1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Миризбата на скопскиот јуни

6 јуни 2022

Кога денес читам дека голем дел од Македонците нема завршено ниту средно училиште, се прашувам кога во македонското општество исчезна миризбата на скопскиот јуни, онака како што јас го паметам? Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4CJtp
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Не, не е мојата миризба на скопскиот јуни мирисот на липите на кејот на Вардар! „Миризбата“ на скопскиот јуни од моето паметење на градот во кој пораснав е онаа на 10-ти јуни – на денот кога ги добивавме свидетелствата. Скопскиот јуни за мене е сликата на преполните училници во кои, барем кога јас бев ученичка во основното училиште, свечено ни беа деделувани свидетелствата. Првата половина на јуни во моето паметење е трајно поврзана со трепетот на ученичката пред тоа што нашите социјалистички учителки успеваа да ни го претстават како најзначајната работа во животот – восхитот за науката и просветата. Ми се чинеше дека тој восхит беше најсилен на 10 јуни, кога завршуваше школската година. Тоа ми го потврдуваше празничната облека на нашите мајки, кои доаѓаа со нас во училиштето, некои со големи букети од рози од градините. Од тоа сознавав дека науката, можноста да се учи, е празник. Без ритуалите секоја култура ја губи мотивирачката, привлечната сила.

Секако, со јуни е трајно слеана миризбата на книгите што ги добивавме доколку во свидетелството стоеше дека во таа училишна година сме покажале „одличен успех и примерно поведение“. Не знам дали децата во основното училиште и денес на крајот на годината добиваат книга со посвета. Можеби тој ритуал е одамна укинат како недемократски рецидив од социјалистичката педагогија. За волја на вистината, колку што се радував на книгата, толку бев свесна и кога бев ученичка дека тоа посебно одликување на одличниот успех мора да ги натажувало другите ученички и ученици, кои не беа „наградени“. Тоа што во моето паметење на скопскиот јуни се има слеано со училиштето и со крајот на школската година беше повеќе свечената атмосфера во училниците, возбудата на учителките и мајките, а уште повеќе, растрепереноста на учениците. Тоа нам, на децата, ни сугерираше дека училиштето не е обична зграда, не е обичен простор, туку дом во кој за децата се одигрува нешто што трајно ќе ги обликува. За да го доживеат децата тој неопходен восхит за просветата, тие треба да имаат учителки и учители кои самите го чувствуваат тој восхит. Дури и кога имаат долго наставно искуство. Во тој случај, можеби и уште посилно.

Скопскиот јуни за мене беше блесокот во очите на учениците кога ќе беше прочитано нивното име, а тие потоа со голема возбуда го држеа свидетелството в раце. Тогаш им се чинеше дека за нив е сѐ можно, дури и да не успеале да го постигнат најдобриот успех. За генерациите родени по војната, просветата, науката, писменоста, јазичната култура беа вредностите кои најнапред ги отелотворуваа учителките и учителите. Тие вредности на учениците не може да им ги пренесат луѓе кои самите не се воодушевени од учителската професија. Просветата е сферата на духот, а децата можат да ја доживеат неговата сила само кога ќе го видат отелотворен во личност.

Кога денес во македонските медиуми читам дека голем дел од Македонците нема завршено ниту средно училиште, се прашувам кога во македонското општество исчезна миризбата на скопскиот јуни, онака како што јас го паметам? Сигурно и многумина од мојата генерација ја паметат таа особена миризба на скопскиот јуни. Не успеавме ли ние да им го пренесеме значењето на просветата на новите генерации, на нашите деца? Желбата да се учи, да се посакува знаењето, први во децата ја всадуваат родителите, а потоа училиштето. Клучно за поттикнувањето на восхитот за просветата за децата е нивното рано искуство со книгите, со читањето. Секако, на почетокот родителите се тие што им читаат на децата. Токму затоа е значајно и општеството да има институции кои го поттикнуваат читањето уште во детството. Во моето паметење на скопскиот јуни и крајот на годината, книгата имаше централно место, затоа што на тој ден насекаде можевте да видите деца кои книгата ја држеа в рака како нешто најдрагоцено. Секако, тие тоа го чинеа поради посветата и потписот на учителката на првата страница во таа посебена книга. Но, дури и да беше недемократски тој ритуал, науката и просветата секогаш живеат од духот на натпреварот, на амбицијата и на мотивацијата, на желбата на секој ученик постојано да се надмнинува.

