Мафијата работи и натаму, но поинаку
23 мај 2012На 23. мај 1992. година, во канализациски канал под автопатот што води од центарот на Палермо за аеродромот, експлодираа 500 килограми експлозив. Од детонацијата погодени беа два автомобила. Тогаш загина најпознатиот и најпопуларен борец против мафијата, истражниот судија Џовани Фалконе, како и неговата сопруга и тројца телохранители.
Како мафијата можела да изведе толку прецизен напад? Градоначалникот на Палермо, Леолука Орландо, вели - мафијата имала помагачи: „Мафијата го спровела атентатот, но кога таа убива судија од рангот на Фалконе, тогаш знае дека има некој во државниот апарат што ќе ја заштити. Мафијата е против државата, но истовремено е и во самата држава. Таа е против банките, а работи внатре во банките. Таа е против црквата и во црквата, против општеството и во општеството. Откако мафијата го уби и судијата Паоло Борселино, се разви граѓанско движење, какво што дотогаш немаше. Поради тој гнев на граѓаните, јас бев избран за градоначалник на Палермо една година подоцна.“
Мафијата стана национален проблем
Двата атентати ја потресоа Италија и ја извлекоа од рамнодушноста. Коза Ностра стана национален проблем. Сестрата на Џовани Фалконе, Марија, вели - атентатите имаа ефект: „Тоа беше како бумеранг за мафијата, зашто со тоа почна се‘. Овој терористички атентат ги натера луѓето да речат - доста е! Под постојаниот притисок на се‘ поогорчените граѓани државата конечно мораше да реагира.“
И државата ја испрати армијата. Тоа беше најголемиот ангажман по Втората светска војна. На Сицилија во одредени моменти имаше по 12.000 војници кои и‘ беа засилување на полицијата, и тоа цели шест години. И истрагата напредуваше. Една година по атентатот е фатен човекот кој стоеше зад него - шефот на мафијата од Корлеоне, Тото Риина. Во годините по атентатите многу нешта се променија. Во училиштата одеднаш имаше нагледна политичка настава во училиштата. Младите учеа што значи да се соработува со мафијата. Некои бизнисмени одеднаш почнаа да се противат да и‘ плаќаат пари на мафијата за „заштита“. Студентите го основаа движењето „Адиопицо“, што во превод значи „Збогум пари за заштита“.
Една од нив е и Кјара Капри, која како петгодишно дете ги преживувала последиците од бомбашките атентати.Таа во меѓувреме пишува книги за мафијата, речиси ги има завршено студиите по медицина и сака да се специјализира за форензична психијатрија, за да ги анализира профилите на извршителите. „Атентатите извршени во тие години го ставија градот во еден вид војна. Иако тогаш бев малечка, експлозијата на автопатот, подоцна убиството на Борселино, тој невиден удар, слушањето на експлозијата, тоа останува за вечни времиња“, вели Кјара.
Се‘ се промени
Палермо во изминатите 20 години се промени. Водечките шефови на мафијата од тоа време се во затвор, прекинати се главните контакти, но сепак - мафија се‘ уште има. „Организираниот криминал се претвори од мафија која пука и извршува атентати во мафија во костум и вратоврска, која се крие во широчините на финансискиот свет. Денес да се бориш против мафијата е помалку опасно, но е потешко“, вели градоначалникот Орландо.
Борбата против мафијата за Марија Фалконе стана животна цел. Таа основаше фондација и ширум земјата организира предавања и средби со учениците на кои им зборува за мафијата и борбата против неа. Често се прашува што всушнст би се случило доколку брат и‘ не би бил убиен, доколку продолжел да работи и натаму: „Ако на своја страна ја имаше државата и имаше општество кое ќе му даваше поддршка, наместо да биде преплавен со завист, обвинувања, сомнежи... Што ќе се случеше во таков случај? Моето прашање е - каде би биле денеска? Можеби Коза Ностра навистина ќе беше поразена.“