Можна е нова трка во вооружување
30 ноември 2010„Во идната деценија стоиме пред изборот: или ќе се договориме за противракетната одбрана и ќе создадеме механизам за соработка или, ако не успееме да стигнеме до конструктивен договор, ќе почнеме нов круг од трката во вооружување и ќе треба да донесеме одлука за распоредување на нови офанзивни средства“, наведе Медведев. Тој апелираше за соработка со НАТО, со САД и со Европската унија.
Рускиот претседател во своето годишно обраќање пред Парламентот се осврна и на економијата во земјата. Тој и‘ порача на владата дека половина од расходите и дел од дополнителните приходи во буџетот треба да бидат пренаменети за приоритетите за модернизација, создавање на нови конкурентни стоки и услуги, за отворање на милиони нови работни места, за иновации, за развој на малиот и средниот бизнис, и за проширување на професионалните и социјалните перспективи на Русите.
Според Медведев, Москва треба да стане меѓународен финансиски центар, притоа прогнозирајќи дека економскиот раст на земјата за 2010 ќе изнесува околу четири проценти.
Грижа за иднината на земјата
Шефот на руската држава во своето обраќање се осврна и на грижата за идните поколенија.
„Дваесет и шест милиони деца и младинци во Русија треба правилно да се развиваат, да растат здрави и среќни, да станат нејзини достојни граѓани - тоа е задача број еден за сите нас. Грижата за идното поколение е најсигурна, разумна и благородна инвестиција.“
Медведев од говорницата на Парламентот се заложи за борба против корупцијата, нагласувајќи дека за таа цел треба да се реформира системот за објавување на тендери. Медведев, исто така, побара да се зголемат и казните за примање на мито, предлагајќи казната да изнесува сто пати повеќе од примениот поткуп, додека посредништвото при поктуп да стане криминално дело.
Автор: ЖА/СН/миа/дв
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска