Масакрот во Пешавар - резултат на погрешните политики
16 декември 2014Со месеци пакистанските воени претставници, вклучително и армискиот шеф Рахил Рариф, тврдеа дека воените операции против талибанците на северозападот на земјата се многу успешни во уништувањето на упориштата на милитантите. Но, нападот на талибанците врз училиштето во Пешавар кажува сосема поинаква приказна. Според последните информации, по шестчасовни борби, пакистанските воени сили конечно успеаја да ја преземат контролата врз училишните згради, но последиците се ужасни: најмалку 126 загинати, меѓу нив 84 деца, како и шестемина напаѓачи.
Одговорноста за нападот ја презема исламистичката Техрек-е-Талибан Пакистан (ТТП) која на овој начин се одмаздува за нападите на пакистанската армија врз нивните упоришта. Атентаторите влегле во училиштето рано утрото и започнале да пукаат врз сѐ што се движи. Според портпарол на талибанците, атентаторите, од кои дел биле и бомбаши самоубијци, имале задача во военото училиште да ги ликвидираат сите постари ученици, но не и децата.
Талибанците не се уништени
Омар Хамид, политички аналитичар од Лондон, вели за ДВ дека училиштето претставувало ткн. „мека цел“, која директно ја погодува пакистанската армија. „Како што кажа и портпаролот на талибанците, тие сакале армијата да почувствува болка“, вели Хамид.
Максуд Ахмад Џан, аналитичар од Чарсада во близина на Пешавар, вели дека и покрај тековните воени операции во Северен Вазиристан, во близина на границата со Авганистан, талибанците се уште имаат капацитет да организираат големи напади. „Мислам дека ниту една армиска офанзива не може целосно да ги елиминира исламистите. Тие само ги менуваат позициите“, вели Џан.
Од јуни годинава имаше релативно затишје во терористичките напади во Пакистан, откако армијата започна голема офанзива во регионот на Вазиристан. Армијата тврди дека уништила бројни талибански и про-Ал Каеда групи во регионот и елиминирала повеќе од 1100 милитанти.
„ТТП е ослабена, но се’ уште има потенцијал да изведува вакви напади. Веројатно за нив ќе биде потешко да изведуваат напади подалеку од нивниот регион на операции, но Пешавар им е многу пристапен и претставува очигледна цел, со оглед на тоа што и седиштето на армиските операции е тука“, вели Хамид.
Аналитичарот Абдул Ага вели дека токму армијата е одговорна за силата на ТТП. „Тие поддржуваат бројни милитантни групи. Владата ги напаѓа само оние милитантни групи кои ќе се свртат против државата или кои не се согласуваат со владините долгорочни политики во однос на Авганистан. Пакистан сака да елиминира дел од овие групи, но и да зачува еден дел за во иднина“, објаснува Ага.
Без промени во политиката
Во минатото, армијата започна повеќе офанзиви против талибанците, но тие се’ уште се активни на повеќе територии. Ага вели дека владата во Исламабад никогаш немала јасна стратегија за пресметка со терористичките организации, затоа што пакистанскиот естаблишмент се’ уште ги смета исламистичките екстремисти за важен сојузник. Исламабад сака да ги искористи талибанците во Авганистан по повлекувањето на НАТО од земјата, а армијата во исто време се надева дека преку нив ќе си го врати влијанието во Кабул кое го уживаше пред инвазијата на САД во 2001 година.