1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Могерини на Западен Балкан

Барбара Везел
1 март 2017

Четири дена првата дипломатка на ЕУ Федерика Могерини е во посета на земјите на Западен Балкан. Таа ќе наиде на повеќе кризи и проблеми отколку кога било. А политичкиот интерес на Брисел за регионот изгледа се губи.

https://p.dw.com/p/2YQNZ
Frankreich Balkan-Gipfel in Paris
Фотографија: Getty Images/AFP/S. de Sakutin

Прв ден: Црна Гора

„Црна Гора е добрата приказна на Западниот Балкан“, се вели во Комитетот за надворешни работи на Европскиот Парламент. Црна Гора има остварено најголем напредок меѓу кандидатките за членство во ЕУ. Но пофалбите се релативни. На полето на борбата против корупцијата и на слободата на печатот и натаму речиси и да нема напредок. Напади врз новинари, на пример, се случуваат речиси секојдневно. И покрај тоа, веќе се отворени 26 од вкупно 45 поглавја од пристапните преговори. Освен тоа, Црна Гора веќе годинава треба да биде примена во НАТО. Политичките услови за тоа членство меѓутоа се далеку пониски.

Во октомври земјата ја потресе обид за пуч, за кој владата ја обвинува руската тајна служба. Набљудувачите претпоставуваат дека Москва сака да го спречи приемот на најмалата земја на Балканот во Алијансата. Изборите од минатата есен, од друга страна, важеа само за полудемократски. ЕУ пред сѐ е загрижена за економскиот развој во Црна Гора. Имено, годишниот раст од 5 проценти е овозможен со масовно задолжување. Брисел опоменува на мерки за штедење

Bosnien und Herzegowina mit Kreativität gegen Arbeitslosigkeit
Фотографија: DW/Z. Ljubas

Втор ден: Босна и Херцеговина

Земјата и натаму страда од политичките последици на балканските војни и во основа важи за „failed state“ („неуспешна држава“). За да бидат политички застапени трите етнички групи - Србите, Хрватите и Бошњаците - настаната е грмушка од владини и управни структури кои наизглед не можат да се реформираат. Земјата со само 3,5 милиони жители има вкупно 150 министри и 600 пратеници на сите нивоа. Политичкиот апарат ги блокира сите реформски обиди, а со тоа и напредокот во насока на Европа. Босна и Херцеговина во 2016 година поднесе барање за членство во ЕУ, но изгледите важат за многу мали. И натаму во земјата се стационирани 600 војници на Еуфор, кои имаат задача да спречат избувнување на насилство.  

Комплицираните политички структури не го поттикнаа разбирањето меѓу етничките групи. Напротив. И натаму владеат омраза и провокации: „Сите би требало да напуштат ваквата реторика и да се концентрираат на она што го бараат луѓето“, вели еврокомесарот Јоханес Хан. Тоа во прв ред би бил економскиот напредок. Невработеноста во БиХ изнесува околу 40 проценти, економијата и натаму останува на дното.

Втор ден: Македонија

И во Македонија јазот е и натаму многу длабок. Конфликти меѓу македонската и албанската етничка група избувнуваат постојано, а демократските структури се сѐ повеќе загрозени. Набљудувачите веќе подолго време стравуваат дека Македонија би можела да потоне во еден вид диктатура. Долгогодишниот властодржец Никола Груевски се откажа од премиерската функција дури по силниот притисок од Брисел. А и изборите во декември- по повеќекратно одложување- не можеа да ѝ стават крај на политичката криза. Бидејќи во меѓувреме претседателот на државата поставува пречки за формирањето на нова влада меѓу опозицијата и албанското малцинство. „Нема време за губење“, изјави еврокомесаротЈоханес Хан за време на неговата последна посета на Скопје, но неговиот апел досега останува неслушнат.

Покрај тоа, Европскиот парламент од Македонија одново бара вистински реформи на полето на правната држава и борбата против корупцијата. Истовремено, известувачите на ЕП го критикуваат назадувањето во реформата на правосудството, односно именувањето на судии. Земјата се наоѓа во негативна спирала, а изгледите за членство за ЕУ стануваат послаби.

Mazedonien Besuch österreichischer Außenminister Kurz
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Трет ден: Србија

Србија од 2014 година преговара за членство во ЕУ и известувачите во Европскиот парламент гледаат делумно позитивно на развојот во земјата: има напредок во создавањето на работни места и во економските реформи. Меѓутоа, тие и тука ги критикуваат недостоците во функционирањето на правната држава и во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Долго Србија важеше за пример и за сигурен кандидат за членство во ЕУ. Во последно време меѓутоа односите со Косово се влошија во толкава мерка, што Брисел повторно настапува како посредник меѓу двете земји. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за провокации, при што во Белград се зголемија националистичките тонови. Севкупно пораснато е и влијанието на Москва врз Србија и мнозинство во земјата го поздравува рускиот ангажман. Меѓутоа овој ангажман во прв ред се состои од антизападна реторика, со оглед дека Белград од Москва добива само 10 милиони долари парична помош годишно, наспроти 190 милиони кои ги добива од ЕУ.

Трет ден: Албанија

Политичката криза во Албанија сѐ повеќе се заострува и работата на владата во голема мерка е парализирана. Од февруари опозицијата ја блокира владата во Тирана и бара предвремени избори. Еврокомесарот Јоханес Хан за тоа истакна: „Соработката меѓу владата и опозицијата е одлучувачка за желбата на Албанија да ѝ пристапи на ЕУ“.

Еврокомисијата во принцип почетокот на пристапните преговори го предвидува за крајот на годинава. Услов за тоа е реформата на правосудството, која не е завршена и проверката на поврзаноста на судии и јавни обвинители со организираниот криминал. Брисел покрај тоа стравува од демократски дефицити на претстојните избори. Состојбата со човековите права во Албанија на хартија важи за добра. Во пракса меѓутоа има критики, меѓу другото за условите за живот на Ромите, недостатоците кај правата на жените и кај слободата на мислење и на печатот. Севкупно, членството на Албанија во ЕУ важи за многу далечно. Земјата меѓутоа е на вистинскиот пат.

Четврти ден: Косово

Косово уште не е кандидат за членство во ЕУ. Дури минатата пролет беше постигнат Договорот за стабилизација и асоцијација, кој важи за прв чекор. Најважното барање од Брисел во моментов е договорот за одбележување на границата со Црна Гора. Како мамка за Косово ЕУ ја користи пред сѐ визната либерализација. Земјата е „само на неколку чекори“ од либерализацијата, се вели во Европскиот парламент. Како предуслов меѓутоа важи напредокот во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Со години ЕУ му помага на Косово во изградбата на структурите на правната држава. Мандатот на мисијата Еулекс беше продолжен минатата година. Покрај тоа, во земјата и натаму се стационирани војници на мисијата КФОР за обезбедување на внатрешниот мир. Политичката состојба на Косово е екстремно поларизирана. Во минатата година имаше насилни судири меѓу владата и опозицијата во парламентот. Односите со Србија во меѓувреме се толку напрегнати, што Приштина ја обвинува соседната земја за претензии за анексија

Нерешените конфликти и структурните проблеми водат кон економски застој: како и досега Косово не произведува речиси ништо - 90 проценти од неопходните производи се увезуваат.