Меркел: Нема оправдување за непријателство кон странците
12 септември 2018Единството или распадот на Европската Унија зависат од тоа како ќе се одговори на прашањето на миграцијата, смета германската канцеларка Ангела Меркел. Во обраќањето пред пратениците во германскиот Бундестаг, таа денеска потенцираше дека и во Германија мора да се постапува решително против силите кои се обидуваат да изолираат одредени групи во општеството.
„Нема да дозволиме цели групи во нашето општество да бидат тивко и неупадливо изолирани. Евреите, муслиманите, исто како и христијаните и атеистите, припаѓаат кон нашето општество, нашите училишта, нашите партии, нашиот општествен живот. Јас сум благодарна за секој поединец кој се ангажира за нашата демократија“, рече Меркел.
Во врска со инцидентите и насилствата во Кемниц и Кетен, канцеларката потенцираше дека не постои оправдување за „хушкање, делумно и употреба на насилство, за нацистички пароли, непријателство кон луѓето кои изгледаат поинаку, кои поседуваат еврејски ресторан, или за напади врз полицајци“.
Меркел нагласи дека мнозинството луѓе во Германија работат на добар и толерантен соживот.