Мануел Валс - остар говорник со претседателски амбиции
6 декември 2016Кога двајца француски новинари ја објавија книгата „Претседателот не би смеел да го каже тоа“ во која се цитираат навреди на Франсоа Оланд кон судии, фудбалери и откривање на државни тајни, премиерот Мануел Валс веќе не можеше да ги сокрие „срамот“ и „гневот“.
Реткиот напад на Валс кон својот многу непопуларен шеф во октомври се случи во моменти кога владејачката француска Социјалистичка партија се обидуваше да формира обединет фронт во пресрет на претседателските избори следната година.
Во понеделникот, Валс ги прекина повеќенеделните шпекулации и соопшти дека ќе биде кандидат на социјалистите откако Оланд се откажа од барањето втор мандат.
Валс сега мора да се дистанцира од непопуларното претседателство на Оланд во чие време, тој како премиер предводеше реформи за либерализација на пазарот на трудот и даваше остри изјави за право и поредокот - со што предизвика длабоки поделби во самата партија.
Дури и ако успее да ја обедини партијата и да се дистанцира од наследството на Оланд, анкетите предвидуваат дека во втората рунда на претседателските избори напролет ќе се води битка меѓу радикално-десниот Фронт Насионал на Марин Ле Пен и конзервативниот кандидат Франсоа Фијон.
И покрај тоа, Валс вели дека е подготвен за претстојната битка.
„Имам сила во мене, желбата да и служам на мојата земја“, рече Валс откако ја објави кандидатурата.
На премиерската функција дојде во 2014 година, откако претходно си изгради имиџ на непоколеблив „полицаец“ во министерството за внатрешни работи.
Неговиот директен стил и критиката кон „светите крави“ на Социјалистите, како што е 35-часовната работна недела, му донесоа поддршка од оние кои сметаат дека партијата треба да биде поцентристичка и про-бизнис, но и одбивање од традиционалните левичари.
Но, Валс смета дека може да ја обедини партијата.
„Во обидот да го натерам моето политичко семејство да се развива понекогаш користев остри зборови, отворав дебати, недоразбирања. Но тоа е левицата. Има дебати и контроверзи. Но секогаш ги поддржував колективните одлуки“, рече Валс.
„Мојата кандидатура е кандидатура на усогласување и помирување“.