„Меркел молчи за репресиите во Турција“
23 април 2016Германската канцеларка Ангела Меркел би требало при денешната посета на Турција (23.04.2016) со јасни зборови да укаже на кршењето на човековите права во таа земја, пишува главниот уредник на весникот „Џумхуриет“, Џан Дундар. Во отвореното писмо до канцеларката тој се жали на тоа што Меркел ја премолчува репресијата која владее во Турција и бара таа отворено да се спритистави на неа. Целиот свет, имено, „внимателно ќе го следи текот на нејзината посета“.
Меѓу автократија и демократија
„Сакате ли повторно да се состанете само со владините претставници? Дали пак ќе се правите како во Турција да не постои репресија?“, се прашањата кои Диндар и‘ ги упатува на Ангела Меркел. „Во Турција е во тек борба меѓу демократите и автократите“, се вели во неговото отворено писмо, во кое изнесува јасна порака до канцеларката: „Во ова историско време Вие и Вашата земја, за жал, се наоѓате на погрешна страна.“
Дундар и негов колега новинар мораат пред суд да одговараат поради текст напишан во 2014 година околу испораките на оружје на екстремистите на Исламска држава во Сирија, вршени од турската тајна служба. Новинарите се обвинети за шпионажа и поддршка на терористички организации, а кривичната пријава ја поднесе лично претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Целта на посетата на Меркел во Турција се разговори за бегалската криза и спроведувањето на Договорот за бегалци меѓу ЕУ и Турција. Освен средбата со турскиот премиер Ахмет Давутоглу, таа ќе посети и бегалски камп во Газиантеп. Во регионот околу овој град се наоѓаат околу 350.000 бегалци од Сирија.
И Кристијан Мир, еден од шефовите на организацијата Репортери без граници, бара Меркел отворено да изнесе критики. Пред турските судови во моментгов се наоѓаат стотици турски новинари, обвинети за објавување критички кон владата статии или за тоа што се занимавале со истражувачко новинарство.
Курдите ја повикуваат Меркел да го посети Дијарбекир
Курдската заедница на Германија ја критикува одлуката на канцеларката за посета на Газиантеп. Тој град е логистички и финансиски центар на Исламска држава, тврдат тие. Турција практично се „наоѓа во војна против сопствениот курдски народ.“ Од оваа заедница ја повикуваат канцеларката да го посети регионот околу градот ијарбекир, зашто таму се формира „нов бегалски бран кој тргнува во правец на Европа.“ Во тој регион, имено, постојано избиваат судири меѓу турската армија и курдските бунтовници.