1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Марионета во служба на премиерот од сенка?

Роберт Шварц
23 декември 2016

По сѐ изгледа нова романска премиерка ќе биде муслиманката Севил Шајде. Тоа што за мандатарка ја именуваше Социјалдемократската партија, е целосно изненадување.

https://p.dw.com/p/2UkYa
Rumänien Sevil Shhaideh
Фотографија: Reuters/O. Micsik

Очекувано беше дека шефот на социјалдемократите Ливиу Драгнеа за премиер ќе предложи кандидат кој му е лојален и тоа не го очекуваше само либерално-конзервативната опозиција. Тој самиот не можеше да се кандидира за премиер, затоа што е осуден на условна казна затвор од две години поради крадење на гласови на референдум. За да го оствари тоа го спречува законот од 2001 година кој го усвои тогашната социјалдемократска влада. И романскиот претседател Клаус Јоханис, уште пред самите избори, јасно стави до знаење дека ќе го почитува законот и ќе го одбие именувањето на Драгнеа.

Предлогот на Социјалдемократската партија на Романија (ПСД) е повеќекратно изненадување. Со Севил Шајде на функцијата премиер во Романија за првпат доаѓа жена. И за првпат тоа е припадник на муслиманско-татарското малцинсто, од регионот Добруџе на Црното море. Откако на изборите пред две години беше избран претседател од редовите на германското малцинство, ова секако е уште еден знак дека интеркултуралностае жива во југоисточната европска земја, членка на ЕУ. Барем така изгледа на прв поглед.

Rumänien Liviu Dragnea
Ливиу Драгнеа, иден „премиер од сенка“?Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Ghement

Предизборната кампања на социјалдемократите и нивните сојузници со нацоналистички и популистички пароли против „продажбата“ на Романија од страна на „странски“ политичари креираше општественото расположение - со таргетирани клевети и потенцирање на етничката и религиозната припадност на претседателот (Јоханис е припадник на германското малцинство и е протестант). За премиерот и поранешен комесар Дачијан Чолош (чие друго име Јулиен исто така не е изворно романско) се говореше дека работи на „далечински управувач на Брисел“. Гласачите беа повикани да гласаат „романски“. Паролите гласеа дека само ПСД може да ја спаси Романија од странско влијание. Семето никна на парламентарните избори на 11 декември – социјалдемократите победија убедливо.

Polen Warschau Klaus Johannis, Präsident Rumänien
Клаус Јоханис, претседател на РоманијаФотографија: Getty Images/S. Gallup

Педесет и две годишната Севил Шајде не е сосема непозната. Таа со години беше на чело на кабинетот на т.н. „регионален барон“, претседателот на широкиот округ во пристанишниот град Констанца, Никушор Константинеску. Поради корупција и злоупотреба на службената положба тој беше осуден на петгодишна затворска казна. Подоцна Шајде беше државна секретарка во министерството за регионален развој, на чие чело беше Ливиу Драгнеа. Поради обвинувањата за манипулација со изборните резултати тој мораше да се тргне од функцијата, а на негово место дојде Шајде и остана на функцијата сѐ до падот на владата на Понта во ноември 2015 година.

Мала информација од личниот живот на Севил Шајде, која не е без политичка контроверзност и влијание: Константинеску и Драгнеа во 2011 година беа нејзини венчани кумови, кога таа се омажи за сириски бизнисмен кој живее во Романија.

Изненадувањата продолжувааат: Шефот на ПСД, Драгнеа најави дека Севил Шајде е само привремено решение, бидејќи тој самиот не може да ја извршува премиерската функција, поради „многу неправедната пресуда“. Со тоа стануваат јасни неговите следни чекори: со помош на мнозинството во парламентот, кое го сочинуваат пратениците на ПСД и коалициониот партнер АЛДЕ, тој може да го смени законот кој го спречува да застане на позицијата шеф на влада. Опозицијата не е единствена која во Севил Шајде виде марионета во служба на „премиерот од сенка“ Драгнеа.

Претседателот Јоханис засега нема причина да го одбие предлогот на ПСД и да се спротивстави на именувањето на премиерката. Но, од него и од граѓанското општество во Романија ќе зависи дали Драгнеа, во една правна држава, ќе успее да се етаблира како премиер.