1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малите хидроцентрали ја уништија природата во Карпатите

П. Туцек/Б. Георгиевски2 октомври 2014

Поради изградбата на голем број мали хидроцентрали, драматично опаѓа нивото на реките во регионот на Карпатите во Романија. Локалните жители и еколозите се жалат дека властите воопшто не водат сметка за природата

https://p.dw.com/p/1Cw1e
Фотографија: DW

Реки богати со риби, обраснати брегови и многу простор за прелевање на водите - тешко е да се замисли подобра животна средина за видрите. Сѐ уште има вакви места тука, на југот на Карпатите, регион во Романија кој е особено ценет од риболовците.

Овидиу Михуц тука на реката Капра уште од детството лови пастрмки; поточно кажано - ловеше, бидејќи во меѓувреме речното корито во долниот тек на реката многу се промени.

Donaudelta
Фотографија: Kyle James/DW

Нивото на водата опадна поради хидроцентралата. Преостаната вода во реката сега премногу се загрева бидејќи нема доволно кислород, а рибите се гушат.

„Останаа само 5 проценти од претходното количество вода. Во 2010-та оваа хидроцентрала беше едноставно варварски поставена тука во природата. Речното корито сега е многу стеснето, приклештено, а тешките машини овде уништија сѐ“, објаснува риболовецот Овиду Михуц.

Интерес кај инвеститорите

Сето тоа со поддршка на државата и во европска заштитена природна област која ѝ припаѓа на мрежата Натура 2000. Низ долги цевки, речната вода се спроведува до турбини кои произведуваат енергија. Тоа би можело да се смета за еколошки метод, да не беа изградените седум хидроцентрали само на оваа река.

Стрмноста на дивите потоци е она што ги привлекува инвеститорите во овој зафрлен регион. Локалните жители сега мора да се помират со фактот дека старите поила за нивните стада пресушија поради градежниот бум.

„Очигледната врска меѓу власта и приватните инвеститори го наметнува прашањето: дали тука се работи за негрижа, за лоши намери или уште полошо, за корупција?“, се прашува Михуц.

Mini-Wasserkraftwerk in den Karpaten
Мала хидроцентрала во регионот на КарпатитеФотографија: Oleksij Waseljuk

Бесмислици, велат во надлежното министерство во Букурешт, каде се гордеат со користењето на обновливи извори на енергија. Сите специјални дозволи за јужните Карпати биле издадени регуларно.

„Се придржувавме до законот, дури испративме и извештај до ЕУ, во кој Техничкиот универзитет за градежништво утврди дека нема битни последици за природната околина. Ние постојано ги надгледуваме подрачјата и инвестициите, и можам само да потврдам дека нема последици“, тврди Георге Константин од Министерството за животна средина на Романија.

Нема крај за субвенциите

Па така и натаму ревносно се субвенционира и се гради. Владата и приватните инвеститори укажуваат на предноста од добивањето на енергија без емисии на јаглерод диоксид и дека опаѓањето на рибниот фонд во реките се должи на други еколошки причини. Само во последните 2 години, според експертите, пред сѐ во јужните Карпати се изградени или се градат 550 мали хидроцентрали.

„Доколку погледаме како Романија се снабдува со енергија, ќе видиме дека целите во поглед на обновливите извори веќе се постигнати. Романија одамна произведува повеќе зелена енергија одошто е потребно, а воопшто немаме капацитети да извезуваме струја. Во моментов не постојат економски аргументи во прилог на вакви инвестиции, бидејќи се уништуваат токму реки кои досега беа негибнати“, вели Чиби Маго од еколошката организација ВВФ Романија.

Rumänien Insel Simian Autor Paul Tutsek
Репортерот на ДВ, Паул Тутсек на работна задачаФотографија: DW

Владата сега вети дека уште еднаш ќе ги преразгледа своите планови - иако со една студија беа дефинирани 4.000 нови потенцијални локации за мали хидроцентрали.

„Морам да се прашам: дали ние риболовците, Романците, сме виновни за тоа што дозволивме да се случи вакво нешто? Сѐ се одвиваше пред очите на властите кои не покажаа волја да го спречат таквиот развој на настаните. Мораме ли ние, граѓаните, сега да преземеме нешто против тоа?“, вели Михуц.

Риболовецот Михуц сака да ги поштеди другите реки и потоци во еден од последните диви предели во Европа да не ја доживеат судбината на Капра.