1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Мешањето на вакцините го засилува имунолошкиот систем

БГ /АФП
22 октомври 2021

Користењето на различни вакцини за т.н. бустер доза против Ковид-19, може да даде посилен имунолошки одговор одошто користењето на еден вид, вели Европската агенција за лекови.

https://p.dw.com/p/420EG
Pfizer-BioNTech COVID-19 Impfstoff
Фотографија: Pfizer/AP Photo/picture alliance

Европската медицинска агенција (ЕМА) соопшти дека анализира податоци за да одлучи дали ќе ги следи препораките на американските власти за користење на различна вакцина при давањето трета доза против коронавирусот. 

Во ЕУ досега е прифатена употребата на вакцините на Фајзер/Бајонтек, Модерна, Џонсон и Џонсон и АстраЗенека. Од нив, само за Фајзер досега е одобрено користење на трета доза или т.н. бустер. 

„Гледаме ветувачки резултати од студиите кои потврдуваат дека ваквиот пристап предизвикува, со одредена комбинација на вакцини, посилен имунолошки одговор одошто кога се користи иста вакцина за дополнително боцкање“, вели Марко Кавалери, прв човек на вакциналната стратегија на ЕМА. 

Неколку земји веќе одобрија бустер дози за зголемување на имунитетот кај луѓето кои веќе биле вакцинирани, но чија заштита можеби опаднала по неколку месеци, иако препораката засега се однесува само на ист тип вакцина. 

РНК-вакцината како бустер 

Студија објавена во САД минатата недела покажува дека луѓето кои примиле вакцина Џонсон и Џонсон - која користи векторска технологија како АстраЗенека - можат да имаат бенефит од бустер доза од различна вакцин, како Фајзер или Модерна, кои користат РНК-технологија. 

РНК-вакцините „функционираат многу добро“ како бустери и „навистина се во состојба да создадат робустен имунолошки одговор“, вели Кавалери. Но, тој додава дека севкупно „се чини дека има бенефити од сите видови вакцини“.
На 25 октомври ЕМА треба да реши дали ќе одобри бустери на Модерна.

Во четвртокот Фајзер соопшти дека третата доза од нивната вакцина е ефективна во 95,6 отсто случаи против симптоматска инфекција.

За околу два месеца Фајзер треба да одлучи и дали ќе дозволи користење на вакцината на Фајзер за деца на возраст од 5 до 11 години. Следната недела ќе започне анализата и на оралниот лек против ковид на американскиот производител Мерк.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи