1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел тактички се преигра

Александер Кудашеф
15 ноември 2016

Избор може да биде избор само ако резултатот не е познат претходно. Зошто не е така и кога се избира Сојузен претседател?

https://p.dw.com/p/2SjHO
Deutschland Bundeskanzlerin Angela Merkel & Außenminister Frank-Walter Steinmeier
Фотографија: Reuters/A. Schmidt

Нема дилема: Франк-Валтер Штајнмајер, сѐ уште министер за надворешни работи, ќе биде добар Сојузен претседател ако биде избран, што е прилично сигурно. Тој ќе остави добар впечаток, ќе ја претставува со стил земјата нанадвор и ќе делува помирливо и понекогаш опоменувачки навнатре.

Неговите говори нема да го имаат духот на претходникот, Јоахим Гаук, вицкастоста и реторичката умешност на Јоханес Рау, но ќе бидат сериозни по состав и содржина. Со оглед на тоа што зборот е оружјето на претседателот, Штајнмајер, кој е сѐ само не надарен говорник, ќе се обиде да ги именува проблемите на земјата со факти и трезвено. Од него не може да се очекуваат сјајни, дури и историски говори како на Рихард фон Вајцекер, Теодор Хојс или Роман Херцог, но може да се очекува солидно подготвување на Германците за стварноста на модерното време. Штајнмајер е симбол на умереност и центар и политички разум. Тоа не е малку во турбулентни времиња - меѓу Путин, Трамп, Ердоган и кризата во ЕУ.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App
Александер Кудашеф, главен уредник на ДВ

Изманеврираната канцеларка

Го одбра канцеларката Ангела Меркел. Не, таа дозволи тој да биде одбран од коалициониот партнер, шефот на СПД Габриел, кој - во соработка со лидерот на сестринската партија ЦСУ, Хорст Зехофер - ја изманеврира. Меркел, имајќи ги предвид мнозинските односи во Сојузното собрание, што е разумно, сакаше консензуален кандидат. Едниот можен кандидат, претседателот на Бундестагот Норберт Ламерт, одамна кажа „не“. А, Меркел ги остави работите да си одат по свој тек сѐ до моментот кога Габриел одеднаш го прогласи Штајнмајер за кандидат на социјалдемократите. Една недела подоцна Меркел се најде во шах-мат позиција и го дефинираше Штајнмајер како кандидат на разумот и на политичкиот центар.

Меркел, наводно најмоќната жена на светот (што не е неточно), е поразена на домашна сцена. Прво со бегалската криза, која го нагризува нејзиниот авторитет, а сега преку оваа чудна кандидатура. Може ли навистина да немало никој во ЦДУ, најголемата партија во Германија, кој би бил соодветен за функцијата? Незамисливо! Нема ли никој кој би бил подготвен да се кандидира, па и по цена да загуби? Незамисливо! Незамисливо? Или чувството на сигурност во меѓувреме е станато толку силно што најдобрите кандидати настапуваат само ако се сигурни во победа?

Токму по изборот на Трамп, по шлаканицата за елитите, по победничкиот поход на авторитарните популисти како Ердоган, по референдумот за Брегзит, беше вистинско време за дуел на двајца висококаратни кандидати. Претседателот не го договараат моќниците, туку пратениците од сојузот и покраините. И на тој начин Штајнмајер ќе имаше шанса, во тоа нема дилема. Но, шанса ќе имаше и кандидат на Унијата (ЦДУ и ЦСУ).

ЦДУ се ситни самата

Меркел тактички се преигра. Не го виде она што ѝ беше пред очи - да одлучи самата за некого, како што тоа го стори Габриел. Таа самата се направи помала од неопходно и на сите им ја одзеде шансата за демократски дуел со неизвесен крај. Штајнмајер тогаш можеби сепак ќе беше избран за Сојузен претседател и веројатно ќе беше добар, почитуван претставник на земјата. Но, ќе можеше да победи и некој друг. Можеби дури и жена. Зашто по 67 години избор на жена за претседател е исто така одговор на тешките времиња кои настапија. И, што не е неважно, кандидатура со борба за функцијата ќе им го одземеше ветрот од едрата на оние кои тврдат дека „тие таму горе прават што сакаат“. Изборот на Сојузен претседател 2017 - пропуштена шанса.