1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел со честитки за Бајден и Харис

СН/дв
9 ноември 2020

Германската канцеларка уште еднаш им го честиташе изборот на идниот американски претседател Џо Бајден и неговата потпретседателка Камала Харис и ги истакна пријателството и заедничките вредности на Германија и САД.

https://p.dw.com/p/3l3Bk
Nach der Präsidentenwahl in den USA
Фотографија: Michael Kappeler/picture alliance/dpa

Канцеларката, Ангела Меркел, денеска ја истакна подготвеноста на Германија „рамо до рамо“ со САД и со новоизбраниот претседател Џозеф Бајден да се соочат со „глобалните промени“ како што се глобалното загревање и пандемијата на коронавирусот. Германската канцеларка, чии  односи со актуелниот американски претседател Доналд Трамп се сложени, упати „срдечни честитки“ до новоизбраниот претседател на САД Џозеф Бајден.

Меркел во изјава за новинарите го поздрави „искуството во внатрешната и надворешната политика“ на Бајден. „Тој добро ги познава Германија и Европа“, рече канцеларката, не споменувајќи го актуелниот претседател, кој за време на неговиот четиригодишен мандат не ја посети Германија.

Angela Merkel zur US Wahl 2020 Joe Biden
Фотографија: Michael Kappeler/REUTERS

Меркел, првата жена на чело во Германија, изрази задоволство што на местото потпретседател е жена, Камала Харис, за која рече дека е „инспирација за многумина, пример за американски можности“.

Повеќе:

-Џо Бајден: Нов претседател, но не и победник над омразата

-Џо Бајден е 46 претседател на САД

-Избори во САД: Германија се надева на Бајден

Канцеларката за децениското пријателство меѓу двете земји рече оти претставува „заедничко богатство“. „Сојузници сме во НАТО, ги делиме основните вредности на достоинството, демократијата и на правната држава“, наведе таа.

USA Wilmington | Rede Joe Biden und Kamala Harris nach dem Wahlsieg
Фотографија: Andrew Harnik/Getty Images

Берлин и Вашингтон „мораат да направат заеднички фронт и да се соочат со големите предизвици на нашето време, рамо до рамо во тешките искушенија со пандемијата на коронавирусот, рамо до рамо во борбата против глобалното загревање и неговите глобални последици, во борба против тероризмот“, истакна Меркел.

„Германците и Европејците знаат дека мораат да преземат поголема одговорност во ова партнерство“ со САД, додаде канцеларката на Германија, која до крајот на годината претседава со ЕУ.

„Америка е и ќе остане наш главен сојузник, но таа со право очекува да сториме повеќе за да ја осигураме сопствената безбедност и да ги одбраниме нашите уверувања во светот“, изјави Меркел која во 2021 година ќе се повлече од власт. Германија која традиционално има блиски односи со САД, во последните 4 години беше на удар на критики од Доналд Трамп.