Нема простор за реформи во медиумите
23 септември 2015Времето за дебата за реформи во медиумите, кои требаше да се најдат на преговарачка маса на работната групи од 2 септември, се „потроши“ на маратонските преговори за специјален обвинител, а деновиве фокусот е ставен на реформите во изборниот пакет кои треба да завршат до 6 октомври. Ако се има предвид дека до 20 октомври треба да се изберат неколку министри и заменици министри, во новинарската заедница сметаат дека медиумските реформи ќе паднат на дното на агендата и тоа во време кога состојбите во оваа сфера драматично се влошуваат. Од партиите потписнички на Договорот од Пржино уверуваат дека медиумските реформи многу брзо ќе бидат ставени на дневен ред.
„Има интенција наскоро да започнат разговорите за медиумските реформи, паралелно со тековните преговори за изборниот пакет. Очекуваме тоа брзо да се случи, бидејќи ако се потребни измени на дел од регулативите во таа сфера, ќе мора тоа што поскоро да се договори, за да има време за имплементација“, велат од работната група. Но, од ниту една партија не откриваат кои се нивните предлози за реформи во медиумската сфера, „за да не си ги нарушат преговарачките позиции“. Сите потврдуваат дека во процесот ќе бидат вклучени и консултирани новинарските здруженија и други невладини организации, чии активности се посветени на оваа проблематика.
Департизација на МРТВ
Главна точка на разговорите ќе бидат промените во Македонската радио-телевизија (МРТВ) и во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Од препораките во извештаите на ЕК досега е воведен само еден - мораториум на владините реклами во медиумите. Извесно е дека најжешкиот костен во разговорите ќе биде департизацијата на МРТВ и нејзината финансиската стабилност, која сега се потпира на радиодифузна такса, приходи од маркетинг и други извори. Уплатата на радиодифузна такса од скромни 28 отсто во 2011 година, до јуни 2015 стигнала до 74 отсто. Според податоците што неодамна ги презентираше директорот на МТВ, Марјан Цветковски, лани реалниот буџет на МРТВ изнесувал 14, 5 милиони евра од кои од радиодифузната такса биле обезбедени 9,5 милиони евра, од маркетинг еден милион евра и наменски средства од буџетот 3,9 милиони евра. Според него, тие средства не се доволни за стабилност во работењето на МРТВ, кој емитува програма на 5 телевизиски сервиси и 3 радио-програмски сервиси. Новинарските здруженија ЗНМ и МАН имаат свои предлози за финансиски и други реформи во јавниот сервис. Во дел се совпаѓаат, во дел нудат различни решенија. Марјан Николовски, член на МАН вели дека повеќе од потребно е сега да се искористи моментот да се дојде до најдобриот концепт, иако последните четири-пет години МРТВ во програмската и техничката поставеност бележи прогрес како никогаш досега.
„Што и треба на МРТВ? Суштинско за јавниот радиодифузен сервис е да остане, или поточно да стане, медиум во контекст на заштита на јавниот интерес, секако со стабилна финансиска развојна компонента. Ништо повеќе и ништо помалку. До тоа може да се дојде само преку многу повисоко ниво за свест за демократија, ниво за кое за жал е потребен подолг еволуциски процес на овие простори. А кога некој нема толку време за чекање, тогаш ја бара најсоодветната алтернатива“, вели Николовски. Според него, она што не смее да се дозволи е поделбата на канали во МТВ меѓу власта и опозицијата.
„Концептот кој некако се наговестува во јавноста, за поделба на влијанијата меѓу партиите од една страна и државното финансирање од друга, е пат кон целосна деградација од која единствен излез некогаш би бил само клуч на вратата на МРТВ“, дециден е Николовски.
Нов медиум
И токму во еден тежок период за медиумските субјекти, во однос на констатираната неслобода на изразување, на притисок од извршната власт и на растечка автоцензура, од завчера медиумската заедница е побогата со уште еден член - Телевизијата 21. Дали таа започнува со работа со вкалкулиран ризик од ваквите состојби, дали само ќе се прилагоди на нив или ќе се бори за презентирање на професионални стандарди - ја прашавме Афердита Сарачини Келменди, Генерален Директор на РТВ21 во Косово и на ТВ21 во Македонија.
„ТВ 21 повеќе од 15 години е присутна и во Македонија со своите програми! Императив на нашиот медиум секогаш бил и ќе биде професионалниот пристап. Ова го велам и заради тоа што сопствениците на овој медиум се сите долгогодишни познати новинари во Косово, Македонија и во меѓународниот свет. ТВ 21 во Македонија ја започнува програмата со истиот пристап кон професионалното и објективното информирање, како што го прави тоа веќе 17 години. Состојбата во медиумите во Македонија не е непозната за нас. Балканскиот простор е преполн со такви примери. И нашиот медиум во Косово многу пати бил изложен на слични состојби. Ние цврсто продолживме со нашата уредувачка политика заснована врз професионално однесување. ТВ 21 не е херметичен организам. Таа е отворена, подготвена за соработка, давајќи можност на сите страни за произнесување. ТВ 21 не коментира, нема свој глас. Гласот кој зборува се сите кој што придонесуваат во општеството, граѓаните, гледачите!“, вели директорката.
И додека новите почнуваат со нов елан, постојните се изморени од чекање промени, кои не зависат само од нормативни реформи, туку и од промената на свеста за улогата што ја имаат медиумите во општеството. Дипломатски извори со кои контактираше ДВ, а се упатени во преговарачкиот процес, велат дека меѓународните посредници во разговорите ги сметаат медиумските реформи за клучни во имплементацијата на Договорот и сугерираат тие што побрзо да се најдат на маса на работната група. Во меѓувреме, тврдат дека интензивно тече неформален мониторинг на работата на медиумските субјекти: „За жал, секој ден се повеќе се зголемуваат примерите 'како не треба', па затоа е многу важно таа дебата што поскоро да започне!“