1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Мените на Берлин

Бора Ќосиќ
22 октомври 2016

Кога пред дваесет години дојдов во Берлин ми се чинеше како да сум облекол два броја поголем капут, пишува Бора Ќосиќ.

https://p.dw.com/p/2RWiV
Bora Cosic serbischer Schrfitsteller
Фотографија: picture-alliance/U. Zucchi

Во него имаше повеќе Берлин отколку што има Берлин, благодарение на она што за него го знаев претходно. Неговиот волумен беше исполнет со силна орнаментика која ја чинеа Валтер Бенјамин, Брехт, Валтер Рутман. Дури и мојот голем земјак, историчарот на уметност Ото Бихаљи од времето на херојската авангарда од деведесеттите години придонесе нешто за таа историја. Проширеното срце на овој град го исполни Набоков и останатите Руси еден век претходно. Таму каде што Гомбрович седејќи на клупа во Тиргартен размислувал за смртта, а Пастернак ја забележал онаа весела шарада: Berlin kam mir wie eine Stadt von Buben vor, denen man am, Tage zuvor Seitengewehre und Helme, Stöcke und Pfeifen, richtige Fahrräder und Anzüge geschenkt hatte (Берлин ми се причини како град на момчиња, на кои неколку дена претходно им биле подарени бајонети и шлемови, палки и свирчиња, вистински велосипеди и костуми) . Иво Андриќ овде службувал како пратеник на дамнешното југословенско кралство, а на местото аташе тука бил и големиот поет Милош Црњански. Само што нему неговиот шеф му препорачал да не работи ништо како поет, туку само да се шета по Берлин колку што му е волја.

Така и јас, благодарение на својата стипендија имав отворено поле за прошетка, па сепак, поучен од многу лоши нешта, во дневник, белетристички, ја изнесував својата вознемиреност. Се прашував каде ќе живеам во месеците што доаѓаат, затоа што замислував дека прво треба да се смести некој Ходорковски, а потоа и јас ќе дојдам на ред. Набргу се покажа дека тој Ходорковски сум јас и дека за мене има место во тој град, под услов да научам да ракувам со лифтот од марката Stigler, во улицата Mommsen, иако на домарот безуспешно му тврдев дека слични справи постојат и таму од каде што доаѓам.

Подоцна сѐ се смири и урамнотежи. Одејќи по источниот дел од градот сфатив дека Берлин, судејќи по пропаднатоста на куќите во Ораниенштрасе, наликува на некои делови на Белград. Берлинството на Берлин полека стивнуваше, а тој стануваше сѐ попитом град на мојата иднина. Како да презеде некои белградски својства, станувајќи зголемен мој некогашен град, резервен.

Не знам точно кога еден град станува оној другиот, кој личи на тој претходниот, но не сосема. Како што мојата улица, освоена од повеќекратна употреба, е само налик на онаа од порано, иако не можам точно да утврдам од каде доаѓа оваа разлика. Изгледа дека со текот на времето полека го градев овој свој Берлин, со секојдневната пракса на своето берлинство. Сфатив дека берлинството станува некој вид моја професија, без оглед на останатите работи со кои се занимавам, берлинство како занает, обрт.

Сеедно, не е сѐ во сетилните измами и во игрите на мојата душа, погодни за психолошки, поетски и филозофски истражувања. Морав да ги смирам своите книжевни фантазми, вртејќи се кон луѓето и општеството кое ме опкружува. Одеднаш заклучив дека тоа веќе не е исто.

Сѐ е полесно од тоа да се направи пресврт во свеста на луѓето

Беше полесно да се обноват разурнатите фасади, да се подигне Потсдамер плац, а Фридрихштрасе да се претвори во гламурозна Via Cоndotti, отколку да се направи обрт во свеста на луѓето. Овде дојдов да живеам само неколку години по падот на Ѕидот, сѐ уште се чувствуваше огреаноста од овој настан, кој и натаму го сметам за најважен во втората половина на минатиот век. Сепак, малку по малку стануваше јасно дека сѐ не завршува со бакнежите на тинејџерките за зачудените дедееровски граничари кои рамнодушно ја кренаа рампата кај Бранденбуршката капија. Таа рамнодушност се прелеа на целиот наш берлински живот. Што сега, кога не постои фатумот на ѕидот и неговиот заканувачки знак? Берлин доби проблем кога се ослободи од својот најважен проблем. Проблемот гласеше: како да се живее?

Се покажа дека еднодушноста во тој есенски ден 1989 година полека се раслојува, размножувајќи ги оние прашања кои не се само германски, само берлински, туку и европски, светски. Се утврди дека мирољубивиот екразит на славеничките ракети има и своја малигна алтернатива. Повторно почнаа да пукаат бомби, како во времето на лудите и ирационални Црвени бригади. И повторно, како повеќепати во историјата, извршителите на тој русвај не беа многу начисто што застапуваат со својата агресивност. Многу млади учесници во безредијата и не знаат што значи онаа озлогласена свастика со која ги испишуваат нашите ѕидови. Мора да се помириме дека меѓу нас има и неизбежни разлики и со нив ќе треба и натаму да се живее.

На луѓето никогаш не им е доста, ниту од добро ниту од зло. Дури и во најдобри прилики човекот пронаоѓа некоја своја лична мака. Во секој од нас прагот преку кој се влегува во чемер и самотија е многу близу. Исто така, лесно е да се премине и во онаа друга одаја на нашата свест - одајата на злото. Тоа е удел на оној дел од нашата душа кој е свртен  кон негативното, а кој, зависно од политиката, исто така лесно се активира. Така и Берлин, како и секое друго место на човечко живеење, е размножен град, а како и сите метрополи е некој вид збир, енциклопедија на многу нешто.

За секој град останува проблем како да трае и натаму, кога за нечија свест ќе престане да биде нешто посебно, кога ќе стане обично место на престој. Еднаш Кристо го завитка Рајхстагот во својата свила, но по неколку дена мораше да го одвитка, за да остане она што е. Тоа се случи и во мојата свест. Јас и натаму живеам во еден одвиткан Берлин, но никогаш нема да ја заборавам онаа драж од пред дваесет години која постоеше во завитканоста на моето незнаење.