1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел не очекува и други земји да излезат од ЕУ

ЕМФ / дв
24 март 2017

Германската канцеларка Ангела Меркел не очекува по Велика Британија и друга земја да ја напушти ЕУ. Утре ЕУ ја прославува 60-годишнината од потпишувањето на Римските договори.

https://p.dw.com/p/2Zrtt
Deutschland CDU Bundesparteitag in Essen Rede Merkel
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

По одлуката на Велика Британија за Брегзит, германската канцеларка Ангела Меркел не очекува натамошни истапувања од Европската Унија. „Некои земји членки имаат се разбира различни претстави за тоа како треба да изгледа иднината, но патот е генерално јасен: поголема соработка во одбранбената политика, во заштитата на границите, во борбата против исламистичкиот тероризам и во сѐ она што нѐ прави економски успешни и што обезбедува работни места за нашите деца и внуци“, изјави канцеларката за весниците „Пасауер нојен пресе“ и „Донаукуриер“.

Вонреден самит на ЕУ во Рим

Утре 27-те шефови на држави или влади на ЕУ во Рим ќе ја одбележат 60-годишнината од потпишувањето на Римските договори, кои беа основа за ЕУ. Наредната среда Велика Британија, според сопствената најава, треба да поднесе барање за Брегзит.  Сепак, Меркел не смета дека тоа ја засенува прославата во Рим. „Знаевме дека писмото ќе дојде, дали е тоа ден порано или подоцна, не игра улога. Земјите членки кои сакаат заеднички да гледаат во иднината, можат и заеднички да прославуваат.“

Според Меркел, работата во наредните години ќе се одвива во две насоки: „Тука се од една страна преговорите за излегување на Велика Британија, а од друга страна - напорите ЕУ со 27 членки да стане фит за заедничката иднина.“

Римските договори од 1957 година го поставија темелот за денешната ЕУ. На вонредниот самит во италијанскиот главен град, шефовите на држави или влади на 27-те земји членки, без Велика Британија, треба да излезат со изјава за насоките на ЕУ во наредните 10 години.