1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Матно околу „Јасен“

25 април 2017

Тоа е руинирано командно место, кое може да служи само како засолниште и ништо друго“, велат експерти, по медиумски наводи дека државниот врв планира од воениот комплекс во „Јасен“ да командува со лов на „пучисти“

https://p.dw.com/p/2bqr0
Deutschland Internationaler Tag des Waldes
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Провокации и шпекулации - тоа сe главните карактеристики на периодот во кој се очекува деблокада на демократските процеси во Македонија со избор на претседател на парламентот и состав на нова влада. Неуспехот да се реализира тоа, го „покриваат" настани со провокативен потенцијал. Дрон со карта на „Голема Албанија" се појавил завчера за време на фудбалскиот натпревар меѓу „Шкупи" и „Вардар" во Чаир, идентично како на мечот меѓу Србија и Албанија во 2014 година во Белград. Одговор на ваквата провокација стигна за време на вчерашниот протест на „За заедничка Македонија", од дрон на кој беше закачено знамето на Република Македонија. Пратеникот на ДУИ, Талат Џафери, кој е и кандидат на парламентарното мнозинство за собраниски претседател, вчера бил исвиркан и испратен со навреди кога со возило се појавил на рутата на демонстрантите во центарот на Скопје. 

„Ги осудуваме сите провокации коишто имаат за цел поттикнување меѓуетнички тензии, од кого и да доаѓаат, за какви било интереси и да се направени, вклучително и инцидентот со дрон на фудбалски натпревар во Чаир", реагираше вчера СДСМ.

„Ги повикуваме граѓаните да не потпаѓаат на насилните и потпалувачки сценарија на Никола Груевски и на тесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кои во нив единствено гледаат обид за спас од одговорност за направените криминали. Граѓаните на 11-ти декември покажаа дека се за единство и за заеднички живот и дека ги отфрлаат насилството и конфликтите што ги поттикнува Груевски. Тие и декларираното парламентарно мнозинство нема да дозволат никоj да си игра со мирот и стабилноста на Македонија", се вели во соопштението. 

Galicica Nationalpark in Mazedonien
Фотографија: DW

Неполезен објект

Но, информација што привлече големо внимание, а до синоќа не доби официјална потврда, е дека професорот Оливер Андонов бил поставен за нов директор на Јавното претпријатие „Јасен". Андонов, кој и е познат на јавноста како министер за внатрешни работи со мандат од еден ден, вчера ниту потврди, ниту негира дека ќе директорува со шумскиот резерват, со образложение дека „не знае дали е поставен за директор". Оваа непотврдена информација привлече големо внимание поради фактот што уследи само неколку дена откако неделникот „Фокус" објави дека армиски и разузнавачки тим избран од страна на претседателот Иванов и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пред Велигден ги посетил тамошните воено-инфраструктурни објекти. Според наводите на неделникот, засолништето во „Јасен" требало да му послужи на Иванов за командување со операцијата за апсење на „пучисти" ако СДСМ и партиите на Албанците изберат собраниски спикер и влада. Наводите на „Фокус" до денес не се демантирани ни од АРМ, ни од претседателскиот кабинет, што дополнително ги подгрева шепкулациите во две крајно спротивставени тези: според едната - дека „можеби нешто се подготвува", а според другата - дека на државниот врв му одговара да владее психоза на страв од негови евентуални одлуки.

Подземниот комплекс во шумскиот резерват „Јасен" е изграден по Втората светска војна за потребите на поранешната трета армиска област на ЈНА со седиште во Скопје и наменет за сместување и работа на државната власт и командно место во воена состојба. Дали денес има функционални перформанси за таква намена?  

Mazedonien Gjorge Ivanov und Nikola Gruevski
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

„Денес тоа е руиниран и неполезен објект, а за негова функционалност е потребно големо опремување", вели д-р Благоја Марковски, воено-политички аналитичар.

„Прашање е колку е исплатливо да се вложува во него, поради изменетите услови од времето кога е изграден, во однос на предизвиците денес, особено што Република Македонија не е под надворешна закана. Потребна е современа опрема за врски и командување, комјутерско опремување и други средства. Во моментов, тоа е нефункционално командно место и може да служи само како засолниште и ништо друго", дециден е Марковски. 

Далеку од „чудо"

Министерството за одбрана за прв пат во 2005 година ги отвори за јавноста вратите на тајниот, подземен воен комплекс, кој се наоѓа на дваесетина километри од Скопје на планината Караџица. Таму се сместени неколку објекти за обука и вежби на одбранбните сили и за сместување на државниот врв во време на војна. Се наоѓа на надморска височина од околу 1000 метри, а во него се влегува и излегува преку слични маскирани планински куќи, поврзани со длабоко ископани подземни ходници во должина од околу 700 метри, испрекинати со неколку метални врати. На половина пат е командната просторија на големата скривница, обезбедена со автономно снабдување со вода, електрична енергија, систем за комуникација (соодветен за тогашните услови), филтри за атомско-хемиска и биолошка заштита и можност за сместување на 50 до 100 луѓе на подолго време. Располага и со неколку помошни објекти, меѓу кои пекарница со капцитет дневно да произведе до 500 леба, ладилник за 6 тони месо и магацини. Од некогашна „фама", објектот денес сведочи дека е далеку од „чудо" во одбраната, особено не со стари топографски карти по ѕидовите на командниот центар, пожолтени од забот на времето. Но, во време на раширена психоза за опасност од можни инсценирани инциденти, и тоа е доволно погледот да биде вперен во АРМ.

Mazedonien Skopje - Armee - Regiment für spezielle Operationen
Фотографија: T. Janevski

„АРМ денес ја нема истата идеолошка матрица со ЈНА, која беше задолжена 'за одбрана на уставниот поредок', укажува Марковски.

„Денес уставниот поредок го бранат пратениците во Собранието, а АРМ - територијалниот интегритет на земјата. Владата може да прогласи кризна состојба на одреден дел од територијата на земјата и на одредено време. Ако е загрозена безбедноста, по барање на Владата претседателот може да ангажира дел од АРМ како помош на полицијата, ако таа не може сама да се справи со тоа. Но, Иванов не може да ја употреби АРМ против граѓани на Република Македонија. Исто така, одредби од Законот за служба во АРМ предвидуваат наредбата да не се извршува ако претставува кривично дело. Структури на АРМ не смеаат да се стават во функција на политизација", потенцира Марковски, додавајќи дека за спротивни акти не се одговара кривично само пред домашните судови, туку и пред Меѓународниот суд за правда.