Меркел ја започнува битката за четврти мандат
3 јули 2017Главниот ривал Мартин Шулц од Социјалдемократската партија (СПД) кампањата ја започна под мотото „повеќе социјална правда“, ветувајќи даночни реформи, бенефиции за невработените и за децата, откако веќе успеа да го легализира истополовиот брак.
Конзервативната Христијанско-демократска Унија (ЦДУ) на Меркел досега не успеа да се спротивстави на ривалите со фокусирана кампања која би произлегла од обединувачка политичка тема.
Корисниците на социјалните мрежи минатата недела се поигруваа со генералниот секретар на ЦДУ, Петер Штаубер и неговиот слоган „За Германија каде сите ќе живеат добро и со задоволство“, кој тој се обиде да го пренесе во тешко разбирлив Твитер хаштаг #fedidwgugl.
„Мути“ со најголеми шанси
Шулц, кој заостанува зад Меркел во анкетите, минатата недела ги шокираше набљудувачите откако ја обвини канцеларката дека систематски одбива да дебатира со него за иднината на земјата.
Но, слабокрвната кампања на ЦДУ досега не ги наруши шансите на канцеларката која делови од електоратот ја нарекува „Мути“ (Мама).
Откако накусо забележа голем раст на рејтингот од јануари до март годинава, рејтингот на Шулц- поранешен претседател на Европскиот парламент- во меѓувреме се посилно паѓа во испитувањето на јавното мислење.
Обединувањето околу силен лидер е долга традиција на ЦДУ, чии едноставни кампањски постери „Без експерименти!“ со ликот на Конрад Аденауер од 1957 година, остануваат основа на германската политичка култура.
Силен лидер
Менторот на Меркел, неодамна починатиот поранешен канцелар Хелмут Кол, беше обвинуван дека ја трансформирал ЦДУ во „групација за избор на канцелар“ за време на 16-годишното владеење. Самата Меркел одлучи да се претстави како силен лидер во 2013 година, со огромни постери на кои беа прикажани само нејзините споени прсти од двете раце и слоганот „Германија во добри раце“.
Неколкуте конкретни политики кои досега беа најавени од партиската машинерија на ЦДУ и нејзината баварска сестринска партија-ЦСУ, се познати за конзервативците ширум светот.
Сестринските партии планираат намалување на даноците, зголемување на прагот за највисоките слоеви и намалување на ткн. „солидарни додатоци“ кои беа воведени по повторното обединување на Германија во 1990 година со цел да се олесни транзицијата на источна Германија.
Намалувањето на даноците ја зголемува потрошувачката и со тоа го зголемува увозот, што би можело да се толкува и како гест кон критичарите на големиот германски трговски суфицит.
Според министерот за финансии, Волфганг Шојбле, има простор за даночни олеснувања во вредност од околу 15 милијарди евра. Таа бројка веројатно нема да ги задоволни домашните и странските критичари, кога ќе се земе в предвид дека германските сојузни, покраински и општински власти минатата година собраа 1,3 трилиони евра во даноци и социјални придонеси.
Сепак, останува една тема, како ехо од бегалската криза, која и натаму ја раздвојува Меркел од поконзервативните Баварци: дали Германија треба да постави лимит за бројот на бегалци на кои ќе им биде дозволено да влегуваат во земјата секоја година?