Миризбата на сегашниот јуни

Не знам каква е „миризбата“ на сегашниот скопски јуни, но знам, за жал, дека книгите во македонското секојдневие одамна за многу луѓе ја загубија вредноста што ја означуваа за повоените генерации. Дури и во издаваштвото често владее провинцискиот дух, кој печатењето книги не го гледа како просветна визија. Затоа не им паѓа на ум на 10 јуни да им подарат на училиштата во селата, во кои нема книжарница, а веројатно уште помалку библиотека, неколку пакети книги од своите едиции. Дури и тие да се книги за возрасни, за децата е од суштествена важност во својот непосреден видик да имаат книги.

Во Македонија многу „миризби” што го чинат животот богат и впечатлив во просветна смисла, полека исчезнуваат. Тој тренд го забележував сѐ посилно во годините на транцизијата, независно која политичка гарнитура беше на власт. Медиумските реклами „Знаењето е моќ” на една од поранешните влади делуваше лицемерно во државата, во која на конкурсите за вработување повеќе „тежи“ партиската книшка, а само ретко знаењето. Во општеството, во кое одличното образование е немоќно пред личните врски и протекции, восхитот за просветата лесно станува рецидив од минатото. Затоа верувам дека денес голем дел од македонското население нема ниту средно образование. Тие што имаат одлично, но дури и само солидно образование, одамна сознале дека немаат иднина во Македонија. Со нивното отсуство уште повеќе се намалуваат шансите за вистински натпревар на најдобрите во македонската просветна и академска дејност.

И сепак, уште секој јуни учениците во основните училишта на денот кога завршува школската година се будат со истиот трепет како и ние, ученици на крајот на педесеттите. Тоа што ним повеќе не им предаваат просветни работници кои во просветата гледаат највисока вредност, е пораз на генерациите на нивните родители, на нивните баби и дедовци. Наш пораз, на генерациите што пораснавме во социјализмот, уверени дека живееме во најпросветеното општество и дека тоа е нешто за кое не треба да се потрудиме да го сочуваме како вредност и за идните генерации.

- повеќе од авторката: Одат ли македонските писател(к)и често во училиштата?

Кога пропадна стариот систем и настапи транцизијата, политичарите беа токму од нашите генерации. Многумина од нив побрзаа да се збогатат кога се најдоа пред искушението да ги купуваат за малку пари некогашните социјалистички фирми, издавачки куќи, весници и телевизиски медиуми. Тие луѓе го беа заборавиле трепетот за просветата и културата, кој сигурно барем еднаш мора да го почувствувале во скопскиот јуни, во преполната училница, чекајќи учителката да им го врачи свидетелството. Тие се оние кои брзо потоа во приватните телевизиски куќи и дневни весници ги исфрлија емисиите за уметноста и културата, за науката и просветата. Тие ги снижија критериумите за квалитет на најниското ниво – на партиската припадност, на митото, на личните врски. Со тоа токму нашите генерации ги изневерија шансите за своите деца и внуци. Секако, синовите и ќерките на новите македонски олигарси, на политичарите, на технократите, но и на македонските академски работници студираат на престижните универзитети во светот.

- повеќе од авторката: За лечебната моќ на литературата и на читањето

Во Македонија остануваат само тие што немаат пари или политичка моќ, чии деца се како оние што седеа крај мене во училишните клупи во „Стив Наумов“, во Автокоманда. Сепак, верувам дека меѓу тие ученици има уште такви, кои во скопскиот јуни ја мирисаат истата несекојдвена „миризба“, како јас на крајот на педесеттите – таа на духовната култура, на книгите и на просветата.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.