1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: ВМРО-ДПМЕ не стои зад протестите

ДТЗ /ДВ
25 декември 2020

Лидерот на опозицијата за првпат се појави во судница - сведочеше за „крвавиот четврток“. Владејачката партија го обвини дека го брани Никола Груевски и криминалот

https://p.dw.com/p/3nDdl
Mazedonien Proteste im Parlament
Фотографија: picture-alliance/abaca/N. Batev

ВМРО - ДПМНЕ не ги организираше протестите и насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, тврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој на денешното судско рочиште беше дециден дека ниту партијата, ниту партиските функционери не ги организирале протестите на „Заедничка Македонија“. Собирите биле спонтани, народот се самоорганизирал, како и претходните денови и месеци, рече Мицкоски сведочејќи на судскиот процес против организаторите на „крвавиот четврток“. Владејчката партија го осуди ваквото сведочење, обвинувајќи дека Мицкоски се ставил во одбрана на криминалот и на поранешниот лидер на партијата Никола Груевски, којшто е во бегство. 

Народот се самоорганизирал

Лидерот на опозицијата обвини за монтиран процес и хајка на неистомисленици, бранејќи си своите сопартијци. „Народот тој ден, а не само тој ден, туку и неделите и месеците претходно се самоорганизираше. Бројката варираше од неколку стотини до неколку илјади присутни. На дел од тие простести, кога можев, бев и јас. Протестиравме против погрешните политики во најава кои тогаш беа актуелни во државата и ценам дека на тој начин е демократско право во секоја демократска држава да се изрази револт и протест против определени девијантни однесувања на политички партии. Во случајот тоа беше СДСМ и сето она кое во тој период СДСМ го најавуваше“, изјави Мицкоски на судското рочиште, а изјавата ја повтори и во изјава за медиумите по завршувањето на судењето.

-повеќе на темата: „Крвавиот четврток“ го ниша мирниот азил на Груевски

Ова беше прво појавување на Мицкоски во судница како сведок. На прашањата одговараше кусо. Потврди дека контактирал со истомисленици и јавни личности околу протестите и учеството во нив, но нагласи дека ВМРО - ДПМНЕ и тогашното раководство не стои зад протестите и упадот, вклучувајќи го и поранешнот лидер на партијата, Никола Груевски,  којшто е во бегство. 

Монтиран процес

„Овде е очигледно дека станува збор за монтиран политички процес кој има единствен цел да нанесе штета на ВМРО - ДППМНЕ, процес кој има цел да врши политички терор врз членовите и симпатизарите на партијата. Политички процес од кој некој профитираше, а некој загуби. Јас ценам дека по 27 април сериозно загуби ВМРО - ДПМНЕ, а веднаш по тие настани СДСМ и Зоран Заев направија Влада“, вели Мицкоски. Тој е дециден дека тој што загубил од тој процес не може да биде инспиратор, сценарист и оперативно да го спроведе. „По тој ден ништо не е исто“, додаде Мицкоски.

-повеќе на темата: Пресврт во судењето за „27 април“: Заев го впери прстот само кон Груевски

Ваквото сведочење доаѓа откако минатиот месец премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев го впери прстот само кон Груевски, како организатор за настаните од 27 април. Сведочејќи за упадот во Собранието, Заев ги амнестираше од одговорност Трајко Вељановски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Обвинителката Вилма Русковска тврдеше дека Заев нема докази, а бегалецот Груевски од Будимпешта порача дека Заев патолошки го мрази. 
Заев сведочеше дека имал сознанија дека овие обвинети се изманипулирани од Груевски. Ним им се суди за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. „Верувам дека сите посакуваат да не се повтори и верувам дека една од гаранциите за тоа се ваквите судски постапки. Како човек жртва на тој настан, сметам дека бев прв таргет на група со цел да одзема животи. Не мислам дека главни осмислувачи и организатори се Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и другите тука. Според мои сознанија, овие луѓе се изманипулирани од главниот организатор Никола Груевски. Ова го кажувам затоа што бев секој ден во Собранието и знам што се случувало и не верувам дека е коректно вакво тешко дело“, сведочеше Заев присетувајќи се на „крвавиот четврток“.

-повеќе на темата: 211 години затвор за крвавиот упад во Собранието на 27 април

Во овој судски процес за организација на настаните од 27 април обвинети се поранешниот спикер Трајко Вељаноски, екс министрите Миле Јанакиески и Спиро Ристевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот од УБК, Никола Бошковски кои побегнаа од државата.

СДСМ: Мицкоски го брани криминалот

„Мицкоски се однесува исто како Груевски, за него случајот е само виц“, порачаа од владејачката партија, реагирајќи на денешноот сведочење на лидерот на опозицијата за настаните од 27 април. Според владејачката партија, „Мицкоски, единствениот кој е на браникот на криминалот, денеска застана зад насилството од 27 април и зад  својот ментор, осудениот криминалец во бегство Никола Груевски, првообвинет во судскиот случај за организаторите на 27 април“.

-повеќе на темата: Трнливиот пат на новинарите до правда за „крвавиот четврток“

„Што навистина Мицкоски мисли за крвавиот четврток најдобро зборува тоа што денеска во судницата ширел хумор и како што тој вели ’се обидел да биде вицкаст’. За Мицкоски насилството, обидот за убиство на пратеници и новинари е виц. Му порачуваме на Мицкоски дека ова е уште еден пораз за него, одговорност за сите за насилството на 27-ми април мора да има и ќе има, вклучително и за организаторите“, велат од СДСМ.