Меркел се залага за краток но построг локдаун
7 април 2021Канцеларката Ангела Меркел пледира за воведување на краток но заострен локдаун во Германија со оглед на актуелната состојба со бројот на инфекции.
„Затоа секое барање за краток локдаун кој подеднакво ќе важи во целата земја е исправно“, изјави заменичката на портпаролот на германската канцеларка, Улрике Демер денеска во Берлин на прашањето за позицијата на канцеларката околу ова прашање.
Според Демер, податоците за бројот на инфекции во земјата поради велигденските празници не ја отсликуваат вистинската ситуација. Од друга страна, зголемениот број зафатени кревети за интензивна нега во германските болници укажува на сериозноста на состојбата.
„Потребна ни е стабилна инциденца (број на заразени за седум дена на 100 илјади жители) под 100“, изјави Демер, според која подобро е таа да изнесува 50 , а идеално би било кога инцидената би била 30.
Повеќе:
-Потфрли ли германскиот федерализам во кризата? Секако дека не!
-Германскиот претседател со повик: Политиката и граѓаните да се обединат во кризата
-Германија: Локдаунот продолжен, за Велигден дури и заострен
Таа уште соопшти дека нема мнозинство за порано одржување на состанокот на канцеларката со покраинските премиери за натамошните чекори во корона-кризата, закажан за наредниот понеделник. Но, подготвителни разговори со покраините се во тек, истакна Демер, дополнувајќи „Разноликоста на рестрикциите во покраините не придонесува за доверба и прифаќање од страна на германските граѓани.“
Премиерот на покраината Северна Рајна-Вестфалија и лидер на Христијанско-демократската унија- , Армин Лашет деновиве предложи таканаречен „премостувачки локдаун“ со заострени мерки сè додека кампањата за вакцинација не постигне јасно резултати и се заложи за тоа состанокот со канцеларката и колегите покраински премиери да биде одржан уште неделава.
Во последните 24 часа во Германија се потврдени уште 9.677 случаи на Ковид-19, или вкупно 2,9 милиони од почетокот на пандемијата. Од последиците на вирусот во земјата досега починаа 77.401 лице.