Москва отворена за стратешки разговори со Вашингтон
27 март 2018Изјавата на заменикот министер за надворешни работи на Русија, Сергеј Ријабков, за РИА новости доаѓа по протерувањето на десетици руски дипломати од над 20 земји во светот, меѓу кои и Германија и Македонија. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, уште во текот на вчерашниот ден рече дека руското Министерство за надворешни работи и други институции подготвуваат контрамерки. Засега не е јасно кога таквите мерки ќе бидат донесени. Портпаролката на Министерството за надворешни работи во Москва, Марија Захарова изјави дека мерки ќе бидат преземени против секоја земја која протерала руски дипломати. Експертите проценуваат дека Русија ќе протера сигурно ист број на дипломати. „Руската страна е добро подготвена, одговорот ќе дојде многу брзо“, изјави политикологот Владислав Белов за агенцијата ДПА во Москва. Според него, Москва би можела да посегне и по поинакви стратегии.
Повеќе: Москва остро реагира на протерувањето руски дипломат од Македонија
Велика Британија, САД, Германија и голем број други земји, меѓу кои и Македонија, во досега невидена заедничка акција протераа руски дипломати и соработници на руски тајни служби. Според досегашните информации, протерани се 139 руски дипломати од 24 земји во светот. Протерувањето на дипломатите е реакција на нападот со отров врз поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Солсбери, Велика Британија, на почетокот на март. Британските иследници сметаат дека двајцата се затруени со Новичок, боен отров создаден во поранешниот Советски Сојуз. Скрипал во 2006 година беше осуден во Русија на казна затвор, а четири години подоцна во рамки на размена на затвореници беше префрлен во Велика Британија. Скрипал и ќерка му се и натаму во кома.
Портпаролката на руското МНР, Захарова, оцени дека станува збор за русофобна кампања. Велика Британија, според Захарова, на останатите земји не им дала ниту една информација со факти која би ја докажала вината на Москва за нападот врз Скрипал. Таа ги обвини ЕУ и САД за „агресија која не е поткрепена со ништо“ и тоа во време кога Русија тагува по жртвите од пожарот во Кемерово.
Повеќе: Борис Џонсон за ДВ: имаме докази за руската улога во нападот врз Скрипал
Германското министерство за надворешни работи најави протерување на четворица руски дипломати. Тие ќе мора да ја напуштат земјата во рок од седум дена. Мерките на ЕУ и на германската влада се спорни меѓу партиите во земјата. Експертот на Зелените за надворешна политика, Јирген Тритин, за РНД изјави дека е „лекомислено без докази и само врз основа на индиции да се преземаат такви мерки против Русија и со сопкање да се влегува во нова Студена војна“. Наспроти тоа, експертот на Зелените за Источна Европа, Мануел Сарацин, за РНД рече дека протерувањето на четворицата руски дипломати е најмалку што германската влада може да направи за „зајакнување на европската заштита на Велика Британија, која се чувствува нападната“. Шефот на пратеничката група на Левицата, Дитмар Барч, оцени дека протерувањето на дипломатите е „погрешно, затоа што на тој начин се заострува ескалацијата“.