1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муслиманите против омразата и неправедноста

Бетина Маркс / Александра Трајковска 19 септември 2014

Мировни молитви наместо проповеди за омраза, умереност наместо екстремизам, толеранција наместо фанатизам. Муслиманите во Германија за в петок повикаа на ден за акција под мотото: Против омразата и неправдата.

https://p.dw.com/p/1DDjM
Фотографија: Picture-Alliance/ZB

Муслиманите во Германија сакаат да испратат сигнал против омразата и неправдата. За денеска (19.09.) четирите големи исламски сојузи повикаа на ден на акција ширум Германија. Во повеќе од 2.000 џамии би требало да се искористи петочната молитва за да се изрази заложбата за толеранција и мировен соживот. Централните манифестации треба да се одржат во осум големи џамии и на нив се поканети претставници од полтиката и општеството. Во Хановер се очекува министерот за внатрешни работи Томас де Мезие, во Берлин треба да присуствува градоначалникот Клаус Воверајт, а во Минхен ополномоштеничката за интеграција Ајдан Озогус.

Напади врз џамиите

Во последниот месец имаше пет напади врз џамии, вели Али Кизилкаја, претседател на Исламскиот совет и портпарол на Советот за координација на муслиманите во Германија. Ова е, статистички погледнато, досега највисокиот број на напади врз џамии. Во август во населбата Кројцберг во Берлин беше запалена и тешко оштетена џамијата Мевлана. „Тоа не вознемири. Сметаме дека како општество мора да стоиме рамо до рамо кога има деликти на омраза или слично, дали против џамии, синагоги или цркви“, вели Кизиклаја. Напад против една божја куќа, сеедно од која религија, би морал да се протолкува како „напад против сите нас“ и не смее да биде толериран од општеството. „Затоа ги повикуваме сите да го подигнат гласот против расизмот, заеднички да се залагаме за нашиот мировен демократски поредок и да му кажеме НЕ на екстремизмот од секаков вид“.

Mevlana-Moschee
Фотографија: picture-alliance/dpa

Протест против злоупотреба на исламот

Протестот на муслиманските здруженија меѓутоа не е насочен само против нетолеранција и напади во Германија, туку и против екстремизмот и фанатизмот во целиот свет. „Ние не сакаме да молчиме за неправдата во светот“, рече Ајман Мазиек, претседател на Центраниот совет на муслиманите во Германија. Муслиманите во Германија особено ги загрижува победничкиот поход на терористичката милиција Исламска држава (ИД) придружуван од незамислива свирепост.„Ние муслиманите не сакаме да молчиме, кога се злоупотребува името на исламот, кога тој е киднапиран од злосторници и терористи“, вели Мазиек. Германските исламски здруженија сакаат „јасно да стават до знаење дека терористите и злосторниците не зборуваат во името на исламот, дека со нозе ги газат заповедите на исламот и дека убијците и злосторниците во нашите редови немаат место во нашата религија“. Мазиек ги повика медиумите да бидат посензибилни при изборот на зборовите. Тие не би требало да говорат за „радикално-исламистички“ струи и групации, туку за екстремисти.

Salafisten in Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa/B.Roessler

Млади екстремисти

Исламските здруженија се многу загружени за радикализираната муслиманска младина - млади кои им се приклучуват на екстремистичките групи како салафистите или на терористичките организации како Ал Каеда и ИД. „Многумина од овие млади не се социјализирани во нашите заедници“, вели Зекерие Алтуг, претствник на Турско-исламската унија (Дитиб). Општеството не може да допре до овие млади и да ги одврати од нивниот погрешен пат. „Секој млад, кој ќе го загубиме, го губи целото општество“ подвлекува Сејфи Огутлу, генерален секретар на Сојузот на исламските културни центри. За застранувањето на некои млади луѓе имало социјални причини, дезориентираност, недостиг на интеграција и недоволно образование. За да се спречи радикализацијата на младите многу е важна работата со младите во општините. На исламските здруженија меѓутоа им недостатувале неопходните средства. Тие се надеваат на поголема поддршка и финансиска помош од државата.

Tag der Offenen Moschee in Berlin 03.10.2014
Фотографија: picture-alliance/dpa/Paul Zinken

Петочните молитви во џамиите

На богослужбата в петок исламските задруженија ќе се посветат на оваа тема со молитиви, бдеење и програма. „На овој ден сакаме како муслимани да поставиме јасен знак за што всушност се залага исламот. Дека нашите вредности и убедувања не смеат да бидат злоупотребени за на други луѓе да им се нанесе болка“, нагласува Алтуг од унијата Дитиб. Имамите биле повикани во своите проповеди да и’ се посветат на темата и во молитивте да ги вклучат сите оние луѓе кои се изложени на омраза и неправда.