1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон треба итно да почне со маршот

Барбара Везел
19 јуни 2017

Движењето и партнерите на францускиот претседател по вчерашните избори ќе имаат околу 360 од 577 места во парламентот. Но, на Емануел Макрон ќе му биде тешко да ја реформира Франција, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/2euCu
Frankreich Parlamentswahlen Emmanuel Macron
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Huguen

Тој стана симбол на вистински политички среќко, секако, без да му се одрекува силниот инстинкт, брзиот ум и способни советници. Никогаш досега почетокот на некој француски претседател не бил толку бомбастичен. Изборот на кабинетот, во кој се најдоа политичари од различни ориентации, првиот настап на меѓународната политичка сцена и најпосле, огромниот успех на изборите за националниот парламент, му паднаа в раце како зрел грозд, зашто беше во вистинско време на вистинско место. Би можело да се помисли дека Емануел Макрон е чудотворец.  

Дрвјата не растат на небо

Сепак, анкетите предвидуваа уште поубедлива победа, преку 400 пратенички мандати, што би значело двотретинско мнозинство и потоп на целокупната конкуренција. Тоа не се случи. Макрон освои комотно апсолутно мнозинство, кое ќе му ги олесни годините во Елисејската палата. Додуша, бројот центристи кои ќе седат во парламентот е толкав, што меѓу нив одвреме-навреме ќе има жестоки кавги. Јасно е дека Макрон од Французите не доби бланко поддршка да прави што сака - и тоа е некоја порака.

Другата се крие можеби во податокот што на избори излегоа помалку од половината гласачи, алармантен податок. Навистина, сонцето вчера беше примамливо и повикот на плажите за многумина беше неодолив. Покрај тоа, Французите се навистина заситени од политиката, ова беше четврти пат да се повикани на гласачките места. Не е ништо чудно што по возбудливите претседателски избори, сега интересот опаѓа. Освен тоа, анкетите укажуваа на триумфална победа на Макронистите, што обесхрабри бројни гласачи од другите партии.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Шарен збир во парламентот

Во француската политика никој досега немал толку блескав почеток, но со тоа расте и потенцијалот за хаос. Во Макроновото сѐ уште нескротено пратеничко стадо има многу политички новајлии и кариеристи, премногу такви кои можеби би можеле да му го загорчат животот на претседателот, кому главно и му го должат својот мандат. Тој ќе мора да ги поучи на пратеничка дисциплина. Освен тоа, движењето Републиката во движење мора да стане партија. Тоа тешко ќе оди без кавги и во тие превирања некои пратеници би можеле да му свртат грб на Макрон.

Старт во политичкото секојдневие

По уште едно неделно славје, Макрон од денеска го чека политичкото секојдневие. Младиот претседател нема веќе зошто да ги убедува Французите во своите лични квалитети, туку мора да ги убеди во своите планови и реформи. А тоа со тврдоглавите Французи обично оди тешко. Секоја власт во последните децении порано или подоцна падна на тој испит: или капитулираше пред уличните немири и генерални штрајкови или своите реформски идеи ги разводнуваше до непрепознатливост, како што направи злосреќниот Франсоа Оланд.

Емануел Макрон не смее да си дозволи дефанзива. Неговиот углед и успех зависат од тоа дали ќе ја модернизира земјата и ја раздвижи економијата. А тоа пак зависи од тоа дали ќе ги убеди своите сонародници да не одат на барикади кога ќе им одземе дел од социјалните права. Претседателот ќе мора да бара баланс меѓу греењето на државно огниште, што ја гуши иницијативата и конкурентноста, и студениот слободен пазар, кое во Франција никогаш не доби поддршка од мнозинството граѓани.

Во суштина, станува збор за социјално-либерални реформи кои како ѓаволска работа се проколнувани подеднакво од тврдите левичари, преживеаните социјалисти и екстремните десничари од Националниот фронт. Како бајрактари, во таа борба повторно ќе настапат тврдолинијашите меѓу синдикалците. Тоа за претседателот, уште летово, ќе биде првата голема проба и показател дали може да го одврзе или пресече Гордиевиот јазол. 

Infografik Parlamentswahl Frankreich Sitzverteilung mazedonisch

На Макрон му се потребни брзи успеси

По изборните победи, претседателот доби доверба на вересија. Но, трпението е лесно расиплива стока, нему ќе му бидат потребни брзи успеси, првенствено на пазарот на труд. Можеби ќе помогне доброто расположение кое завладеа во француската економија по долгогодишната депресија и тоа што кај Французи од сите старосни возрасти одеднаш се враќа надеж дека и од нивната земја може да биде нешто.

Емануел Макрон мора тоа добро расположение да го насочи кон конкретни работи, мора од надежта да создаде шанси и веќе наесен да излезе со први резултати. Во спротивно, одушевувањето на избирачите би можело да се претвори во нов бран заситеност од политика и во радикализација. Претседателот, неговиот кабинет  и пратениците мораат да го оправдаат името на своето движење: „Напред!“ (или „Марш!“) и да почнат марш со брз чекор.