1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска масовно си ги сече дрвјата

Паул Фликигер
13 мај 2017

Активисти за заштита на природната средина протестираат против сечењето дрвја во Полска. И Европската комисија се заканува со тужба.

https://p.dw.com/p/2cruA
Polen Wald von Bialowieza Abholzung
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/M. Fludra

Улицата Фраскати, недалеку од полскиот парламент, беше една од најубавите алеи во Варшава. Бројни дрвја на таа алеа беа стари по стотина години. Во меѓувреме сите се исечени. И еден даб стар  200 години на улицата Мудларска падна под ударот на моторните пили. Тоа го овозможи нов закон, кој стапи во сила на почетокот на 2017 година: на приватните сопственици веќе не им треба ничие одобрение за да пресечат некое дрво. Законот ја јакне приватната сопственост и ја намалува бирократијата, аргуменира министерот за екологија Јан Шишко од национално-конзервативната владејачка партија Право и правда. Со оглед што оваа партија има апсолутно мнозинство во парламентот, овој закон беше протуркан на крајот на 2016 година по итна постапка.

Европската комисија се заканува со тужба

Кога пролетва дрвјата почнаа да листаат, во Полска насекаде се слушаа моторни пили. Во меѓувреме стана помирно, зашто во време кога се гнездат птиците, дрвјата смеат да се сечат само во исклучителни случаи. А дотогаш беше пресечено колку што беше можно. Само во варшавскиот кварт Вавер во првото тромесечје од годинава исчезнаа 1350 дрвја. Заштитниците на природната околина протестираат. Токму во Полска, која маки мачи со смог, се отстрануваат природните регенератори на воздухот во градовите. Во двемилионската Варшава на приватни имоти се наоѓаат 500.000 дрвја.

Дрвјата не се отстранувани само од приватните имоти. Уште поголема бура предизвика сечењето дрвја во Националниот парк Беловешка шума, кој се наоѓа под заштита на УНЕСКО. Министерот за екологија Шишко дозволи таму  да се исечат трипати повеќе дрвја од пропишаното, поради наводна наезда на инсекти-штетници. Тоа е спротивно на европските прописи за заштита на природата, поради што се вклучи и Европската комисија. Ако не запре сечата на шума во Полска, се заканува тужба пред Европскиот суд во Луксембург поради кршење на Договорите на ЕУ. Не е првпат во Брисел да владее незадоволство од однесувањето на Полска кон заштитата на природата. 

Polen Wald von Bialowieza
Националниот парк Беловешка шумаФотографија: Getty Images/AFP/J. Skarzysnki

Министерот за екологија во лов

Но, се чини дека полскиот министер воопшто не е загрижен. Јан Шишко често предизвикува запрепастеност. Само неколку дена по преземањето на должноста, од името на своето министерство го избриша зборот „заштита“ - тоа не се вика веќе Министерство за заштита на околината,  туку само Министерство за околина.

Шишко беше приктикуван и поради дозвола за лов на бизони. Станува збор само за „болни или агресивни“ животни, тврдеше подоцна министерот. Понекогаш тој наидува на отпор на локално ниво. На подрачјето на Мазурија одборот за екологија го одби барањето на министерот за посебна дозвола за лов на елени. Министерот тврдеше дека елените јадат премногу фиданки и затоа треба да се намали нивниот број.

Одмазда во градината?

Шокираноста поради министерот беше посебно голема зимоска, кога медимите известија за неговото учество во лов на фазани. Околу 500 фазани, кои припаѓаат во групата загрозени видови, беа одгледани за кога ќе пораснат, да бидат пуштени во природа. Кога беа пуштени, Шишко беше на лице место  - со пушка в раце!

Тоа го разлути и противникот на лов, Јарослав Качински. Шефот на партијата Право и правда бараше промена во законите за екологија, кои овозможија масовна сеча на дрвја на приватни имоти, но министерот за екологија не го гибаше.

Законот уште еднаш треба да биде разгледуван во парламентот. Се очекуваат козметички промени. Полските активисти за заштита на природната средина пак дејствуваат сѐ порадикално. Непознати лица упаднале на приватниот имот на министерот во западна Померанија и засекле триесетина елки. Министерот ова го нарече „најлош вандализам“, додека полицијата тврди дека е ова протестна акција.