Мемориски пластелин: Зошто заборав за Киро Глигоров?
3 мај 2017Кога ќе стивне музиката од ноќните клубови, кога ќе згаснат блескавите новогодишни светилки, кога светлината на денот ќе го замени мракот, на видело излегуваат нештата кои не сакаме или не сме зрели да ги видиме. Едната од нив е „коалицирањето“ со заборавот. Чудно и апсурдно, ако се има предвид дека градското јадро на Скопје веќе неколку години е музеј на отворено од антиката до денес. Но, се покажа дека мермерот, бронзата и големите пари потрошени за нив, не се гаранција дека армирани темели ќе добие почитта и културата на сеќавањето. На тоа укажува односот кон споменот и делото на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров (1917-2012).
Почина на први јануари пред пет години. По негова и желба на семејството, неговото последно испраќање беше скромно, во семеен круг, без камери, рефлектори и говори. Но, зошто нашиот однос кон придонесот на Глигоров за Република Македонија, стана повеќе од скромен? Секоја година единствено делегација на СДСМ му оддава почит. Можеби на неговото почивалиште има букет цвеќе и од некои други негови почитувачи, но генерално, неговото име како да е ставено во досието „заборавени“. Па прашувам, со што еден ликвидатор од типот на Ќосето-Касапот толку ја задолжил Македонија та му подигнаа споменик и постојано вртат разни документарни филмови за неговото „дело“, наспроти тивкиот, но темелен игнорантски однос кон значајниот придонес на Глигоров за Македонија?
Зарем тој не заслужи многу повеќе од букет цвеќе, зарем не заслужи термин во медиумите, сеќавање на неговите заложби за мир, за соживот, за политика на еквидистанца, особено во овие бурни времиња исполнети со закани од секаков вид? И особено во време кога на политичката сцена се помалку ја има мудроста на „седите коси“, а се повеќе аматеризмот на голобради мрсулковци чие прво вработување е во политиката.
Да не заборавиме - првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров (1917-2012), стапи на функција на 73 години, во еден исклучително турбулентен и пресвртен период за Република Македонија. Тоа е возраст на која неговите врсници времето вообичаено го поминуваат во редовни контроли на крвниот притисок, на престој во бања, играат шах, ги поминуваат мирните пензионерски денови во друштво на внуците, се одмораат по завршениот работен стаж... Глигоров ја немаше можноста за мирни пензионерски денови. Стапи на функција кога зад себе имаше 50 години поминати во Белград на најодговорни функции во поранешната СФРЈ, а пред себе голем предизвик - поставување на институционалните темели на независната македонска држава. Го сметаа за историја што чекори, за жив споменик на цела епоха - личност која ги поврза двата столба на македонска државност - АСНОМ 1944 и 8-ми Септември 1991 година. Тој не бараше да му се креваат споменици. Не нарачуваше негови фотографии да красат канцеларии на државни институции како што тоа денес го прават некои партиски лидери и бивши премиери. Не создаваше имиџ на пастир или светец. Не се лутеше кога во политички кулоари го нарекоа „стариот лисец“. Отворено зборуваше за критиките кои беа упатувани на негова адреса и не се претставуваше како безгрешен. И не беше безгрешен. Ни тогаш не беше табу да се зборува за негови одредени пропусти, што не значи дека треба да ги заборавиме неговите важни резултати, особено оние по кои трајно треба да биде забележан во меморијата на македонскиот народ.
За изградбата на самостојна Македонија даде личен печат со спроведување на референдумот за независност, со донесување на новиот Устав, со битката за демократска преобразба и внатрешна консолидација на земјата и нејзина меѓународна афирмација. Заслужен е што Македонија беше единствената држава од поранешна СФРЈ која ја испрати ЈНА со потпишан договор, без ниеден испукан куршум. Треба ли да бидат заборавени зборовите на Глигоров: „Колку тенкови или камиони на ЈНА вреди еден човечки живот? Нема да дозволам заради куп железо да ни гинат луѓе!“
Со изјавата од неговиот инаугурален говор во Собранието - „Македонија е се` што имаме“, ја наслови и автобиографската книга по завршувањето на двата мандата (1991 – 1999). Тој е заслужен што Македонија стана членка на ООН, макар и со наметнатата референца поради која претрпе големи критики, отколку да биде „ничија земја“ оставена на ветрометина. Во 1995 година година преживеа атентат кој до денес не е расветлен. Наметнатиот заборав на Глигоров може да се смета за втор атентат врз него.
Секако, ова нема да го слушнете и видите на телевизорот што неговиот „колега“ Ѓорге Иванов вчера им го подари на војниците во Еребино. Историјата почнува од „денес и сега“. Она од „вчера“ е подредено на селективност за партиска потреба.
Тоа не зборува добро за Македонија. Земја која држи до себе, до својата меморија, и која толку масивно го оспоменичи периодот на антиката, несвојствено е да остане толку „сенилна“ токму за личностите од најзначајниот период на нејзината современа историја. Ако самата не ги означи и глорифицира своите вредности, ако се претставува како мемориски пластелин, потоа секој ќе може лесно да ја витка.