Мамутски процес против осомничени пучисти во Турција
1 август 2017Пред суд во Анкара се изведени околу 500 обвинети, кои се товарат специјално за настаните во воздушната база Акинчи, од каде наводно бил координиран обидот за соборување на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Процесот се одвива под огромни мерки за безбедност во специјално изградена судска сала во затворот Синчан.
При пристигнувањето, осомничените пучисти беа пречекани од гневна толпа, која ги навредуваше, извикувајќи: „Мачениците не умираат, нацијата нема да биде поделена“. Некои демонстранти фрлаа бесилки кон обвинетите во полициска придружба, извикувајќи: „сакаме смртна казна“ и „сите вие ќе платите“.
Обвинети се 486 лица, од кои 18 се на слобода, а седуммина се во бегство. Меѓу обвинетите, на кои им се суди во отсуство, се и исламскиот проповедник Фетула Ѓулен и теолошкиот доцент Адил Оксуз. Ѓулен, кој со години живее во егзил во САД, е обвинет дека е главен организатор на обидот за државен преврат од 15 јули 2016 година; Оксуз, т.н. имам на ѓуленистичкото движење во воената авијација, во ноќта на пучот наводно во базата Акинчи, тогашниот главен штаб на бунтовниците, ја имал командата. Оксуз беше уапсен на 16. јули во близина на базата, но наскоро беше пуштен на слобода. Обвинети се исто така и поранешниот командир на воената авијација Акин Озтурк и бизнисменот Кемал Батмаз, на кои исто така им се припишува раководна улога во планирањето и изведувањето на обидот за пуч. Многумина од обвинетите се веќе обвинети и во други претходни процеси.
Пучистите ноќта на 15. јули го зеле како заложник началникот на генералштабот на турската армија Хулуси Акар во Акинчи, додека борбени авиони Ф-16 ги бомбардираа зградите на парламентот, главната централа на полицијата и штабот на специјалните сили за безбедност. Беа убиени околу 250 луѓе, а пучот пропадна откако десетици илјади луѓе излегоа на улиците и им се спротиставија на пучистите. Ердоган постапува свирепо против можните приврзеници на Ѓулен. Во затворите се наоѓаат преку 50.000 луѓе поради наводни врски со движењето Ѓулен.