1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Марти: На Балканот му требаат вистини

28 јануари 2011

Дик Марти за Дојче веле оценува дека собирањето на потписи против неговиот извештај е манипулација. Парламентарецот смета дека Македонија треба да ја каже вистината за случајот со Калед ел Масри.

https://p.dw.com/p/106PW
Дик МартиФотографија: AP

Известувачот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, швајцарскиот парламентарец Дик Марти не отстапува од она што го изнесе во извештајот за наводните обвинувања за трговија со човечки органи на Косово.

Балканот никогаш нема да има спокојна и конструктивна иднина, ако таа се гради врз недоречености и полувистини

Запрашан, дали усвојувањето на овој извештај може да се одрази врз Македонија и врз другите земји од регионот, за да се дознае целосната вистина за тоа што се случуваше за време на конфликтите, Марти одговара: „Не знам, но мислам дека резултатот од гласањето беше јасно изразување на волјата, во најмала мерка на волјата на парламентарците да дојдат до вистината. Стануваме свесни и сите мои колеги станаа свесни, дека во регионот нема да има никогаш спокојна и конструктивна иднина, ако таа се гради врз недоречености, полувистини... Полувистините знаете дека се најлошите лаги. Во интерес е на сите од регионот да се заврши работата со барањето на вистината, тоа според мене е апсолутно неопходниот услов за да има вистинско помирување.

Длабоко погледнато, Балканот е регион кој го сметам за фантастичен, не само поради пејсажите и географијата, туку и поради историјата и културниот плурализам. Регионот има многу големи адути и може да и даде многу на Европа. Јас мислам дека вистината не може да биде наметната од надвор. Потребно е да се мобилизира локалното граѓанско општество. Само луѓето од Балканот се тие кои на крајот ќе ја изградат нивната иднина.“

NO FLASH Plenarsaal des Europarats NO FLASH
Фотографија: PPCOE - sa

Слабите политичари секогаш бараат надворешни непријатели

За собирањето на потписи против неговиот извештај, кој беше усвоен од ПС на СЕ со огромно мнозинство, акција која беше спроведена и меѓу албанското население и албанските политички партии во Македонија, швајцарскиот пратеник вели: „Мислам дека тоа е манипулација. Јас немам ништо против тие луѓе. Би сакал да се сретнам со нив и да им објаснам. Но, се сомневам дека лицата кои го потпишаа овој документ, навистина го прочитаа извештајот. Слабите политичари секогаш бараат надворешни непријатели за да можат да ја потврдат нивната власт во земјата. Мислам и стравувам дека се случува токму ова.“

Времето ќе покаже дека Марти повторно бил во право

Дик Марти е убеден, дека времето ќе покаже, оти и сега во случајот со сомневањата за недозволената трговија со човечки органи на Косово, како и при објавувањето на неговиот извештај за тајните активности на американската тајна служба ЦИА во државите членки на Советот на Европа, дека тој е во право. Тој тогаш ја покажа со прст Македонија во случајот со Калед ел Масри, телеграмите објавени од Викиликс зборуваат дека Марти бил во право.

Македонија нема да ја изгуби честа ако ја каже вистината за Ел Масри

Khaled el Masri wurde von der CIA entführt
Калед ел МасриФотографија: AP

На нашето прашање, дали Македонија треба да го расчисти овој случај, откривајќи навистина што се случило, Марти нагласува: „Сметам дека во сите демократски земји владата треба да ја кажува вистината. Тоа што се случи со Ел Масри, мислам и сигурен сум дека треба да се бара вистината. Најнапред во знак на почит на Ел Масри кој е невин и ништо не направи, а беше затворен и депортиран во Авганистан, кој не доби ниту едно евро отштета и имаше многу лични проблеми. Мислам дека е апсолутно потребно да се дознае вистината. Сметам дека Македонија нема да ја изгуби честа ако ја каже вистината. Напротив, таа ќе биде обожувана во цела Европа ако има храброст да работи во корист на вистината. Но многу европски земји одбиваат да работат на барањето на вистината“, завршува со жалење известувачот на ПС на СЕ, швајцарскиот пратеник Дик Марти.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска