Митот за загрозените Руси во Украина
17 септември 2016На огромниот Плоштад на слободата се веат сино-жолти украински знамиња. Сосем напред, онаму каде некогаш стоеше Лениновата статуа, багер расчистува терен за нови цвеќиња и дрвја. Од звучникот на еден хотел допира реклама на руски за радиостаницата „Шансона“, која пушта музика од т.н. „криминален фолклор“. Тоа е Харков, втор по големина град во Украина.
Обвинувања од Москва
Пред две и пол години Харков за малку ја избегна судбината на сеператистичките упоришта во источниот дел од Украина - Доњецк и Луганск. Градот е оддалечен само 40 километри од границата со Русија, а руското влијание е силно. По бунтот во Киев, многумина од жителите станаа сомничави кон новите властродршци. На почетокот на 2014. година тука беа одржани проруски демонстрации. Силни, млади мажи ја зазедоа владината зграда и на покривот поставија руски знамиња. Меѓутоа, полицијата ја ослободи зградата.
Тогаш во медиумите руските политичари обвинуваа дека Украинците кои говорат руски се во опасност. Такви тврдења има до денес. „Русите и руската култура се објект на притисок и прогон“, изјави во јуни Валентина Матвијенко, претседателка на Горниот дом во рускиот парламент. Тоа се однесува на културата и образованието во одделни земји, кои порано припаѓаа на Советскиот Сојуз, меѓу другото и во Украина.
Нежна „украинизација“
Александар Кисилов, според оценка на руски политичари, е некој кому му е потребна заштита. Професорот по социологија на Универзитетот Харков седи во својот кабинет со поглед на градилиштето, каде некогаш стоеше Лениновиот споменик. Проукраинските активисти го урнаа во 2014. година. „Со камера снимив различни степени на демонтажа“, вели Кисилов. Во неговиот глас не може да се почувствува носталгија, туку повеќе љубопитност на научник кој од својот прозорец можел да ги следи историските случувања.
Кисилов е Русин, роден во соседната руска област Белгород. Како и стотици илјади други Руси, дошол во Харков да студира. Харков во време на Советскиот Сојуз важеше за центар на образованието и индустријата. „Овде денес нема прогони, ни на Русите, ни на нивната култура“, вели Кисилов. „Никој не е принуден да зборува украински“.
Украинскиот инаку е единствен официјален јазик во земјата и на факултетите може да се предава само на украински. Така е во теоријата. Но, студентите и доцентите најчесто „наоѓаат заеднички јазик кој им одговара“, објаснува со насмевка Кисилов, мислејќи, се разбира, на рускиот јазик.
Помалку руски јазик во училиштата
Наставата во мнозинството училишта во Харков е на украински, а нивниот број расте. Но, има и училишта во кои се предава на руски, а тие очигледно избегнуваат контакт со медиумите. Во одделни школи за тоа не сакаат да зборуваат за Дојче веле. Една наставничка по руски јазик го откажа договореното интервју по консултациите со директорот. Една друга се согласи само на анонимен разговор.
Во нејзиното училиште има настава на руски јазик. Но во текот на седмицата има само еден час за руски јазик и два часа за руска книжевност, наполу во споредба со времето на Советскиот Сојуз. Наставниот план за руска литература е скратен. „Исфрлени се делата на Пастернак, на Бродски“, раскажува наставничката. Последица е што учениците кои приватно говорат руски имаат помали шанси да го научат тој јазик онака како што треба: „Да, јас како наставничка имам чувство дека руската култура е во опасност, зашто наставата не може да се продлабочи“.
Во последните две години нејзината работа станала потешка поради политички причини. „Двапати размислувам пред да кажам нешто во училиштето“. Еден од колегите ја обвинил дека е „сепаратистка“ .Притоа, таа подеднакво добро зборува руски и украински јазик, со тоа нема никакви проблеми.
Проблеми на постарите Руси
Најдобар пример за животот во двојазичниот Харков се киосците со весници или зградата на операта, на чии ѕидови премиерите се најавуваат на двата јазика. Рускиот јазик доминира во Харков, но украинскиот се зборува сѐ повеќе. Плакатите се печатат како на руски, така и на украински. На производите најчесто текстот е само на украински. И на локалните телевизии украинскиот јазик е поприсутен отколку пред десет-петнаесет години. „Голем дел од населението практично се прилагоди на новата украинска реалност“, оценува социологот Кисилов.
Најмногу проблеми имаат старите луѓе, оние кои во времето на Советскиот Сојуз дошле во Харков од Русија. Таа мала група луѓе „не се чувствува пријатно во Украина“. Причината е економскиот пад во земјата. „Тие луѓе се чувствуваат поблиски до Русија“, објаснува Кисилов. Околу десет проценти од жителите на Харков чувствуваат носталгија по Советскиот Сојуз.
Руски усно, украински писмено
Додека на улиците најчесто се зборува руски, украинскиот се етаблираше во општините и службите, каде сѐ е на украински: формулари, информации, известувања.
Меѓутоа, ако некој зборува само руски, нема проблем, тврди претседателката на градската општина, Ирина Синицка. Без оглед дали станува збор за нов пасош или пријавување на место на престој, формуларите ги пополнуваат службениците, директно на украински. „Па ние живееме во Украина“, вели Синицка, додавајќи дека никогаш не била критикувана поради употребата на украинскиот јазик, напротив. Еднаш, вели таа, едно момче ѝ се пожалило што службеничка му се обратила на - руски.