Моќниците владеат преку стравот
30 јуни 2014Во своето горливо пледоаје за хуморот, смеата и сатирата, а против стравот, египетскиот сатиричар и лекар Басем Јусеф на Глобал Медиа Форумот во организација на Дојче веле, со впечатливи зборови објасни зошто стравот е толкава закана закана демократијата и слободата. Јусеф стана ѕвезда во културната сцена на арапскиот свет со своите сатирични настапи.
„Најмоќното оружје на моќните е стравот. Тие не‘ заплашуваат, ни го откраднуваат највредното што го поседуваме, нашата хуманост и гордост“.
Јусеф знае за што зборува. Египетските властодршци го обвинија за навреда на екс-претседателот Мохамед Мурси и на исламот. Прво тој ги преброди обвиненијата. Но, пред четири недели тој ја прекина својата шоу-програма, која ја пренесуваше и Дојче веле. Јусеф одлуката ја коментира со неговиот својствен сарказам:
„Ние во Египет живееме во прекрасна ера на демократија, а на оној кој тоа не го гледа така, треба да му биде пресечен јазикот“.
Човечко искуство
За Јусеф и неговите соборци ТВ-шоуто беше повеќе од обична телевизиска продукција:
„Тоа беше мое човечко искуство. Ние од прва рака искусувавме колку може да биде значајна сатирата во нашиот живот. Ние го користевме хуморот, смеата и музиката за да агитираме за слобода и заедништво и да се бориме против верскиот фашизам“.
На Глобал Медиа Форумот во Бон, Јусеф во фокусот на своето излагање го стави стравот:
„Стравот е можеби најголемата движечка сила на масите. Тоа во историјата го докажаа различните форми на фашизмот. Стравот го користат сите: демократските, авторитарните држави и терористичките организации“.
Срцата и мозоците како воени арени
Затоа, за моќниците хуморот и сатирата се еминентни закани: „Кога се смееш, веќе не се плашиш“, вели Јусеф. Во надминувањето на стравот, интернетот е важен медиум.
„Мојата шоу-програма навистина ја нема веќе, но идеите и натаму живеат на интернет“.
Воена арена меѓу стравот и слободата се срцата и мозоците на младите луѓе, кои не сакаат веќе да бидат потчинувани. Бидејќи тие преку интернет можат да ги разменуваат своите искуства, кога и да е, секоја форма на фашизмот ќе биде историја, смета Јусеф.
Претходно, повторно избраниот генерален секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, констатираше какви шанси и ризици носи интернетот.
„Интернетот ги поврзува луѓето како глобално, така и локално. Но, тоа значи и следното: оној кој нема пристап кон интернет, нема ни шанса за учество во политичките процеси“.
Затоа, забраните на Твитер и Фејсбук во Турција се напади во правата на слобода, кои турскиот суд со право ги укина.
Ултимативна платформа
На почетокот на Глобал Медиа Форум интендантот на Дојче веле, Петер Лимбург, изјави:
„Ултимативната платформа за информации и партиципација денес е интернетот. Тој е прекрасно откритие, кое нашиот живот го направи многустрано побогат, поколоритен. Неговиот светски победоносен поход ја револуционираше комуникацијата и користењето на медиумите. Тој е р‘бетот на глобализацијата, тој отвора шанси за поголем развој, за повеќе образование и за поголема општествена партиципација“.
Сеедно дали на плоштадот Тахрир во Каиро, во паркот Гези во Истанбул или на Мајдан во Киев, истакна Лимбург, интернетот и првенствено социјалните медиуми дадоа поттик за ангажман.
„Информацијата и интеракцијата преку дигиталните медиуми можат да дадат последен импулс за промена на латентните расположенија во цивилно општествено мобилизирање. Поинаку кажано: за луѓето од каучот да ги донесат на улиците“.
Затоа, цензурата и пропагандата се најдлабоки неморални знаци на принудно ставање под старателство на граѓаните во светот, рече Лимбург.
„Наспроти тоа ние ја ставаме отвореноста и толеранцијата, плурализмот и респектот, целокупниот канон на демократските вредности“.
Злоупотребата на интернетот, дали преку надгледување, криминал или други форми, е предизвик за економијата, политиката и општеството, а се разбира, и за медиумите.