1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Слобода на медиумите

Медиумите во Белорусија под зголемен притисок

Павлук Буковски | Маркиан Остапчук
2 октомври 2020

Белорускиот властодржец Александар Лукашенко ја спречува работата на домашните и странски новинари. На националниот независен интернет портал „tut.by" му се заканува затворање, уапсени се соработници на Дојче веле.

https://p.dw.com/p/3jJig
Weißrussland Minsk Internet-Portal tut.by
Фотографија: Dw/E. Daneyko

Белоруските власти вршат сѐ посилен притисок врз новинарите. Најнов пример е најголемиот независен белоруски информативен портал „tut.by", кој се смета за еден од најважните извори за објективни новинарски информации во земјата – од 1 октомври тој ја загуби лиценцата за следните три месеци. Со тоа тој не може да работи како медиум, а неговите соработници немаат веќе статус на новинари.

Според белорускиот закон за медиуми, секоја веб страница може доброволно да се регистрира како онлајн-медиум. Потоа таа се внесува во регистар како медиумска фирма, а соработниците се признаваат како новинари. Министерството за информации може да затвори ваков медиум доколку постои тужба против редакцијата. На 8 октомври треба да се донесе судска одлука дали порталот „tut.by" дефинитивно ќе го загуби статусот на медиумско претпријатие.

Голем дијапазон

Редакцијата на „tut.by" засега не испраќа известувачи од протестите од безбедносни причини. „До 30 декември, согласно со регулативата на Министерството за информации, веќе немаме статус на медиум, туку сме само веб страница", објаснува Марина Солотова, главен уредник во порталот основан во 2000 година, кој дури од 2019 година се води како медиумско претпријатие.

Бидејќи нејзините колеги немаат веќе новинарски статус, властите можат да ги третираат како демонстранти, можат да бидат уапсени и изведени пред суд. „Нашите новинари нема да можат да известуваат за протестите. Не сакаме да влегуваме во ризик сѐ додека тие не се признати како новинари", истакна Солотова на една прес-конференција на Белоруското новинарско здружение.

Повеќе:

Белорусија: Како функционира пропагандата на Лукашенко?

Зошто Белорусите ги носат своите деца на протестите против Лукашенко?

На опозицијата во Белорусија и треба план

Марија Колесникова: Со насмевка против Лукашенко

Во знак на солидарност со информативниот портал, многу белоруски корисници на Фејсбук постираат фотографии со слоганот „Ние сме ‘tut.by'". Порталот во август, според наводите на интернет- проценувачот „GemiusAudience", достигнал 69 проценти од белоруските интернет-корисници.

„'tut.by' без конкуренција е најголемиот информативен портал во Белорусија со белоруски содржини, со сопствена редакција и политика",  вели Микаил Дорошевич, раководител на непрофитната организација „Балтичка интернет политичка иницијатива" во разговор за Дојче веле. Според медиумскиот експерт, сите други белоруски веб-портали заедно имаат помалку корисници од „tut.by".

Weißrussland Minsk | Proteste gegen die Regierung Lukashenkos
Непожелно известување за масовните протести во земјатаФотографија: TUT.BY/Reuters

„Тактика на задушување"

Во Белорусија сѐ потешко станува извршувањето на работата и за претставниците на странски медиуми. На репортерите на Дојче веле, БиБиСи, РАИ, АРД, ТВ Франс, ЦДФ и други телевизии и весници не им се продолжуваат акредитациите по истек, без оглед на повеќекратните барања, па дури се анулираат и веќе доделените, што оневозможува известување за настаните од меѓународен интерес и значење.

Ова произлегува од соопштение на Европската радиодифузна унија (ЕБУ). „Европската радиодифузна унија најостро ја осудува оваа задушувачка тактика и бара независните јавни медиуми да смеат да ја вршат својата работа", истакнува ЕБУ.

И организацијата „Репортери без граници" го критикува систематското оневозможување на работата на новинарите. Режимот на Александар Лукашенко мора на странските медиуми да им овозможи известување од Белорусија и не смее да ја користи пандемијата на коронавирус како изговор за недоделување натамошни акредитации, велат од организацијата.

Белорусија: 10 дена во притвор за една песна

„Изразуваме исклучителна почит кон нашите белоруски колеги, кои се изложуваат на брутална полициска сила и ризикуваат затворски казни за да ја информираат меѓународната јавност за она што се случува во нивната земја. Техничарите, преведувачи и возачи се изложуваат на огромна опасност кога соработуваат со малкуте преостанати странски репортери", истакнува раководителот на „Репортери без граници" за Германија, Кристијан Мир. На листата на медиумски слободи, Белорусија се наоѓа на 153 место од 180 држави.

Соработник на Дојче веле во затвор

Дојче веле од пролетоска безуспешно се обидува да акредитира дополнителни известувачи и камермани во Белорусија. Акредитацијата на дописникот на Дојче веле, Николас Коноли, кој известуваше од протестите во Минск, истече на 30 септември и без оглед на барањето, не е продолжена.

Главниот уредник на Дојче веле, Мануела Каспер-Клериџ во врска со ова изјави: „Белоруската влада и за време на пандемијата треба да овозможи акредитирање на новинари или продолжување на нивните акредитации. Факт е, за тоа сме сосема свесни, дека властродржецот Лукашенко ја користи пандемијата како изговор за да врши ограничување на слободата на медиумите. На тоа мора да се спротиставиме. Инфомирањето кое го нуди Дојче веле и другите независни медиуми во Белорусија, е исклучително важно за луѓето во земјата и надвор од неа и е високо ценето. Бараме од белоруската влада да се погрижи странските новинари веднаш да ги добијат дозволите за работа."

И белоруските соработници на Доје веле во Белорусија постојано се во визирот на властите. Така, на маргините на една демонстрација на крајот на август, беше уапсена и шест часа држена во притвор Александра Богуславскаја, соработник на редакцијата за руски јазик на Дојче веле. Нејзиниот телефон ѝ беше вратен дури следниот ден. Слободниот соработник Александар Бураков, неколку дена пред претседателските избори на почетокот на август, со неуверлива аргументација беше осуден на десет дена притвор.