„Добрите пријатели не мора да имаат исти мислења“
16 јули 2021Американскиот претседател искажа пофалби за 16 –те години во кои Ангела Меркел е германски канцелар, тие имаат историски карактер, рече Џо Бајден на заедничката прес конференција со Меркел во Вашингтон. Меркел има одлучувачки заслуги за Германија и светот, постојано се залага за исправни нешта и застанува во одбрана на човековото достоинство, истакна Бајден.
„Знам дека партнерството меѓу Гермнаија и САД, ќе стане уште поцврсто со фундаментот во чија изградба учествувавте, но лично морам да Ви кажам дека Вашето присуство многу ќе ми недостасува на нашите средби," ѝ се обрати Бајден директно на Меркел.
Германската канцеларка е прв шеф на влада од Европа кој Џо Бајден го прима во Белата куќа откако ја презеде должноста на 20 јануари. Меркел вчера стигна во проштална посета на Вашингтон, која треба да означи нов почеток во германско-американските односи, кои доживеаја најдолна точка во ерата на претходникот на Бајден, Доналд Трамп.
-повеќе:
Меркел во посета на САД: Размена на нежности меѓу Вашингтон и Берлин
Буш за Меркел: „Жена со принципи и големо срце“
Германската надворешна политика по Меркел
Кому всушност му е потребен „Северен тек 2“?
Бајден повторно предупредил од намерата на Русија енергијата да ја користи како „оружје“ или средство за притисок кон своите соседи, како Украина. Тој на Меркел повторно ѝ ги изложил своите задршки во однос на гасоводот Северен тек 2. САД и Германија се едногласни во поддршка на Украина во поглед на спроведување реформи и зачувување на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, рече Бајден, дополнувајќи: „Добрите пријатели не мора секогаш да имаат исто мислење“.
Речиси довршениот гасовод треба да донесува земен гас од Русија директно во Германија. Меркел истакна дека Северен тек 2 е дополнувачки проект, а во никој случај не е алтернатива за транзитот на гас преку Украина.
Во САД о години постои натпартиски отпор кон гасоводот Северен тек 2. Критичарите во речиси изградениот гасовод гледаат геополитички проект на Русија, кој ја загрозува енергетската безбедност на Европа. Поддржувачите на гасоводот им префрлуваат на САД дека единствената намера е да ѝ го продаваат својот сопствен скап гас на Европа.
Во идните денови се очекува Бајден да се изјасни околу ограничувањата за патувања на луѓето од Германија и Шенгенскиот простор во САД, воведени поради пандемијата на коронавирус.
Притисок за укинување на овие рестрикции за патување во САД доаѓа посебно од германската економија, како и од разделените двојки. Меркел изјави дека разговарала за темата со Бајден, истакувајќи дека сепак одлуката треба да биде трајна, ништо не би донесло ако се донесе сега одлука, а за кратко таа повторно се повлече.
ЕУ во јуни ги укина воведените ограничувања за влез на американските државјани.