Мерси
23 октомври 2019Се чини дека исходот од самитот на ЕУ ја начека македонската политичка елита релативно неподготвена и сега сите ние ќе ја платиме цената за тоа. Иако во претходниот период Франција најавуваше сомнеж околу сопствената стратегија и поддршка за натамошните евроинтеграции на Балканот, нејзиното тврдо „не“ сепак беше изненадување за сите. Дотогаш, и европските лидери, а и македонските знаменосци, беа уверени дека сигналите кои доаѓаат од Париз сепак ќе се претворат во едно неволно „да“ кога Франција ќе се соочи со масовната поддршка од другите земји. Тука СДСМ ќе ја плати највисоката цена, зашто голем дел од нивниот политички наратив беше врзан за валоризацијата на нивните досегашни напори на надворешен план, и релативизација на нивните недоследности на домашен план, преку почеток на преговори со ЕУ. Мислам дека и ВМРО-ДПМНЕ, исто така, и покрај срамежливите прогнози дека датумот нема да дојде, реално градеа стратегија која по сѐ изгледа не беше врзана за неуспех во Брисел, туку повеќе за цената и недоследностите дома. Така, мислам дека во наредниот период ќе бидеме сведоци на неколку позначајни трансформации на политичкиот наратив на двете најголеми македонски партии.
Прво малку за тврдиот став на Макрон. Тој не е толку бениген како што се толкува, и мислам дека ќе биде малку покомплицирано да се смени брзо. Позицијата на Макрон не е онаа јавната „ние не сме подготвени, јавете се утре“. Тој во моментов се противи на проширувањето воопшто. Оттаму и неговата подоцнежна изјава дека проширувањето не треба да биде единствената стратегија за соседите на ЕУ во овој период. Ставот на Франција е релативно едноставен, иако болен за нас. Тие поаѓаат од становиштето дека секое наредно проширување во основа ја слабее француската позиција во рамките на ЕУ. Со примањето неподготвени земји, особено источноевропските, Франција станува малцинство во европското семејство, а земји кои не се ни приближно (како што смета Макрон) еднакви по важност, стануваат еднакви партнери во одлучувањето во ЕУ. Така, мајоризацијата, еднаквото право на одлучување, на вето, на европски комесари, во основа прави „старите“ европски земји полека да стануваат сѐ послаби. Оттаму, Макрон вели - прво реформи, потоа проширување. Тоа е стратешка пресвртница, не е нијанса во динамиката. Затоа, сметам дека Франција тешко ќе прифати нов бран проширување пред да се осигура оти новите проширувања барем нема да го ослабнат нивното влијание во ЕУ. Тоа е и причината зад нивниот предлог за концентрични кругови на членство, бидејќи само така позицијата на старите членки нема да зависи од бројот на нови членови. Поради таквата стратешка дилема, сметам дека ќе биде тешко да се натера Франција да се предомисли за новиот пакет проширување, зашто ако попушти сега, нема да има на што да се противи понатаму, проширувањето де факто ќе биде комплетирано.
Единствена можност за некаков пробив, е однапред дефинирана стратегија на одвојување на Македонија од Албанија и останатите земји веднаш. Еве зошто така мислам. Прво, за Македонија нема дилема кај ниту една останата членка, и Франција би била под огромен притисок доколку повторно ја одбие само нашата земја. Понатаму, одвојувањето од Албанија сепак на Франција би ѝ оставило некаков маневарски простор и отстапка доколку при наредното проширување сака да наметне промени. Тука, се разбира, најголемиот предизвик е да се убеди Германија и Меркел дека ваквата одделна стратегија е возможна и остварлива. Досега, и покрај срамежливите најави од Германија дека теоретски би прифатиле некаков т.н. „decoupling“, тоа не се случи, дури ни соочени со извесниот пораз за двете земји на последниот самит. Но, дури и ваквата стратегија за итно одвојување е со кус рок, и таа може да биде успешна само додека сѐ уште се свежи впечатоците и притисокот од останатите земји членки во ЕУ, значи само до наредниот самит во мај. После тоа, оваа определба на Франција ќе стане трајно жаречка криза во ЕУ, и ние (па и проширувањето) ќе бидеме ставени на втор или трет колосек на дебати внатре во земјите членки.
На домашен план, овој пресврт ќе донесе промени во наративите на двете најголеми партии, особено сега, кога нивните сценарија се веќе обоени со предизборни агенди. СДСМ ќе има еден наратив на разочараност и фрустрација кон ЕУ, а, парадоксално, ВМРО-ДПМНЕ ќе го омекне своето стојалиште кон ЕУ и Преспанскиот договор. Овие промени се должат на соочувањето на партиите со реалноста пред извесните избори. СДСМ се соочува со фактот дека НАТО и ЕУ не се доволни оски на програмската понуда, и ќе има еден ладен однос кон проширувањето како единствена визија. ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна, ќе се соочи со фактот дека евроатлантските аспирации не се менлива категорија и дека кокетирањето со ревизија на нашата надворешна политика може да ги направи небезбедни за електоратот од критичкиот центар. Така, очекувам едно отрезнување на двата политички блока пред избори. Ако за ништо друго, мислам дека барем за ова, треба на Франција да ѝ кажеме „мерси“.