Младината ја креира Европа
15 мај 2019„Не можеме да ја предвидиме иднината, но можеме заеднички да ја креираме", ги охрабри еврокомесарката за работа, социјала и интеграција Маријане Тисен европските младинци алудирајќи на цитат од Еуген Јонеско. Романско-францускиот драматург еднаш има кажано дека настаните можело да се претскажат дури откако ќе се случат. Средбата на претседателите на држави и влади од ЕУ кои овој четврток се среќаваат во местото Херманштад е под мотото „Иднината на Европа".
На предвечерието на самитот околу 300 млади од земјите членки на ЕУ се собраа на едно место, меѓу нив и 40 од Германија и 30 од домаќинот Романија за да разговараат за актуелните предизвици и да бараат можни решенија. „Иднината на Европа се токму нашите млади", вели Тисен за ДВ. За Европската комисија било битно да знае како младите генерации сакаат да ја креираат Европа во следните години и децении и какви визии за иднината имаат тие.
Во Херманштад сите политичари од ЕУ нагласуваат дека се заинтересирани за согледувањата на младите граѓани во однос на актуелните предизвици како климатските промени, социјалната неправда, глобализацијата или дигитализацијата. Истовремено младите ја изразија својата надеж дека оние кои одлучуваат во Брисел ќе имаат слух за нивните проблеми.
Повеќе благосостојба и сепак поголема неправда
„Секако е важно да ги информираме нашите граѓани за структурите на ЕУ и нејзините механизми, но уште поважно е да се знаат нивните грижи и стравови", вели во разговор за ДВ Ангела Кристеа, шефица на ЕУ делегацијата во Романија. Тоа во ЕУ се покажало особено по гласањето за Брегзит. Факт е дека евроинтеграцијата довела до поголема благосостојба, вели Кристеа, но истовремено и до поголема социјална неправда. Таквиот развој се разликувал од земја до земја. За повеќето граѓани на ЕУ нерегулираната миграција е главниот проблем. За младите климатските промени се најголемата грижа. Александру Сас студира екологија во Херманштад. Тој се радува што учествува на средбата. „Справувањето со последиците од климатските промени за мене е приоритет", смета Александру, кој е убеден дека на крајот на оваа средба ќе има "повеќе аргументи за да влијае на луѓето кои решаваат во Брисел".
Рахел Софија Краускопф од Германија пледира за повеќе политичка едукација во училиштата и предлага основање на соодветна едукативна централа на ЕУ. Друг предлог е проширување на програмата Еразмус за млади кои не студираат, на пример за оние кои сакаат да одат на пракса во странство или обука. Младата девојка од Франкфурт се залага и за посилен европски идентитет без да ја заборави и својата национална припадност: „Тоа ја прави Европа убава, да се идентификуваш и со својата земја и традиција."
Лука Корен потекнува од Хановер и е ученик на гимназија во Херманштад. И тој се жали на недостиг од политички информации и едукација во училиштата. Тоа особено во Романија било голем проблем. Тој и неговата соученичка Аделина Негрила се одушевени од средбата на млади во Херманштад зашто имале и прилика за создавање нови контакти и откривање заеднички цели и проблеми.
Да им се спротивставиме на антиевропските сили
Размената со врсници е придобивка за многу млади луѓе. Како на пример за Александер Силва од Португалија кој избра да студира европски студии. Страствениот Европеец се обидува и другите да ги инспирира за европската идеа – особено сега пред европските избори. „Можеме да имаме подобра иднина но само ако ја градиме заедно", вели Александре.
Како и што се очекуваше врв на денот беа разговорие со романскиот претседател Клаус Јоханис и првиот човек на Европската комисија Жан Клод Јункер. Тие ветија дека ќе ги пренесат размислувањата на младите на ЕУ самитот. Јункер и Јоханис постојано ги повикуваат младите граѓани на ЕУ да излезат и да гласаат на европските избори на 26 мај. „Резултатот од овие избори длабоко ќе влијае врз европската политика во следните години,„ нагласи шефот на романската држава. Двајцата политичари се заалагаат во Европа правото на глас да се воведе веќе со 16 години.
Само со интензивирање на дијалогот меѓу европските институции, меѓу власта и граѓаните може да им се спротивставиме на антиевропските сили, нагласи домаќинот Јоханис. Сега е поважно од било кога да се врати довербата и поддршката на граѓаните за проектот Европа.