1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пари за добрите, казни за лошите?

Борис Калноки
5 мај 2018

Предлог-буџетот на ЕУ предвидува кратење средства за земјите кои не се придржуваат кон „европските вредности“ или не се „солидарни“ во бегалската криза, што унгарскиот автор Борис Калноки го критикува во својата колумна.

https://p.dw.com/p/2xBAh
Boris Kalnoky
Фотографија: privat

На врвот на масовните протести во Грција поради мерките за штедење прашав една млада Гркинка зошто е толку револтирана. Тоа беше во 2011. година. Ми рече, ќе остане без пензија. Мислев дека погрешно чув, зашто дамата беше во третата деценија од животот.

Но, да, добивала „пензија за сираци“ од преку илјада евра месечно, зашто немала татко ниту била мажена, а немала ни работа. Немала намера официјално да се венча со својот партнер, зашто така би останала без пензијата. Од мене очекуваше сочувство и солидарност, а од ЕУ - простување на грчките долгови без воведување мерки на штедење.

Доаѓам од Унгарија и тешко ми е да разберам зошто неумерено кукаат луѓе кои имаат толку многу. Или како една држава, која нема пари, толку великодушно дава пари. Кај нас, не само во Унгарија, туку воопшто во земјите од Источна Европа, заработувачките беа по 500 евра во просек, ако работиш напорно, па сепак државите не беа сосема презадолжени.

Тогашниот премиер на Словачка во една бриселска дискусија за бројните пакети помош за Грција изјави дека не може да им објасни на своите граѓани зошто тие треба да дадат пари на Грците, иако заработуваат помалку од нив и имаат помали права од областа на социјалата.

Прво вредности, па пари?

Нешто слично сега сака Европската комисија, имено, на земјите како Унгарија, Словачка или Полска, кои се релативно сиромашни, но домаќински ги водат буџетите, да им одземе пари за да им ги даде на побогатите, но помалку одговорни држави како Грција, Италија или Шпанија. Тоа е первертирање на основната европска идеја: економската конвергенција ја јакне исто така и конвергенцијата на вредности во општеството. Сега изгледа работата се превртува на глава, прво вредности, па потоа пари.

Наместо како досега, да се поддржуваат земјите со најнизок брутодомашен производ, средствата во иднина би се уплатувале според критериумот „стандард на владеење на правото“ и „солидарност“ во текот на бегалската криза. 

Ги Ферхофстат, шеф на Либералите во Европскиот парламент, се разгневи на Твитер: „Нема пари без европски вредности!“ и повеќепати поименично го прозва унгарскиот премиер Орбан како мета на реформските планови на ЕУ. Во едно радио-интервју Орбан возврати во стилот: ќе видиме. „Без унгарска согласност и така нема да биде донесен ЕУ-буџетот“, рече тој.

Europäische Flagge mit Euro Münzen
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Ohlenschläger

Средство за притисок врз успешните? 

Полска, Унгарија и другите земји од бившиот Источен блок од пристапот кон ЕУ многу направија за да го надоместат заостанатото. Делумно и благодарејќи на фондовите од ЕУ, но во прв ред и поради тоа што, како Германија, трошат одговорно, барем под своите актуелни влади.

Во Унгарија државниот долг од 2010. година од 82 % падна на 70% од БДП. Тој БДП во 2004. година изнесуваше само половина од европскиот просек, денес - 70 %. Словачка и Чешка се уште поблиску до европскиот просек. Од 2012. година економиите во централна и источна Европа растат подинамично од остатокот на ЕУ. Еден ден овие држави ќе бидат нето-плаќачи во ЕУ, а не питачи.

Дотолку кохезионите фондови на ЕУ среднорочно ионака ќе загубат на значење. Зашто никој во овој регион не сака засекогаш да живее од парите на Германците и другите нето-плаќачи, за разлика од сончевите земји на Средоземјето.

Кај нас, значи, опуштено се гледа на дебатата за буџетските пари на ЕУ. Тоа се сфаќа како обид за ублажување на хроничната криза на еврозоната така што трошаџиите од јужниот дел на Европа уште еднаш ќе бидат парично наградени. И како обид да им се свитка раката на властите во Унгарија или Полска. Зашто тие, така се слуша, ги загрозуваат европските вредности и со тоа и заедништвото на ЕУ.

Или, од унгарска или полска перспектива: зашто се осудуваат постојано да поставуваат прашања за смислата. Има ли смисла да се пуштат толку мигранти во Европа? Има ли смисла тие да бидат распоредувани по сите држави од ЕУ? Има ли смисла од националните држави постојано да се изнудува одрекување од надлежноста?

-прочитајте уште:

Моја Европа: Светлото и сенките на Виктор Орбан

Камо да изостанат парите

Поранешната унгарска лево-либерална власт (2002-2010) во свое време економски ја развиваше земјата, но како молитва ги повторуваше европските фрази - солидарност и повеќе Европа. Тогашната пропаст на економијата, според новите предложени правила, сигурно би била издашно наградена од структурните фондови на ЕУ. Далеку поразумната политика на владата на Орбан, од друга страна, се сака да биде казнета со одземање средства. 

Добро, секогаш во преговорите прво се прави сметка без крчмарот. Најпосле, без сомнение, од тоа ќе произлезе некој компромис.

Како и многумина Унгарци, речиси сакам ЕУ да ни ги одземе парите. Тоа драстично би ги намалило можностите на Брисел да влијае врз Будимпешта, би ја сузбило реално присутната корупција, би ја принудило економијата да биде поиновативна и посефикасна и воопшто, би го забрзало процесот на еманципација на централна Европа. Понекогаш помалку всушност значи повеќе.

Борис Калноки, роден 1961 година, е дописник од Унгарија за германскиот весникВелт“ и други германски медиуми. Тој е автор на книгата „Земјата на предците“  (2011), во која е  опишана неговата потрага по своите предци, меѓу другите царскиот и кралевски министер за надворешни работи Густав Калноки.