1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел на страната на Холандија во спорот против Турција

Ж. Ацеска
13 март 2017

Турција и Холандија меѓусебно бараат извинување од другата страна, а НАТО и ЕУ повикуваат на умереност и деескалација на спорот. Германската канцеларка застана на страната на Холандија.

https://p.dw.com/p/2Z6UW
Angela Merkel Türkei Reaktion EU
Фотографија: picture-alliance/dpa/W.Kumm

НАТО од Турција и од другите сојузници побара умереност во спорот околу откажаните изборни настапи на турски политичари во европски земји. Целта е смирување на тензиите и деескалација на ситуацијата, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг денеска во Брисел: „Ги охрабрувам сојузниците да покажат меѓусебен респект, да останат смирени и да изберат одмерен начин на постапување.“

Столтенберг притоа укажа на НАТО-мисијата во Турција, во чии рамки се стационирани Торнадо-авиони на Бундесверот и војници. „НАТО-присуството е добро не само за Турција, туку и за Европа и остатокот од светот“, истакна Столтенберг, зашто тоа служи за спречување на прелевањето на насилство од Сирија и Ирак во Турција и истовремено помага во борбата на меѓународната коалција против Исламска држава.

ЕУ пак од Турција побара да се воздржи од пребрзани изјави и постапки кои се закануваат да ја заострат состојбата.  „Потребно е да се најдат начини за смирување на ситуацијата“, побараа во заедничко соопштение високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан. Според нив, ЕУ не игра улога во одлуките за изборни настапи на турски политичари, компетенциите за нив се кај земјите-членки, но мора да се носат во согласност со применливите правила на меѓународното и националните права. 

Меркел со поддршка на Холандија

По ескалацијата на односите меѓу Турција и Холандија, германската канцеларка Ангела Меркел застана на страната на соседната држава. Споредбите со нацистички методи, кои јавно ги изнесе турскиот претседател Ердоган, таа ги критикуваше како целосно неприфатливи. Тие водат кон заблуди и ги минимизираат страдањата на жртвите, „посебно во случајот со Холандија, која толку страдаше поради националсоцијализмот, поради што на земјата ѝ укажувам целосна поддршка и солидарност“, потенцираше Меркел.

По откажаните собири во Германија, Холандија на викендот забрани учество на турски министри на митинзи во изборна кампања за промена на уставот во Турција. Тоа беше повод турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да подигне обвинувања за нацистички методи и фашизам и против Холандија.

Rotterdam Verhältnis der Niederlande und der Türkei
Турски демонстранти во РотердамФотографија: DW/K. Brady

Холандија и Турција на непомирливи позиции

Во најтешката дипломатска криза меѓу Турција и Холандија, двете НАТО-членки и натаму се на конфронтирачки курс. Анкара денеска побара официјално писмено извинување за забраната за настапи на турски министри во Холандија. Ден Хаг пак издаде предупредување до своите државјани за патување во Турција. Турција упати две протестни ноти - смета дека е неприфатливо што на нејзиниот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу не му беше дозволен влез во Холандија, а турската министерка за семејство Фатма Бетул Сајан Каја беше спречена да учествува на изборни митинзи на викендот и со полициска придружба мораше да ја напушти земјата. Втората нота го критикува односот на холандските власти кон демонстрантите пред турскиот конзулат во Ротердам, кои, како што тврди Анкара, противправно биле растурени со водени топови и полиција.

Холандскиот премиер Марк Руте исклучи можност за извинување од своја страна, инсистирајќи Турција да се извини за случувањата од викендот и изјавите дека Холанѓаните се „потомци на нацистите и фашисти.“

Двете влади во моментов се наоѓаат во лов на гласачи. Во Холандија в среда ќе бидат одржани парламентарни избори, според последните анкети, партијата на премиерот Руте е во водство, но партијата на десниот популист Герт Вилдерс ѝ е зад петици.

Во Турција во средината на април треба да се одржи референдум за уставна реформа, која значително ќе ги прошири ингеренциите на моќ на Ердоган. Приврзениците на турскиот претседател и противниците на претседателскиот систем актуелно водат изедначена трка, поради што министрите на Ердоган ги врбуваат турските гласачи кои живеат во ЕУ-државите.