреварот“. Половина од неговите клиенти постат на Рамазан така што тој подготвува специјален тренинг за нив, кој е фокусиран на техниката наместо на силата. „Има помал напор на циркулаторниот систем и поголем фокус на моторните вештини и мозокот“, објаснува тој.
Од лично искуство, Батар знае дека фитнесот и постењето секогаш не можат да одат заедно. „Ова е забележливо кога вообичаено дигаш тегови од 80 килограми десет до дванаесет пати, а потоа имаш проблем да дигнеш само 60 килограми“, вели бодибилдерот.
Постењето ги слабее мускулите
За време на Рамазан, Батар вели дека е невозможно да се прават мускули бидејќи телото што пости се одржува на неговите масни резерви. Лекарот Матиас Ридл, член на Германската асоцијација за нутриционистички специјалисти, се согласува. „Секој што пости ги губи мускулите“, вели тој.
Ридл вели дека телото мора да прими еден грам протеин по килограм телесна тежина, и ова треба да биде распоредено на три оброка за еден ден бидејќи големите количини не можат да бидат обработени одеднаш. „Бодибилдингот зависи од внесување на одредена количина на протеин пред вежбањето и два часа по вежбањето“, дополнува Ридл.
По тој пример, Батар ги советува своите клиенти да вежбаат навечер точно пред прекинот на постот. За да се спречи дехидрирање, главоболки и грчеви во мускулите, тој препорачува ограничување на тренингот на 45 до 60 минути. Не ги делете вежбите за мускули, како за нормален тренинг, вели тој. Наместо тоа, вежбајте го целото тело.
„Комбинирање на тренинзи за време на Рамазан е напорно“, вели Батар. „Го турка телото до крајните граници“.
Месец за молитва
И покрај предизвиците на постењето, и двајцата спортисти велат дека има и предности. Фудбалерот Бајсал цитира извори кои велат дека постењето го чисти телото од отрови. Ридл, меѓутоа, останува скептичен.„Луѓето кои постат неколку дена, имаат сериозни оштетувања на својот мускулен систем“, вели Ридл. „Нема никакви позитивни ефекти од постење“.
Иако ритуалот е оспоруван, Рамазан е еден од петте клучни столбови на исламот. Се смета за почит кон тие што се сиромашни и мора да се одрекуваат од храната секој ден, вели Батар: „Причината е едноставно да се разберат потребите на другите луѓе, како е да се нема ништо и да се цени тоа што го имаш“.
Фудбалерот Бајсал ги надминува своите напади на глад со фокусирање на духовното искуство. „Постењето е еден вид на молитва која трае околу 15 до 16 часа. Што значи дека си поврзан со Бог за 15 до 16 часа“, вели тој паузирајќи. „Само што ќе помислам на тоа, добивам морници, бидејќи е навистина добро чувство“.