Мобингот - одмазда за гласните критичари на власта
24 септември 2016Јасмина Дуриќ е вработена во Министерството за одбрана и таа секој ден патува неколку часа до нејзиното работно место. „Има еден проблем. Ги потценив нивните методи и до каде може да одат со притисоците на работното место и влијанието во целокупниот живот“, вели таа за Дојче веле. Откако 11 години работела како референт за логистика, неодамна, без никакво предупредување била префрлена да работи во кујна во касарната во Кичево.
Убедена е дека префрлањето се должи на нејзиниот граѓански активизам и критиките кои јавно ги упатувала кон власта за време на „Шарената револуција“.
Освен од врвот, вели дека притисоци доаѓаат и од колегите. „Изолирана сум од претходното место каде имав поголеми контакти, луѓето се плашат да разговараат со мене, бидејќи ќе бидат санкционирани. Тоа е едно непријатно чувство, кога вие доаѓате на работа каде сте работеле долги години, каде сте имале добри пријателски односи, сте си помагале, сте се дружеле и немало никогаш политика во тоа. И потоа станувате неподобна и луѓето имаат забрана да зборуваат со вас“, раскажува Дуриќ.
Таа вели дека притисоците не престанале и по префрлањето на другото работно место, каде добила иницијатива за казна, поради нарушување на угледот на армијата.
„Бев на граѓански протести во шест часот по работното време. Ние имаме во нашето министерство луѓе кои се на високи позиции кои постојано ги гледаме на партиски митинзи, но тие се уште се на високи позиции и немаат последици“, вели Дуриќ.
Протестите забранети
Слично искуство со прераспределба на друга позиција имала и Елена Николовска која повеќе од десет години работи во Министерството за труд и социјална политика, како координатор за меѓународна соработка.
„Одеднаш поради јавно учество во протести и соработка со Кабинетот на министерката Ременски во првиот мандат, на 13-ти јуни ми врачија решение и бев прераспределена во друг оддел во состав на министерството, кое се бави исклучиво со прашања на борците и воените инвалиди. Ја нема онаа поширока рамка која ја има меѓународната соработка и која ги опфаќа сите работи на министерството“, вели Николовска.
Според неа, вообичаено било кога одреден работник е преместуван од едно на друго место, да се повика на разговор и да биде информиран за новата работа.
„Ова беше буквално преседан, да се даде решение без никаква консултација или советување, што и како ќе работам. Очигледна е тенденцијата, поради активно граѓанско учество во протести и кога не се согласувате со генералните политики на партијата на власт, како и ако коментирате гласно за состојбите“, додава таа.
Сепак, Дуриќ и Николовска велат дека притисоците на работните места нема да ги премислат во намерата да говорат гласно и да продолжат со граѓанскиот активизам.
„Нема да престанам да говорам слободно. Единствено можеби ми е жал за тоа што кога бев млада, се одлучив да работам државна работа, бидејќи да го вложев истиот труд во некоја друга професија, досега многу работи ќе беа поинаку“, вели Дуриќ.
Целосно урнати човечки односи
Човечките односи во администрацијата се целосно нарушени поради неверојатно силните притисоци и поделби на подобни и неподобни, велат нашите соговорници. Напредувањата во кариерата се невозможни, доколку работникот не членува во политичките партии на власта.
„Со партиска книшка да, може да се напредува и во зависност од тоа колку ќе донира во партијата на власт. Има рангирања, некој донира по 20 илјади денари, некој по 50, во зависност од она во колку комисии членува. Човечките односи се крајно нарушени, луѓето се избегнуваат едни со други и не се ни поздравуваат. Кај нас е специфична ситуацијата, бидејќи имаме сега министерка од опозициската партија па уште покомплицирани се работите. Оние кои претходно ни биле колеги и пријатели, сега не комуницираат бидејќи се плашат и се дистанцираат од нас шарените“, додава Николовска.
Според Соња Стојадиновиќ, магистер по меѓународна политика од „Солидарност“, Македонија е мобинг општество. „Присутен е секаде и на секое ниво, и не е врзан само за политичката активност или неактивност на работникот, туку е сметан како основна алатка за постигнување на успеси од страна на менаџментот. Освен прераспределување на работникот на работни места несоодветни за неговото искуство и образование, мобингот се користи и како алатка за приморување на работникот сам да си даде отказ, а работодавачот да се заштити од тужби“, вели Стојадиновиќ. Таа додава дека многу вработени во државниот и приватниот сектор за време на протестите говореа дека ги поддржуваат демонстрантите, но се плашат да излезат за да не добијат отказ.
„Дури и појавување на штрајк организиран од страна на сопствениот синдикат, повлекува опасност за отказ. Пример за тоа се вработените во судскиот систем кои годинава штрајкуваа, а сите подоцна добија за 30% намалени плати. Многу вработени во образованието не излегуваа на штрајкот организиран од МЕСО бидејки беа под закани за отказ“, вели Стојадиновиќ.
Според генералниот секретар на УПОЗ, Трпе Дејановски, најчесто членовите во нивниот синдикат се жалат на притисоци поради партиска припадност. „Моментално има голем реваншизам кон оние луѓе кои се во опозиција, од било која политичка партија. Имаме примери каде се дава решение за укинување на годишен одмор на ден пред тргање на одмор со платени аранжмани, на кои им се даваат токму тој ден да работат 2.500 предмети. Наредба да се посети свлечиште на пат и да се седи во кола осум часа, да се чека дали ќе има одрон на пат. Начини на казнување, дисциплински постапки, задолженија за работа кои не се дел од работното место, разни начини на кои се кршат правата на нашите членови“, додава тој.