Критики за Курц во австрискиот печат
29 ноември 2016Поранешниот шеф на парламентарната фракција на Социјалдемократите во Европскиот парламент, Ханес Свобода го нарече настапот на Курц во Скопје „жален“. Во изјава за весникот и интернет портал Форарлберг онлајн (www.vol.at) , Свобода жестоко го критикуваше Курц. „Крајно време е Македонија да тргне по нов пат врз основа на европските вредности. Особено е жално, што министерот за надворешни работи Курц ги поддржува на партиски митинг одговорните за сегашните проблеми“, вели Свобода.
Австрискиот весник наведува дека во својот говор Курц го пофалил напредокот на Македонија како кандидат за членство во ЕУ, оценувајќи дека земјата била на „добар пат“ и се заблагодари поради поддршката на земјата во бегалската криза.
Критики за Курц доаѓаат и од експертската заедница кои ги пренесува истиот весник.
„Дали почитта за владеењето на правото станува ирелевантна кога се работи за запирање на бегалците?“, прашува потпретседателот на Европската иницијатива за стабилност, Кристоф Бендер на Твитер.
Границата, па сѐ останато
Во австриското МНР, за весникот изјавиле дека настапот на Курц на митингот на ВМРО-ДПМНЕ бил од позиција на претставник на Европската народна партија кон чие семејство припаѓа и македонската владејачка партија.
„Портпарол на Курц информира дека на митингот говорел и германскиот пратеник од баварската ЦСУ, Тобиас Цех, а се планира доаѓање и на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, шефот на Европската народна партија Јозеф Дол и летонскиот евро-пратеник Сандра Калниете“.
„Според зборовите на неговиот портпарол, министерот за надворешни работи Курц го има следниот став:
Најважно за мене е балканската рута да остане затворена, а актуелната влада е гарант за тоа'“, вели Курц
Темата ја актуелизира и весникот „Стандард“ кој во насловот јавува дека „Курц во Македонија ја рекламирал спорната владејачка партија“.
„Во изминатите години Македонија под водство на ВМРО и Никола Груевски застрани во авторитарен правец. Објавените прислушкувани разговори од опозицијата покажа како 'Системот Груевски' ја зароби правната држава, ги поттисна слободните медиумите, ја исполитизира администрацијата, ги фалсификуваше изборите и ги инструментализираше безбедносните служби.
(...) Но од сето тоа не можеше ништо да се слушне во говорот на Курц“, пишува „Стандард“ кој ја пренесува и пораката која експертот за Југоисточна Европа, Флоријан Бибер му ја испрати на Курц преку Твитер: „Поддржувате еден авторитарен вратар. Срамота!“