Моја Европа: Глорификацијата на фашизмот мора да престане!
16 мај 2018Хитлеров поздрав, тетоважи со свастика и фашистички симболи на усташите кои биле поврзани со нацистите. Покрај тоа, уште и поздравот „За дом спремни“, хрватската варијанта на „Зиг хајл”. Сето ова можеше да се види во саботата, кога 10 илјади луѓе се собраа на комеморацијата во Блајбург за да им оддадат почит на нацистичките соработници. Стануца збор за мај 1945 година, кога усташката војска, која била сојузник на нацистите, пребегала во Корушка, која тогаш спаѓало во зоната окупирана од Британците. Усташите тогаш им биле предадени на југословенските партизани, по што од страна на Титовите партизани биле убиени околу 45 илјади луѓе.
Додека учесниците настанот го нарекуваат „комеморација”, критичарите го нарекуваат „најголемиот фашистички собир во Европа”. Сето тоа го организира Хрватската бискупска конференција, а го толерира австриската диоцеза (епархија, н.з.) Гурк. Присутни беа и високи претставници на хрватската влада. Официјално станува збор за црковен настан.
Канцеларот на Австрија, Себастијан Курц, реагираше на истиот начин како и кога го прозиваат за неговата коалиција со деснорадикалите: се обидува темата да ја избегне или дава одговори без суштина.
Дволичноста се гледа во тоа што неодамна на политичките собири на турските националисти и деснорадикали во Австрија властите и тоа како презедоа мерки. Но, кога 10 илјади, претежно хрватски католици, си организираат фашистичка прослава, наеднаш им се врзани рацете.
Советот на Европа е алармиран
Советот на Европа, по неодамнешната усташка оргија во Блајбург, е алармиран околу нормализирањето на неофашизмот во Хрватска. Таквиот тренд го засилува и „воспевањето” на фашистичкиот усташки режим, се вели во објавениот Извештај на Комисијата за антирасизам на Советот на Европа во врска со состојбите во Хрватска. Авторите на извештајот бараат од властите во Загреб решително да преземат мерки против говорот на омраза и нападите врз малцинства со расистичка позадина.
Прашање е колку владеjачката партија во Хрватска, ХДЗ, сериозно ќе се зафати со препораките во извештајот. Пречесто и самата паѓа в очи со поттикнување омраза против малцинства во Хрватска, особено Србите и Ромите. Тоа се истите групи кои систематски биле убивани во „Независната Држава Хрватска” за време на владеењето на Хитлер.
Еврејските заедници во Хрватска со години ги бојкотираат државните манифестации по повод ослободувањето на концентрационот логор Јасеновац. Не сакале, велат, да комеморираат заедно со политичари кои убиствата на Евреите од усташкиот режим ги ставаат во позитивна конотација.
Можете ли да си претставите Ангела Меркел да отпатува во Аргентина и пред германското малцинство да раскажува дека е добро што Германци нашле прибежиште во земјата по Втората светска војна? Масовни убијци како Адолф Ајхман или Јозеф Менгеле? Тешко, би рекол.
Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, го стори тоа. При посетата на Аргентина ги пофали Хрватите кои по Втората светска војна успеале да избегаат од Титовите партизани во Аргентина. Тоа што притоа се работи за команданти на концентрационите логори, масовни убијци и соработници на нацистичкиот режим, остана некажано.
Не е само Хрватска ваков пример
Писателот Данило Киш за национализмот пишувал дека е „параноја”, луда претстава со истовремена загуба на индивидуалноста и допир со реалноста. Таквата параноја се базира на идејата дека сопствената нација е нешто чисто и невино и секој кој си дозволува критика е непријател со ниски страсти. Затоа во историската претстава на хрватската десница усташите мора да се добрите, оти кога би се признало дека убивале невини луѓе, би си ја извалкале сликата за сопствената нација. Затоа и учесниците во Блајбург се чувствуваат како жртви, иако тие се тие кои го воспеваат фашистичкиот режим.
Таквиот тренд е присутен и во други земји од Источна Европа. Историска претстава која се фокусира на сопствената улога на жртва во окупацијата од Советскиот сојуз или комунистичкото владеење. Истовремено се минимизира соработката со нацистите, се негира или во најлош случај се глорифицира.
Други колумни од авторот:
Моја Европа: Антисемитизмот во Европа не е увезен
Во Рига на 16 мај се собираат илјадници луѓе за „Маршот на легионерите” за да им оддадат почит на припадници на нацистичките единици. Виктор Орбан го нарече соработникот на нацистите Миклош Хорти - „исклучителен државник”, иако тој бил одговорен за депортацијата на 600 илјади Евреи во германски концентрациони логори. Во Србија пак се преговара дали соработникот на нацистите Милан Недиќ може да биде правно рехабилитиран.
Ако ЕУ сака да расте заедништвото, потребна ѝ е не само посилна европска јавност, туку и заедничка култура на сеќавање. А, таа мора да биде антифашистичка. Но, ако не успеваме да се обединиме ни по прашањето дека нацистите биле лошите и ако нивните соработници се воспеваат од страна на некои европски лидери, тогаш Европа тешко дека ќе успее во тој поглед.
Крсто Лазаревиќ е роден во Босна и Херцеговина. Како дете со семејството избегал во Германија. Денес живее во Берлин, работи како новинар и публицист и пишува за различни медиуми на германски јазик.