1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Месиќ и Тадиќ испратија сочувства по смртта на Глигоров

2 јануари 2012

Поранешниот хрватски претседател Месиќ оцени дека Глигоров бил еден од ретките политичари на Балканот кој знаел да ги брани државни интереси избегнувајќи го национализмот

https://p.dw.com/p/13czI
Стипе МесиќФотографија: AP

Заминувањето на Киро Глигоров е загуба не само за Македонија, туку и за целиот регион, вели поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ во телеграмата со сочувство испратена до македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

„Киро Глигоров ќе биде запаметен како еден од ретките политичари и државници од овие простори кој знаеше да ги препознае, застапува и брани интересите на својата нација, а притоа и успешно да го избегне екстремниот национализам“, пишува Месиќ во телеграмата.

Месиќ го спомнува Глигоров и како голем пријател.

„Секогаш ми беше драго да се сретнам со него и да разменам мислење, било за билатерални прашања, било за регионот, било за приликите на меѓународната сцена. Тој беше искрено посветен на зајакнување на македонско-хрватските односи, како и за стабилизација на целиот регион“, вели Месиќ.

Телеграма со сочуство испрати и актуелниот српски претседател Борис Тадиќ.

Автор: БГ/миа

Редактор: Александра Трајковска