Милијарди евра казни за картелските грешници
Пет германски автопроизводители се под сомнеж за картелско договарање. Доколку била спречувана конкуренцијата и биле измамени купувачите, може да биде скапо. Преглед на најспектакуларните казни за картелско договарање:
Највисока казна за картелско договарање...
... изрече Европската Комисија во 2016 година против четири производители на камиони: 2,93 милијарди евра. Најголемиот дел од казната мораше да го плати Дајмлер - речиси една милијарда евра. Вмешани беа и италијанскиот концерн Ивеко, Волво/Рено и холандскиот ДАФ. Концернот ќерка на Фолксваген, Волво, остана неказнет поради тоа што беше крунски сведок.
Немало картел...
... но имало голема злоупотреба на сопствената позиција на пазарот, утврди ЕК истата година во случајот со Гугл. Концернот беше обвинет дека својата доминантна позиција на пазарот ја користи на штета на конкуренцијата во т.н. шопинг-пребарување во делот на реклами на продукти. Поради тоа, интернет-концернот во јуни 2016 беше казнет со рекордна казна од 2,42 милијарди евра.
Либор-манипулации со камати...
... е гревот за кој во 2013 година платија осум големи банки. Тие тајно ја договарале т.н. Либор-каматна стапка (каматна стапка по која банките си позајмуваат пари меѓусебе). Тоа доведе до тоа Дојче Банк, Сосиете Женерал, Ројал Банк оф Скотланд, ЏП Морган, Ситигруп, РП Мартин, Барклејс и УБС заедно да мора да платат 1,71 милијарди евра.
Картелот на производители на катодни цевки...
... во 2012 година од страна на ЕК беше наречен „случај како од учебниците“. Седум производители на катодни цевки (Самсунг СДИ, Томсон, Филипс, ЛГ Електроникс, Панасоник, Тошиба и МТПД) мораа да платат казна од 1,47 милијарди евра. Тие меѓусебно си го делеле пазарот во период од речиси 10 години. Фирмата Чунгва како крунски сведок беше сосема ослободена од казна.
Еден повторувач на делото...
... се најде меѓу учесниците во картелот за автомбилски стакла во 2008 година. ЕУ со 1,3 милијарди евра казни четири производители на автомобилски стакла поради нелегално договарање цени. Казнети беа Сен-Гобен од Франција, јапонскиот концерн Асахи, Пилкингтон од Велика Британија и Соливер од Белгија. Сен-Гобен како повторувач на делото мораше да плати 896 милиони евра казна.
Класичен картел...
... ЕУ откри во 2009 година. Погодени беа снабдувачите со гас Еон и Газ де Франс. Двата концерна при изградба на еден гасовод се договориле преку гасоводот да не продаваат гас на домашниот пазар на другиот концерн и така спречиле силна конкуренција. Казната изнесуваше 553 милиони евра за секој од концерните.
Најголемиот производител на чипови...
... ги поткупил трговците како Медија Маркт да продаваат само компјутери во кои се вградени Интел-процесори. Во мај 2009-та ЕУ го казни концернот со милијарда евра поради злоупотреба на својата доминантна позиција на пазарот. Интел со давањето недозволен попуст и со директно плаќање на производителите и трговците го исфрлил од игра ривалот АМД, втор по големина производител на чипови во светот.
Цените на лифтови и подвижни скали...
... во периодот од 1995 до 2004 година ги договарале пет производители, кои си го поделиле пазарот и разменувале доверливи информации. ТисенКруп Елеватор од Германија, Отис, кој припаѓа на американскиот концерн Јунајтед Технолоџис, Шиндлер од Швајцарија, Коне од Финска и Мицубиши Елеватор Европа во 2007 година мораа да платат казна од 992 милиони евра.