1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерак и љубов во 2019

Гордан Георгиев
2 јануари 2019

Љуби го ближниот, ама и приближниот свој, бидејќи никогаш точно не знаеш кој е кој. Колумна на Гордан Георгиев.

https://p.dw.com/p/3AtjX
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Годината зад нас нема туку така да остане зад нас. Оваа не беше една од ТИЕ години. Оваа беше година која нема да остане зад нас, туку со години ќе ни стои пред нос. Имавме многу стравови, многу исчекувања и малку очекувања на почетокот на 2018-та. Повеќето од нив злокобно се остварија. Најстрашните сепак нѐ одминаа, смилувајќи се над нашата судбина која не морала да ни биде судба. Сега, откако ја пребродивме тешката година, останува бродот, таа дотраена крнтија со подискинато знаме, мирно да се скраси во некое од пристаништата кои не се на ударот на ветриштата. Тоа и ќе се случи, а ние како измачени пирати обземени од туѓото злато, тргнати па вратени без ниедна бакарна паричка во џебот, се истоваривме на пристаништето среќни што сме живи, иако далеку од дома и она што го нарекуваме дома.

Други колумни од авторот:

За 24 декември, без емоции

Историјата е опасна

Вообичаените, а најважни, посакувања за следната година (здравје, бериќет, успех, веројатно и пари) и немањето план за остварување на истите нѐ става во непријатна ситуација веќе на 1-ви јануари. А како ќе дојдам до посакуваните посакувања? Дури и најминуциозно разработениот план и есап направен дома, на залезот на старата година, веќе утредента се соочува со сметката на пазарот наречен општество. Сеприсутноста на државата во нашите животи, или поточно можеби отсуството на добра држава и добри институции, ги реметат сите домашни есапи и пазарот помеѓу нашите замисли и потреби и институционалните можности го прави невозможно скап.

Па, што да правиме?

Предлагам два типа на поведенија кои во оваа и во следните години би можеле да ни го направат животот ем убав ем исполнет со содржина ем лишен од бесмисла.

Мера(к). Мерак за живот и мера за чувство дека има смисла нашето постоење. Меракот за живот е конципиран широко. Секој, па и социјалниот песимист, може да си пронајде одредени мераци за нешто. Не е епохално сознанието дека животот е краток и постојано се скратува. Циничниот хедонист ќе рече: животот не е лесен, ама е прекрасен. Во малите процепи на нелагодностите во животот секојпат се кријат големи прекрасности. Глупаво е да не ги искористиме кога веќе ги имаме на располагање. Мерак за добра книга или мерак да не ја читам книгата. Мерак за долги кафеански седенки со пријателите или мерак за бескрајни тишини во некакво Маврово. Мерак да го направам она што знам дека другите не го прават или нема да се дрзнат да го направат. Мерата, од друга страна, е совеста на меракот. Колку можам да направам, а тоа да биде прифатено како добра мера? Колку можам да очекувам од државата да направи за мене, а тоа да не биде пеплосано од преголеми очекувања кои носат разочарувања? Не премногу. Нека биде сето тоа со одредена мерка на претпазливост, бидејќи очекувајќи премногу од државата го изгубивме меракот за државата. Знаејќи дека животот ни е доделен лично нам, веројатно имаме право на мали слатки себичности кои никој нема право да ви ги забрани освен вашата внатрешна автоцензура. Малите себичности можат да нѐ направат широкогради, бидејќи задоволството од самиот себеси често умееме да го преточиме кон другите нам блиски.

Меракот има и општествена, би рекол и национална, димензија. Мерак ми е Заев да добие Нобелова награда, за инает на Вучиќ на пример, ама и за ќеф на карневалска Струмица. Вучиќ секако не ја заслужи, а Нобеловата награда веќе одамна е карневалска маска за неуспешните светски мировни проекти. А меракот и инаетот се побратими. Мерак ми е Груевски да се врати во Македонија, ако не на бел коњ, тогаш барем на криво магаре, а ако не се врати многу ќе ми биде мерак ако по Македонија пати. Мерак ми е Македонија да победува во фудбал, головите да ги даваат претежно Барди и Елмас, а химната да ја пеат на беспрекорен македонски со раката на срцето. Па каде ќе ни биде крајот на нас Македонците тогаш. Рака на срце, тој мерак тешко ќе го доживеам, иако навистина не разбирам зошто.

Љубов. Љубовта не оди секогаш рака под рака со меракот. Две лубеници под една мишка тешко се носат. Остроумно рекол Исус од Назарет „љуби го ближниот свој...како што се љубиш себеси“. Добар кеч. Не прави го она што не сакаш тебе да ти го прават. Ако човекот е себично суштество, желно за мераци, дури и такви кои се удираат по туѓиот грб, добро е да има внатрешна мерка која ќе го потсети дека стоте стапа можат да се удрат и по сопствениот грб. Но, истиот тој Исус, несвесен за добрата и злата кои ги донесе глобализираниот свет две илјади години потоа, превидел да го дополни своето слово со синтагмата „љуби го ближниот, ама и приближниот свој, бидејќи никогаш точно не знаеш кој е кој“. Така, во библиска Македонија на почетокот на 21-ви век, граѓаните не знаат точно кој им е ближен, а кој приближен. Библијата е претесна за оваа педа земја, а компетититивните наративи одат отаде моралните постулати на верата. Партиската, социјалната, етничката, културолошката и идеолошката поделба создава неочекувани омрази и страдања. Затоа, љуби го и приближниот свој, оној кој може и знае да ти се приближи или ти да му се приближиш. И бидејќи не видовме големо фајде од номиналните ближни наши, со кои нѐ закрвија токму оние кои нѐ тераа да си ја мешаме крвта, подобро е сами да посегнеме кон оние кои ние ќе си ги одредиме како ближни или приближно наши. Ко-егзистенција и почит кон потребите и маките на другиот е добар почеток. Помирување по граѓанска линија и создавање на коалиции по мерка и со мерка за секого е втор таков чекор. Изнаоѓање на малите нешта кои нѐ сплотуваат наспроти големите кои нѐ разделуваат е трета патека. Љуби го ближниот кој ти е тебе близок по твој вкус, а далечниот кој е физички блиску направи го ближен, или макар приближен. Истокот сѐ до Берово нека комуницира повеќе со Западот сѐ до Дебар, сигурен сум дека имаат што да си кажат на тема бизнис, правна држава, социјална правда и бесмислени поделби на „колачот кој секако друг го зема". Подобро овде да комуницираат отколку да се (про)наоѓаат во индистриските градови низ разни Италии, Германии или Австралии. Градот повеќе нека соработува со селото, селото никако не го кажало последниот збор. Повикот на Жан Жак Русо за враќање кон природата никогаш не бил поактуелен од денес.

Новата Македонија има шанси за нов, безличен почеток, почеток во кој во старт ќе се лишиме од големите патоси, а ќе се сосредочиме на малите капиџици. Со снижен праг на задоволство, но и со помали очекувања од другите, а поголеми од себе. Доколку меракот успее да стапи во нелагоден брак со љубовта, тогаш нема да биде тоа лоша година, имајќи предвид дека претходните репери ни беа исклучително лоши. Да, 2019-та секако ќе биде подобра година, особено затоа што Свињата ја заклавме на почетокот на годината и ќе можеме да ја м’скаме до доцна во есента.