1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Кризна состојба за замајување на јавноста

20 ноември 2020

Владата ја започна постапката за прогласување кризна состојба на целата територија на државата. Опозицијата критикува за двојни аршини

https://p.dw.com/p/3lavB
Nordmazedonien Wahlen Hristijan Mickoski
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Согласно со препораката од Советот на безбедност, Владата ја започна постапкатаза прогласување кризна состојба на целата територија на државата за ефикасно справување со последиците од ковид-кризата. За таа цел, донесено е решение за изменување на Решението за именување членови на Групата за процена, со кое за членови на оваа група се именувани Стојанче Ангелов, в.д. директор на Центарот за управување со кризи, и Беким Максути, в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Стојанче Ангелов е именуван и за член на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.

Во Законот за управување со кризи како „кризна состојба" е дефинирана состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на Републиката, за чија превенција и/или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси.

Nord-Mazedonien | Gebäude der Regierung in Skopje
Владата ја започна постапката за прогласување кризна состојба на целата територија на државата Фотографија: DW/P. Stojanovski

Пред осум месеци и сега

До пред осум месеци власта тврдеше дека немаме ресурси и дека ќе нема ефекти од воведување кризна состојба, реагираше вчера лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со став дека ова е чекор назад во борбата со Ковид-19. Тој на Фејсбук и преку видео потсети на некои од изјавите пред осум месеци, во кои премиерот Заев тврди дека воведувањето на кризна состојба „нема да ги даде очекуваните ефекти од безбедносен и здравствен аспект“, а претседателот Пендаровски дека „немаме ресурси тоа да го покриеме“.

„Пред 8 месеци предложив воведување на кризна состојба, пред сè затоа што таа е регулирана согласно закон, без можност за широки толкувања, што би се рекло - со помали шанси за злоупотреба. Тогаш одговорот на Заев беше дека кризна состојба нема да ги постигне посакуваните ефекти, а Стево Пендаровски велеше дека за ангажирање на војската и ресурсите не е потребна кризна состојба и дека државата нема ресурси за прогласување на кризна состојба на целата држава“, потсети Мицкоски.

Тој вели дека тогашното прогласување на вонредна состојба која е непрецизно регулирана, на власта и’ дало можност за масовни злоупотреби во пресрет на изборите - легализиран поткуп во форма на картички за еднократна употреба, субвенции и дотации.

„Денес кога парите се потрошија, потрошија 2 милијарди евра, кризата со Kовид не се намали, дојдоа на мојот став дека е потребна кризна состојба. Но, денес корона заразата руши рекорди по распространетост, а системот е целосно блокиран. И не можам да сфатам како на Пендаровски и Заев им е толку лесно себеси да се посипат со пепел и да играат на картата за кратко помнење“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Mazedonien Corona-Testzentrum in Skopje
Кризната состојба нема да биде искористена за вистинска борба против Ковидот, тврди МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski

Мицкоски смета дека исто како вонредната, така и кризната состојба нема да биде искористена за декларираните цели.

„Ве уверувам дека и кризната состојба нема да биде искористена за вистинска борба против Ковидот, туку за замајување на јавноста дека работат нешто, додека пандемијата ќе продолжи да одзема животи поради неспособност, читајќи ги сите оние сведоштва за личните трагедии на луѓето кои ги губат своите најблиски. На крај, како тоа има потреба за кризна состојба, а Заев тера избори во криза во Штип и Пласница? Ќе почекаме да дојдат на ставот дека нема услови за корона избори“, оцени Мицкоски.

ПовеќеРасте бројот на пациенти на кислородна поддршка

Користење на ресурсите

Што предвидува Законот за управување со кризи? Според член 31, „Владата донесува одлука за постоење на кризна состојба, го определува подрачјето зафатено со кризна состојба и соодветно на тоа ги активира механизмите за разрешување на кризната состојба“. За донесената одлука Владата веднаш го известува Собранието и претседателот, а најдоцна за 30 дена по завршувањето на кризната состојба треба да им достави писмен извештај. Собранието и претседателот во секое време може да побараат усмен или писмен извештај за состојбата во областа за управување со кризи. Според законот, кризната состојба не може да трае подолго од 30 дена. Доколку постои потреба да потрае подолго од 30 дена, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот, или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба. Според членот 33, во случај на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон. Но, по барање на Владата (врз основа на договор склучен со Центарот за управување со кризи) или доброволно, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица. Дневниот надоместок за користење на ресурсите изнесува до 30% од просечната месечна нето плата по работник објавена од Државниот завод за статистика во месецот пред давањето на ресурсите. Граѓаните, Јавните претпријатија, трговските друштва и другите правни лица можат да се откажат од надоместокот за употреба на ресурсите по сопствено барање и со писмена изјава.

Според член 35, дел од Армијата учествува во поддршка на полицијата во услови кога со кризната состојба е загрозена безбедноста на Републиката, а органите на државната управа немаат соодветни ресурси и средства за нејзина превенција и справување. Предлог до Владата за потребата за учество на дел од Армијата дава Управувачкиот комитет. По предлог на Владата, за учеството на дел од Армијата во справувањето со кризна состојба, одлучува Претседателот. Претседателот во секое време може да ја преоцени потребата од учество на делот од Армијата.

Nord Mazedonien | Coronavirus | Feldkrankenhaus in Skopje
По предлог на Владата, за учеството на дел од Армијата во справувањето со кризна состојба, одлучува ПретседателотФотографија: DW/P. Stojanovski

Група за процена и Управувачки комитет

Групата за процена е тело на Владата кое врши постојано проценување на ризиците и опасностите по безбедноста на државата и предлага мерки и активности за нивна превенција, рано предупредување и справување со кризна состојба. Групата за процена ја сочинуваат директорите на Бирото за јавна безбедност, АНА, Агенцијата за разузнавање; директорите и замениците на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување, заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, како и раководителот на Службата за безбедност и разузнавање во МО. По потреба во работата на Групата за процена се повикуваат и други претставници на органите на државната управа, на општините и градот Скопје, како и експерти за определената област.

Управувачкиот комитет исто така е тело на Владата за координација и управување со системот за управување со кризи, кое го сочинуваат министрите за внатрешни работи, здравство, транспорт и врски, одбрана, надворешни работи и раководителот на Групата за процена. По потреба, во работата на Управувачкиот комитет можат да се вклучат и други функционери кои раководат со органите на државната управа, а во неа учествува и еден претставник од Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието од редот на членовите од најголемата политичка партија во опозиција, како и еден претставник од Кабинетот на претседателот на државата.