1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Германија ќе ги покани на конференција државите од Балканот

ЕМФ/bundesregiering.de7 јуни 2014

Германската канцеларка Ангела Меркел упати уверување до земјите од Западен Балкан дека долгорочно имаат „јасна“ перспектива за приклучување во ЕУ. Таа за крајот на август најави конференција со државите од Балканот.

https://p.dw.com/p/1CEIJ
Фотографија: Reuters

Во видео-подкастот објавен денеска (07.06.) на страницата на Владата, германската канцеларка Ангела Меркел одговара на прашањата на експертот за Југоисточна Европа, професорката Солвеиг Рихтер од универзитетот во Ерфурт. Канцеларката нагласува дека во сите нејзини разговори со челниците на земјите од Западен Балкан во прв план се прашањата на правната држава. ЕУ става на располагање многу пари во процесот на советување на земјите на овој план, но работата мора да ја завршат самите држави, вели Меркел, додавајќи: „Има напредок, но претстои уште многу работа“.

Во однос на перспективите за приклучување кон Унијата, канцеларката вели:

„Ние го поддржуваме приклучувањето, но веруваме дека нема ништо да добиеме ако не се исполнат критериумите. Има многу јасни критериуми за конкретните чекори во процесот на приклучување кон ЕУ. Сите овие земји имаат јасна перспектива за приклучување. На примерот на Хрватска може да се види дека тоа успеа, а на другите им претстои уште долг пат. Но, нашето искуство вели дека ако нема напредок пред приклучувањето, тогаш по приклучувањето сигурно нема да биде поедноставно. Затоа перспективата на приклучување не е ставена само на хартија, туку е поврзана со опсежни програми на поддршка, меѓу кои и програми за практична поддршка. Затоа верувам дека во основа во рацете на секоја земја е дали брзо ќе мине низ овие фази или не. Не би ја окарактеризирала Германија како скептична во однос на приклучувањето, туку би рекла - јасни критериуми, придржување до договорите, нешто што мора да го повторуваме постојано и со земјите кои се членки на Европската унија, и потоа перспективата за Западниот Балкан е јасна. Германија на крајот на август ќе ги покани сите Балкански држави на конференција, за и овде да стави јасно до знаење дека сме за меѓусебна поддршка и сакаме заеднички да гледаме во иднината. Затоа и се залагаме многу силно за овој регион“, рече Меркел.

Меркел, Балкан, ЕУ, перспектива, приклучување, процес, правна држава

ЕМФ/bundesregiering.de

А. Методијев