1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Москва му оддава почит на Калашников со огромен споменик

Роман Гончаренко
20 септември 2017

Осум метарска статуа во Москва е поставена во чест на Михаил Калашников, креатор на познатата советска автоматска пушка, АК – 47. Почест со симболична моќ.

https://p.dw.com/p/2kMG1
Russland Einweihung Kalaschnikow Denkmal in Moskau
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Zmeyev

Секој го знае името Калашников. Автоматска пушка АК-47 со децении е еден од најизвезуваните производи од Русија. На нејзиниот креатор, советскиот дизајнер на оружје Михаил Калашников, кој почина во 2013 година, во Москва му е подигнат споменик. Поводот за отворање на споменикот токму на 19 септември, е Денот на производителите на оружје, празник на руската воена индустрија, кој веќе пет години се слави на овој ден.

Автоматската пушка како „културолошки бренд"

Околу осум метри високата статуа на Калашников е поставена на една раскрсница во центарот на градот. Тој стои на пиедестал во едноставна работничка облека и го држи оружјето внимателно и гордо во двете раце како да е дете. Овој талентиран и скромен инженер ги „отелотворува најдобрите особини на рускиот народ“ рече на откривањето на споменикот министерот за култура Владимир Медински. Автоматската пушка е „вистински културолошки бренд на Русија“. Споменикот е изработен по нарачка на Руското здружение за воена историја, чиј претседател е Медински.

Michail T. Kalaschnikow
Михаил КалашниковФотографија: picture alliance/dpa/S.Thomas

Откривањето на споменикот од скулпторот Салават Шербаков неколку пати се одложува од јануари, а споменикот е делумно преработен. Композицијата се состои од два дела: фигурата на Калашников во предниот дел и во позадина светецот Архангел Михаил на коњ, како убива змеј со копје. Целото ја симболизира „вечната борба меѓу доброто и злото“, изјавил Шербаков за руските медиуми. Скулпторот пушката „Калашников“ ја нарекува „оружје на добрината“.

Над 70 милиони продадени Калашникови од 1947

Познатата автоматска пушка годинава го слави 70 роденден. Во 1947 година моделот кој го креираше Калашников победи на еден натпревар и започна да се произведува сериски. Првата верзија ја доби кратенката АК – 47. Подоцна неколку пати е модернизирана. Ова оружје се смета за евтино, едноставно и робусно. Според производителот, досега се продадени над 70 милиони Калашникови.

Russland Einweihung Kalaschnikow Denkmal in Moskau
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Zmeyev

Концернот од Ишевск, којшто во меѓувреме почна да произведува и спортско и ловечко оружје, го носи името Калашников и е регистрирано во 2016 година, според сопствените наводи тројно го зголемил извозот. Сепак, рускиот производител на оружје загуби неколку лукративни пазари. На пример, САД го стави Калашников на санкционирана листа поради руската агресија на Украина. Директорот на концернот во едно интервју изјави дека се надева оти сепак ќе се вратат на американскиот пазар.

Симбол за духот на времето

За рускиот публицист Олег Кашин споменикот на Калашников е многу симболичен. „Во денешна Русија стана нормално, за една војна да не се зборува како за трагедија, туку како добра реклама за руското оружје“, вели Кашин за Дојче Веле. Пацифизмот не е веќе модерен, и оттука „киклопскиот Калашников“ е соодветен симбол на духот на времето на денешна Русија.

Во гостински коментар за Дојче Веле, рускиот писател Виктор Јерофејев напиша: „Не знам што треба да значи тоа оружје на доброто, тоа е само празна фраза“. Тој додава дека е „исто како француската гилотина да се прогласи за инструмент за емоционална едукација на нацијата“. Автоматска пушка носи само смрт и никакви добри желби, пишува Јерофејев и додава - „таа во секој момент може да биде употребена против оние кои ја сакаат и ја слават".

Владимир се среќава со Владимир

Во изминативе месеци во Русија се поставија уште неколку споменици со симболична моќ. Најголема е статуата на средновековниот принц Владимир. И оваа статуа ја изработи Шербаков, истиот скулптор кој го изваја Калашников. Се чини како овој 62-годишен уметник да е број еден за изработка на вакви проекти во Русија.

Светец, државотворник и воин - така во ноември 2016 година Владимир Путин го опиша својот истоименик на откривањето на споменикот, кој е во близина на Кремљ. Владимир ја „прошири и заштити руската земја“, изјави рускиот претседател, кој се чини се гледа себеси во истата улога.

Russland Moskau - Vladimuir Putin mit Kalaschnikow
Владимир Путин со „Калашников“Фотографија: picture-alliance/dpa/Ria Novosti/A. Druginyn

Владимир, Великиот кнез од Киев, се смета за еден од најважните владетели во историјата на средновековната држава Киевска Русија, во која Русија и Украина ги гледаат корените на својот народ, својата државност и својата христијанска вера. 16-метарската статуа го претставува Владимир облечен како принц со брада, кој во десната рака држи голем крст, а во левата држи меч. Според набљудувачите, овој споменик повеќе изгледа како да е направен во чест на Путин отолку на големиот принц. Секогаш, кога претседателот влегува и излегува во Кремљ, поминува покрај статуата на Владимир.

Пред околу една година, во октомври 2016 година, во јужниот руски град Орјол е поставен споменик на првиот руски цар, Иван IV, кој во руската историја е познат и како Иван Грозни. И тој во рацете држи крст и меч - очигледно така се гледа себе си модерна Русија.