Меѓународниот кривичен суд ја признава Палестина
1 април 2015На почетокот на март се состанаа членовите на Централниот совет на Палестинската ослободителна организација, ПЛО, за да се советуваат околу натамошниот однос кон израелската влада. Претседателот на Палестинците Махмуд Абас доби мандат да ја прекине соработката со Израел околу прашањата на безбедноста. Освен тоа, доби поддршка за сите дополнителни чекори кои имаат цел да се пружи поддршка на Меѓународниот кривичен суд во извршување на неговата работа на палестинските подрачја. За Махмуд Абас беше важно зад себе да има организација како ПЛО, која претендира на говор од името на сите Палестинци. Процесот на пристапување кон Меѓународниот кривичен суд Абас го почна уште пред неколку недели.
Барањето за членство следеше откако на 31.12.2014 година претседателот на Палестинците Абас прво го призна Меѓународниот кривичен суд. Два дена подоцна, на Судот му беше поднесен ратификуваниот Римски статут, со што ректроактивно, од 13.06.2014 година, е призната надлежноста на овој суд. Така почна пристапниот процес на Палестинците кон Меѓународниот кривичен суд. Процесот завршува денеска. Од тој момент, Палестина станува полноправен член на Меѓународниот кривичен суд, основан заради процесуирање на геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото.
Израел против приемот
Израел остро реагираше на иницијативата на Абас. Министерот за надворешни работи Авигдор Либерман ја блокираше исплатата на парите од даночните средства на кои палестинските власти имаат право. „Од израелски агол, тоа беше еднострана постапка. Наспроти тоа, Палестинците сметаа оти се присилени на тој чекор, зашто билатералните преговори досега постојано пропаѓаа“, вели Маргарет Јохансен од Институтот за мировни истражувања и безбедносна политика на Универзитетот во Хамбург. И сојузникот на Израел, САД, оваа постапка ја сметаат за контрапродуктивна. Некои конгресмени затоа бараа намалување на паричната помош за Палестинците.
Сепак, тоа не ги спречи Палестинците да продолжат во своите напори.
„Палестина се обидува јавно да го потврди својот профил на држава преку ОН“, вели експертот за Блискиот Исток, Маргарет Јохансон. „Помалку е важно дали некој на крајот ќе биде осуден. Главно е злосторствата да бидат процесуирани“, истакнува таа.
Така, Меѓународнит кривичен суд од 13.06.2014 година доби судска надлежност за злосторствата извршени на палестинска територија или од страна на Палестинците. Обвинителката Фату Бенсуда од половината на јануари собира информации за состојбата на палестинските територии. На интернет-страницата може да се најдат информации за текот на т.н. „прелиминарни истраги за Палестина“.
„Различни групи, како на пример организации за заштита на човековите права, се повикани да достават извештаи за состојбата на Палестинците“, вели Валентина Азаров, која предава меѓународно право на универзитетот Бирзет во Рамала. Претседателот на Палестинците Махмуд Абас во меѓувреме формираше комитет кој би требало да ја рзгледа молбата на Палестинците упатена до Меѓународниот кривичен суд. Задачата на комитетот на чие чело е Саеб Ерекат е, меѓу другото, да собере документи за Меѓународниот кривичен суд и да ги проследи, за истрагата да може да биде спроведена.
Дали ќе дојде до тужба?
Меѓутоа, неизвесно е дали во иднина воопшто ќе дојде до процес против израелските војници, политичари или вооружените палестински групи. Во текот на прелиминарните истраги ќе се покаже дали се воопшто исполнети неопходните критериуми.
„Еден од најголемите предизвици ќе биде тоа дали Израел ќе соработува со Меѓународниот кривичен суд и дали ќе дозволи пристап кон неопходни информации“, објаснува Валентина Азаров. Израел веќе ја исклучи таа можност. „Освен тоа, ќе се следи како различни палестински институции се однесуваат кон кршењето на човековите права на својата територија“, вели таа. Притоа, ќе стане збор и за тоа дали владата на национално единство, формирана во април 2014 година, ќе биде во состојба да собере неопходни информации, па и такви кои ги погодуваат и палестинските партии и групи кои не се дел од владата на национално единство, но во Газа, каде на власт е Хамас, делуваат потполно самоволно. Само ако бидат обезбедени неопходните информации може да биде спроведена и истрага. Палестинците го сакаат тоа кога станува збор за израелските населби, кои за нив, но и за нивните бројни сојузници, претставуваат пречка за постигнување мир. Истовремено би требало да биде спроведена истрага и за случувањатаво војната во Газа во 2014 година.
Внатрешнопалестински цели
Приемот на Палестинците во членство на Меѓународниот кривичен суд и евентуалните тужби немаат последици само по израелско-палестинскиот конфликт. И на внатрешен, палестински план, бројни групи би можеле да извлечат полза за себе.
Радикално исламистичкиот Хамас, кој го контролира Појасот Газа, ја поддржува постапката на претседателот Абас. Хамас притоа го презема и ризикот и сам да се најде на удар. „Можно е дури во овој ризик Хамас да гледа можност да се позиционира кон радикалните конкуренти во Појасот Газа“, вели Маргарет Јохансен.
Но Валентина Азаров нагласува уште еден, дополнителен аспект кој може да се појави при евентуалните истраги за воени злосторства. „Трети земји во иднина би можеле поради тоа да го променат својот однос“. Доколку дојде до официјална истрага на Меѓународниот кривичен суд, тогаш државите и институциите брзо би биле принудени на повлекување консеквенци. Сепак, Азаров во тоа гледа и можност за прекин на спиралата на насилство. Целта е преку Меѓународниот кривичен суд долгорочно да бидат заплашени воените злосторници. Двете страни затоа би морале да поразмислат за своето однесување. Израел веќе најави деблокирање на средствата наменети за Палестинците.