Мицкоски: Во новата влада се лица чии политики беа поразени
11 јануари 2022Мандатарот за состав на владата Димитар Ковачевскиденеска до Собранието ќе го достави предлог составот и програмата за работа на Владата, откако кадрите номинирани од СДСМ синоќа го поминаа филтерот на партискиот Извршен и Централен одбор. Ковачевски изјави дека „е исполнета целта - да се состави стабилна влада, со јасни принципи на делување во интерес на граѓаните и државата“, а од опозицијата оценуваат - „ова е влада која е континуитет на таа на Заев, без нова свежина и енергија“.
Предлог составот има слични „карактеристики“ какви што неодамна ѝ беа припишувани и на бугарската влада - дека се организирала според принципот на кој се организираат британски свадби: нешто ново, нешто старо, нешто позајмено и нешто сино. Во нашиот случај има и нешто старо-ново.
Нешто ново во составот на идната влада од редовите на СДСМ се предлогот министерка за култура да биде актуелната пратеничка на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, а за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, актуелна в.д. директорка на Државниот инспекторат за труд. Од редовите на Алтернатива нови имиња се Беким Сали - стоматолог кој треба да раководи со Министерството за Здравство, Адмирим Алити со ресорот Информатичко општество и администрација и министерот без ресор Џемаил Чупи, кој ќе биде одговорен за дијаспората.
Нешто старо се министрите на ДУИ кои остануваат на истите позиции, (со исклучок на досегашниот министер за информатичко општество, Јетон Шаќири, кој ќе ротира во ресорот образование), Фатмир Битиќи - кој останува вицепремиер за економски прашања, Оливер Спасовски останува во МВР, Благој Бочварски во транспорт и врски и Горан Милевски од ЛДП во локална самоуправа. Нешто „позајмено“ се однесува на кадар кој не припаѓа на партиските редови - професорот од Правниот Факултет, Никола Тупанчевски, предложен за министер за правда. За нешто „сино“ може да се смета новата вицепремиерка за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Славица Грковска, поранешна пратеничка на СДСМ, од периодот кога сината беше боја на партијата. Во старо-ново спаѓа ротацијата на Бојан Маричиќ од ресорот правда на позицијата вицепремиер за европски прашања, враќањето на Љупчо Николовски од вицепремиерската фотелја за борба со корупција во ресорот земјоделие, каде што беше и во првата влада на Заев, а за старо-нов кадар се смета и предложената министерка за одбрана Славјанка Петровска, актуелна пратеничка на СДСМ, која своето „деби“ го имаше во техничката влада како заменик- министер за внатрешни работи.
Меѓу ново и веќе видено
Предложените кандидати за министри мандатарот Ковачевски вчера ги опиша „како луѓе кои имаат професионален капацитет, чесност и желба да работат за граѓаните и општеството, луѓе кои веруваат во еднаквоста и солидарноста, кои се борат за правата на ранливите, и на кои правичноста им е карактерна особина“.
„Станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација во своите ресори“, рече мандатарот.
Тој вети ефективност и видливи резултати, на кои се обврзале тој со неговиот тим.
Од ВМРО-ДПМНЕ во составот на новата влада и новите ветувања нотираат исти ликови и исти флоскули.
„Она што можам да го кажам е дека оваа влада го загуби кредибилитетот од народот уште на локалните избори кои што беа своевиден дебакл на сите политики на актуелната влада“, вели за ДВ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Сега во оваа влада се наоѓаат истите ликови чии политики беа поразени. Го имате Љупчо Николовски кој беше задолжен за антикорупција во времето кога оваа влада на сите скали е на првото место по корупција. Повторно министер е Маричиќ, кој е познат по неправдите и хаосот во правосудството и монтираните случаи кои завршуваат со неспроведување на правдата. Во владата продолжува да биде министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој е главниот бранител на мафијата и во чие време се случија најголемите скандали поврзани со разни шверцови, пасоши, нерасветлени убиства и слично. Министер е и Битиќи, кој ќе остане запаметен по фијаското во економијата, инфлацијата, високите цени во маркетите, а ниските плати. Од друга страна, имате и невпечатливи министри, чии портфолија кажуваат дека таму се дојдени како чувари на заевизмот и слепи послушници. Министер е и професорот Тупанчески, кој би било добро да го чуеме што мисли како добар правник за главното барање на Алтернатива кое е дел од договорот со СДСМ - за реотворање на случаите Монструм и другите правно утврдени случаи“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Цел мандат или нови избори?
Мандатарот Ковачевски најави амбициозна програма, чиј примарен фокус ќе биде ставен на владиниот одговор на глобалната енергетска криза, која е надоврзана на веќе тешката економска состојба предизвикана од Ковид-пандемијата.
„Свесен сум колку граѓаните и компаниите се финансиски исцрпени и новата Влада целата енергија ќе ја насочи кон обезбедување на соодветна финансиска поддршка, зајакување на економијата, отворање на нови работни места и заштита на постоечките. Веќе имаме подготвен план. Подговуваме сет на мерки кои ќе значат директната поддршка за граѓаните и стопанството, ќе бидат поткрепа за семејниот буџет на граѓаните но и помош за компаниите“, вети Ковачевски.
Тој нагласи дека во буџетот веќе се резервирани 130 милиони евра, но и дека се прават анализи за алокација или обезбедување на повеќе средства.
„Со посветена работа и вистински економски политики очекувам континуиран раст на вкупната економија од 4,6 отсто до 5,9 отсто годишно. Секако, ова примарно ќе биде условено и од глобалните кризи и економски текови, но со силен фокус на економијата и висока реализацијата на капиталните инвестиции верувам дека може да го постигнеме“, рече Ковачевски.
- повеќе: Двајца професори, илјада проблеми
Најави драстично зголемување на домашните приватни и странски директни инвестиции, намалување на невработеноста, која до крајот на мандатот за првпат треба да стане едноцифрена, и зголемување на платите и пензиите. Според мандатарот, нема да има зголемување на даноците, но ќе се зголеми борбата против сивата економија. Најави градежна експанзија во инфраструктурата, силна поддршка на земјоделието и во иднина, и бескромпромисна војна против криминалот и корпуцијата. Во однос на стратегиските цели - членство во ЕУ, вети разговори со источниот сосед врз база на европските вредности, на утврдените државни позиции и на Декларацијата усвоена во Собранието.
„Ова Влада има можност во следните 2,5 години континуирано и без изборни циклуси, да се посвети целосно на економијата и квалитетот на живот на нашите граѓани“, рече Ковачевски.
Според опозицијата, токму понудениот состав покажува дека единствениот излез од сегашната криза се - нови избори.
„Имено, ова е влада која е континуитет на таа на Заев, без нова свежина и енергија. Влада која ги има и истите ветувања како и Заев, без план и стратегија - како понатаму. Истите зборови и истите флоскули. Оваа е влада каде формално стои СДСМ, а реално е предводена од ДУИ, потпомогната со триото ЛДП, ДОМ и ДС, кои поради сопствениот комодитет поддржуваат влада на криминал. Затоа излезот е избори што побргу, сериозни реформи за излез од кризата, и борба за нова иднина“, вели Мицкоски.
Откако предлогот за составот и програмата на Владата ќе стигнат до Собранието, деновиве треба да биде закажана седницата за нејзин избор, а расправата за неа трае два дена.